Триумф за отворање на сезоната, Тотенхем поразен на Олд Трафорд

Триумф за отворање на сезоната, Тотенхем поразен на Олд Трафорд

Манчестер Јунајтед го совлада Тотенхем на Олд Трафорд во првиот натпревар од сезоната во англиската Премиер Лига, просечен перформанс од избраниците на Ван Гал со ветувачки дебија на новите играчи.

Сезоната започна, а Манчестер Јунајтед ги освои првите бодови. Тотенхем беше совладан на Олд Трафорд со автоголот на Кајл Вокер. Капитенот Руни и неговите соиграчи беа поставени во иста формација како и на мечевите од турнејата во САД со што единствената измена беше Серхио Ромеро помеѓу стативите.

Во првиот дел од натпреварот лондонскиот клуб започна подобро со што во почетните минути го имаше поседот на топката и Ериксен ја имаше првата шанса на натпреварот. Данецот се избори за ситуација очи во очи со Ромеро, но тој го префрли целиот гол на Аргентинецот. Кејн беше заслужен за шансата на Кристијан каде со одличен пас го пронајде Данецот. Тоа впрочем беше и единствената шанса за Тотенхем во првиот дел по што следеше консолидирање во редовите на нашиот клуб и подобра поставеност како и гол. Хуан Мата пресече пас на средината од теренот со што се отвори контранапад преку Депај кој го пронајде Јанг, Англичанецот веднаш го пронајде Руни кој додека се позиционираше да шутира Вокер ја смести топката во својот гол при обид да ја расчисти опасноста. Откако постигнавме гол ја стабилизиравме играта и поседот на топката со што мирно го сведовме мечот до полувремето.

Второто полувреме беше слично на првото со што не искористивме неколку шанси меѓу кои Ешли Јанг, Мата и Руни беа непрецизни или Ворм беше поуспешен. Мајкл Керик во 60 – та минута беше заменет со Бастијан Швајнштајгер кој откако влезе во игра покажа дека се работи за искусен играч од средината на теренот кој ги контролираше останатите. Сето тоа беше солидно, но во последните десет минути од мечот Тотенхем жестоко напаѓаше по голот на Серхио Ромеро и се обидуваше да стигне до израмнувачки погодок. Аргентинецот иако досега немаше одиграно ниту една минута во нашиот дрес се покажа одлично со што имаше неколку одлични интервенции и му донесе победа на нашиот тим. Ромеро ги одбрани ударите на Кејн и Ерикесен кои беа директна опасност, Серхио реагираше рефлексно и се покажа одлично. Тотенхем и покрај нападите не успеа да постигне гол, благодарејќи на одличните Ромеро, Дармијан и Смолинг.

XI: Де Геа, Дармијан (Валенсија), Смолинг, Блинд, Шо, Шнајдерлин, Керик (Швајнштајгер), Мата, Јанг, Депај (Ерера) и Руни. (4 – 2 – 3 – 1)

Денеска одигравме просечен натпревар каде издвојувавме победа, но повеќе од сигурно можевме многу подобро. Во првите неколку минути средината играше под своите можности, а потоа се консолидираше. Најдобар играч на денешниот меч беше Крис Смолинг кој фантастично се соочи со најдобриот млад англиски напаѓач, Кејн како и останатите играчи на Тотенхем. Англичанецот беше неверојатен, успешно ја контролираше одбраната и беше лидер на истата. Матео Дармијан исто така беше одличен, Италијанецот беше на висината на својата задача во одбраната и нападот. Депај беше солиден како и Шнајдерлин кои се очекува да играат сè подобро како одминува сезоната.

Во првиот меч од сезоната најбитни се бодовите и триумфот со кој се зголемува самодовербата на играчите. Победа без примен погодок е одлично за почеток, а имајте го на ум и тоа дека тимот не е комплетен и ќе следат нови засилувања, бидете сигурни. Нашиот следен натпревар го играме на Вила Парк следниот петок против избраниците на Тим Шервуд.

Коментари

коментари