Триколорите во Бразил ќе настапат без својот најдобар играч

Најталентираната селекција во Бразил ќе настапи без својот најдобар играч, но тие се сè уште една од најквалитетните репрезентации кои ќе настапат на мундијалот.

Дидие Дешамп е еден од играчите на Франција кој е дел од куќата на славните поради освојувањето на Светското Првенство во 1998 – та година. Овој поранешен играч сега ги предводи Триколорите и тие се надеваат дека неговото искуство од мундијалите ќе биде пресудно за нов висок пласман на Франција и издигнување по катастрофалниот мундијал во Јужна Африка. Французите од мундијалот во Јужна Африка имаа смена на генерација и многу млади играчи од Франција се истакнуваат како едни од најсветлите таленти во фудбалот во изминатите години. Просто неверојатен е квалитетот на тие млади играчи и зборуваме за најталентираната плејада млади играчи кои во последните неколку години заиграла за некоја репрезентација. Голем дел од овие млади играчи ќе настапат во Бразил и Дешамп ја подобри ситуацијата по дебаклот од последниот мундијал. Имено, на тоа првенство во француската репрезентација имаше т.н. крт кој изнесуваше информации од кампот на Триколорите и сите противници знаеа сè за Франција. Поради тоа дојде и до судир на тренинг помеѓу тогашниот капитен Патрис Евра и човекот кој изнесуваше информации од кампот на Франција. На овој мундијал Триколорите не успеаја да забележат ниту еден триумф и го завршија настапот уште во групната фаза, додека во 2006 – та година беа блиску до освојување на трофејот но загубија од Италија во финалето.

Франција до Бразил стигна преку бараж меч против селекцијата на Украина. Тие во квалификациите играа во група со Шпанија и завршија второпласирани што ги чинеше двомеч против една селекција. Имаа прилично тешка задача да се пласираат на мундијалот бидејќи во Украина загубија со 2 – 0 и им беше потребно чудо на домашен терен. Но тие успеаја, и ја победија Украина со 3 – 0 и се пласираа на мундијалот со што покажаа дека се работи за една репрезентација која освен квалитет има и карактер. Голем дел од играчите кои настапија на квалификациите ќе бидат дел и од мундијалот но има и некои играчи кои ќе го пропуштат првенството поради одредени причини.

Голмани: Уго Љорис (Тотенхем), Стефан Руфие (Сент Етиен), Микаел Ландро (Бастија).

Дефанзивци: Матју Дебуши (Њукасл), Лукас Диње (ПСЖ), Бакари Сања, Лоран Кошилни (Арсенал), Мамаду Сако (Ливерпул), Елиаким Мангала (Порто), Рафаел Варан (Реал Мадрид), Патрис Евра (Манчестер Јунајтед).

Среден ред: Јохан Кабај, Блас Матуиди (ПСЖ), Рио Мавуба (Лил), Пол Погба (Јувентус), Муса Сисоко (Њукасл), Матју Валбуена (Марсеј), Реми Кабеља (Монпеље), Морган Шнајдерлин (Саутемптон).

Напаѓачи: Карим Бензема (Реал Мадрид), Оливие Жиру (Арсенал), Лоик Реми (КПР), Ентоан Гризман (Реал Сосиедад).

Како што можете да забележите најдобриот играч на Франција недостасува, тоа е Франк Рибери. Извонредниот крилен напаѓач поради повреда ќе го пропушти мундијалот кој најверојатно ќе беше и последен за него. Ова е вистинска штета за Триколорите и тие ќе бидат драстично ослабени бидејќи Рибери е играч од светска класа. Покрај Рибери изоставен е Самир Насри, играчот на Манчестер Сити. Тој беше изоставен од тимот бидејќи Дешамп вели, кога тој е на клупата за резерви или пак кога не игра добро, не се однесува долично и тоа ја нарушува атмосферата во тимот. Селекторот Дешамп смета дека и покрај квалитетот на Насри неговото однесување е клучно во одлуката тој да биде изоставен. Недостасува и левиот бек на Манчестер Сити, Гаел Клиши но на негово место е левиот бек на ПСЖ, Лукас Диње. Сите останати играчи се тука освен играчот на Лион, Грение кој исто така како и Рибери поради повреда го пропушта мундијалот и вториот голман Стив Манданда.

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Пол Погба ќе биде еден од клучните играчи на Франција со Карим Бензема од Реал Мадрид.

Нашиот лев бек Патрис Евра се очекува да биде прв избор за левата бековска позиција на Франција. Евра можеби не беше во најдобра форма за Манчестер Јунајтед во изминатата сезона но тоа се должи на тоа што немаше достојна замена и ги одигра скоро сите мечеви. Кога Французинот е одморен тој е одличен играч и најверојатно овој мундијал ќе биде последен за Евра бидејќи најави пензионирање од репрезентацијата по првенството. Дешамп ќе има тешка задача да го состави стоперското дуо бидејќи сите стопери во тимот се фантастични, а кога ќе ги додадеме Зума и Лапорт за кои немаше место можеме да кажеме дека Франција ги има најдобрите стопери во светот. Местото на Рибери во репрезентацијата би требало да го преземе Гризман, играчот на Сосиедад кој имаше одлична сезоната со тимот од Баскија додека во средниот ред би играле нашиот поранешен играч, Погба, неуморливиот Матуиди и Кабај. Во нападот шанса како прв напаѓач би добил Реми доколку Дешамп планира брз фудбал, додека доколку сака комплетен напаѓач би играл Бензема.

Триколорите играат во групата Е заедно со Хондурас, Швајцарија и Еквадор. Тие се наоѓаат во навидум лесна група но Швајцарија и Еквадор имаат добри репрезентации и може да бидат опасност за пласманот на Франција во нокаут фазата. Се очекува од Франција да заврши првопласирана во оваа група со што ќе вкрсти во 1/8 финалето со Нигерија, Иран или пак БиХ. При ваков расплет на настаните Франција може многу лесно да стигне до 1/4 финалето и да се бори за влез помеѓу четирите најдобрите репрезентации на мундијалот. Франција за овој мундијал е една од најталентираните селекции но и најмладите. Можеби недостатокот на искуство ќе биде преголем залак за Сините и освојувањето на тронот, но бидете сигурни оваа генерација на Франција е можеби најталентираната и најквалитетната по таа што се искачи на тронот во 1998 – та година. Франција по овој мундијал ќе биде во исчекување и на Европското Првенство во 2016 – та година, каде тие се воедно и домаќини.

Коментари

коментари