Зошто е важен трансферот на Погба?

Зошто е важен трансферот на Погба?

Новата сезона започна, а по една малку поголема пауза се враќаме на работа и повторно продолжуваме со нашите анализи за клубот и следење на сите актуелности околу него. Ставовите искажани, како и секогаш, ќе бидат од аспект на тоа како ние како фанови ги перцепираме, па затоа пофалбите, како и критиките ќе бидат неизоставен дел од нашите анализи.

Летниот трансфер рок е во полн ек и навлезе во последните две седмици, а ние веќе ја завршивме навидум целата работа околу трансферите. Ви се верува? Пред три години на Deadline Day гледавме како Фелаини се поздравува со колегите од Евертон пред неговиот трансфер во Јунајтед за сеуште неверојатна сума од 27 милиони фунти, додека летово сеуште Венгер не знаеше дали трансфер буџетот ќе му биде 28 или 30 милиони фунти, ние веќе ги имавме најдобрите играчи од француската Лига 1, Серија А, Бундес Лигата и еден од најталентираните млади дефанизвци во светот. Not bad, eh?

Исто и јас, како и вие, освен за Златан, најмногу бев возбуден за доаѓањето на Пол Погба, но не само заради тоа што конечно купивме играч од средниот ред од светска класа или дека тој е најскап во светот, туку и покрај овие причини, трансферот на Погба дополнително разјасни некои работи кои Јунајтед толку многу се трудеше повторно да ги воспостави. Кои се тие?

Транзицијата не заврши, но главниот дел е готов.

Јунајтед сеуште заздравува пост-Ферги, тоа е непобитен факт и транзицијата која веќе четврта година е во тек, нема да заврши после овој преоден рок или по крајот на сезоната, туку ќе потрае уште некое (кратко) време, но мораме да признаеме дека конечно тимот го добива својот лик онака како што Мурињо посакува. Досега, купивме четворица нови играчи и полека се ослободуваме од оние на кои менаџерот нема да смета следната сезона, но факт е дека сеуште сме куси во некои делови на тимот.

Знам, ќе речете овој преку леб бара погача, ама ќе ви одговорам дека не е така. Недостасува уште еден централен дефанзивец, десен бек, крилен играч и играч од средината. Оваа сезона најверојатно ќе мора да продолжиме со моменталниот ростер, но ако се има предвид дека Рохо и Џонс не се на нивото потребно за еден играч на Јунајтед, Дармиан по се изгледа не е во плановите на Мурињо, а Фосу-Менсах е сеуште доста млад, повеќе од јасно е зашто дефанзивната линија ќе треба дополнително да се засили. Потоа, со заминувањето на Швајнштајгер и заминувањето на Керик следното лето, повторно ќе се отвори мала дупка во средината која ќе треба да се пополни, а несигурната иднина на Ешли Јанг и непостојаноста на Мемфис, потребата за крилен играч ја прават се поочигледна.

Костурот на екипата е формиран, сега останува само тој да се надгради.

Јунајтед е мудар играч на трансфер пазарот

Пак ќе повторам, ви текнува на трансферот на Фелаини и на лажните адвокати што дојдоа да помогнат при првиот неуспех со трансферот на Ерера, на траснфер-сагите со Тијаго и Видал. Сигурен сум дека одговорот е да, лоши мемории кои сакаме длабоко да ги потиснеме во потсвеста и да се надеваме дека трајно ќе ги избришеме од сеќавањето.

Трансферот на Пол Погба навистина на крајот се развлече и изгледаше како вистинска сага, исполнета со разно разни шпекулации и невистини кои на крајот можеби отсликаа една лоша слика за некои аспекти од трансферот. Еднаш кажав и пак ќе повторам, ЈУНАЈТЕД ИСКОЧИ КАКО ПОБЕДНИК од овој трансфер. Зошто? Затоа што сумата која навистина беше платена за Погба беше 89 милиони фунти, а не фамозните 110м кои најчесто се спомнуваа. Хонорарот за агентот Раиола на крајот го плати Јувентус, заедно со данокот за него и најверојатно неговиот поранешен клуб ќе ја плати и недвижноста во која Погба ќе живее во Манчестер. Ваква сума за играч од светска класа, со маркетиншки потенцијал поголем од оној на Кристијано Роналдо на неговата возраст, кој сеуште не го достигнал својот зенит и кој во своите нозе има уште 10-тина сезони на највисоко ниво, трансфер сумата за Погба не изгледа воопшто претерано висока, особено што живееме во време во кое Вотфорд одбива 30 милини фунти за Трој Дини и 38 милиони за Игало, а Џон Стоунс вреди преку 50 милиони фунти.

Почнува новата ера во формирањето на цените на играчите

Знаете што си викаат на пр. Атлетико Мадрид сега – „Ако Погба вреди 90 милиони, тогаш Гризман вреди најмалку 80м, а Коке 60м“, или Евертон, кој бара 75 милиони фунти за Лукаку, а за истата сума Наполи го продаде 29-годишниот Игуаин на Јувентус. Не сакам ни да помислам колку ќе бара Леви за Кејн. Тоа е оној домино ефект кој ќе го предизвика трансферот на Погба и дополнително ќе ги зголеми и онака нереално високите суми кои клубовите ги бараат за своите играчи.

Реал Мадрид со своите Галактикоси го создаваше тој ефект, Манчестер Сити откако се „замастија“ со нафтата и во неколку наврати и Челзи, во времето на првиот престој на Мурињо во Лондон.

Јунајтед повторно е моќен играч на трансфер пазарот

Не дека не бевме и порано, но сега навистина почнавме да ги користиме средствата кои ги акумулиравме сиве овие години, во вистински правец, на вистински играчи во вистинско време. Не е лесно да му одземете трансфер мета на Реал Мадрид, најчестото сценарио во минатото беше токму тоа, Реал влетуваше со висока понуда за играчот, без многу тактизирање и најчесто го добиваше тоа што го сакаше. Но, не со Погба. Покажавме зрелост и решителност која на крајот резултираше со успех.

Имаме огромни парични средства на располагање, менаџер кој знае што му е потребно, Вудвард изгледа полека го испече мудрото играње на пазарот, па затоа секој оптимизам за во иднина е оправдан и очекуван.

 

Долгогодишен фан на Јунајтед, со посебен интерес за историјата на клубот. Најмногу активен со аналитички текстови на сајтот.

Коментари

коментари