Шинџи Кагава е клучниот играч на Самураите во Бразил

Самураите со Шинџи Кагава ќе играат на мундијалот во Бразил и целат на победи над фаворитите за пласман во нокаут фазата.

Хероите на Јапонија обезбедија пласман на мундијалите по петти пат по долгите квалифкации во Азија. Самураите беа прилично надмоќни над сите земји во Азија па дури и над силната Австралија која важи за главен конкурент на Јапонија. Тие беа првата репрезентација која обезбеди пласман во Бразил и сето тоа се должи на убавиот напаѓачки фудбал кој го негуваат Јапонците. Италијанскиот селектор Алберто Закерони ја подобри јапонската репрезентација на тактички план и го модернизираше едноставниот фудбал на Самураите. Сините играат брз енергичен фудбал со кратки додавања. Тие имаат голем број на млади играчи кои се одлично технички потковани и поради тоа се една опасна селекција за противниците. Јапонија на претходните првенства немаше голем број на играчи кои настапуваа во Европа но сега тој број е драстично зголемен и најголем број од играчите кои се избрани да патуваат за Бразил се од Европа. Фудбалот во Јапонија доживеа една експанзија после организацијата на мундијалот во 2002 – та година со Јужна Кореја. Оттогаш европските клубови идентификуваа многу таленти во Јапонија кои сега играат во едни од најдобрите клубови во Европа.

Јапонија минатата година учествуваше на Купот на Конфедерации но тие не успеаја да забележат ниту една победа. Тие играа добро но едноставно грешките во одбраната и лесно примените голови ги чинеа многу. Поради тоа фокусот на подготовките е насочен кон одбраната бидејќи во нападот имаат одлични играчи кои се опасни за противниците. Тие во Бразил се наоѓаат во една од најизедначените групи, тоа е групата Ц. Освен Јапонија во оваа група се наоѓаат уште Брегот на Слоновата Коска, Грција и одличната репрезентација на Колумбија. Освен Грција во оваа група останатите репрезентации се гледаат како максимално израмнети и ќе се борат до последниот здив за првите две места. Брегот на Слоновата Коска и Колумбија имаат одлични поединци кои играат фудбал на врвно ниво за пример ќе ги земеме Дидие Дрогба и Јаја Туре од афричката репрезентација и од Колумбија тоа би биле Џејмс Родригез и Џексон Мартинез. Но тоа е случај и со Јапонија и селекторот Закерони кој ги избра следните играчи кои ќе патуваат во Брзил.

Голмани: Еиџи Кавашима (Стандард Лиеж), Шусаку Нишикава (Урава Редс), Шуичи Гонда (Токио).

Дефанзивци: Масахико Иноха (Џубило Ивата), Јасујуки Коно (Гамба Осака), Јуто Нагатомо (Интер), Масато Моришиге (Токио), Ацуто Учида (Шалке), Маја Јошида (Саутемптон), Хироки Сакаи (Хановер), Готоку Сакаи (Штудгарт).

Среден ред: Јасухито Ендо (Гамба Осака), Макото Хасебе (Нирнберг), Тоширо Аојама (Санфрече Хирошима), Хотару Јамагучи (Черезо Осака), Шинџи Кагава (Манчестер Јунајтед), Кеизуке Хонда (Милан).

Напаѓачи: Јошито Окубо (Кавасаки Фронтале), Шинџи Оказаки (Маинц), Хироши Кијотаке (Нирнберг), Јоичиро Какитани (Черезо Осака), Манабу Саито (Јокохама Маринос), Јуја Осако (1860 Минхен).

Кеизуке Хонда и Шинџи Кагава се најдобрите играчи на Јапонија и главни адути на претстојното Светско Првенство.

Шинџи Кагава и Кеизуке Хонда се најдобрите играчи на Самураите. Од двајцата се очекува клучна улога и одлични партии како и што беше досега во оваа репрезентација и во квалификациите и на пријателските мечеви. Кагава за Јапонија најчесто игра на својата природна позиција позади напаѓачот, познатата 10 – ка. Тој има слобода да му помага на средниот ред но и да ги проигрува своите соиграчи странично или пак директно напаѓачот. Одлично игра на оваа позиција и тоа го покажува со головите и асистенциите. Хонда пак игра на крилните позиции или пак врши ротација со Кагава, тој е во одлична форма и ќе биде прилично опасен за противниците со Кагава. Шинџи на последниот натпревар за Јапонија против Коста Рика постигна еден гол и забележа една асистенција. Освен Кагава и Хонда тука се и Оказаки, Кијотаке и капитенот Хасебе од кои се очекува многу.

Целта на Самураите е пласман во 1/8 финалето каде ќе вкрстат со групата Д која е една од најсилните. Јапонија за да се пласира во нокаут фаза ќе треба да игра на ниво и најверојатно да биде подобра од Колумбија и Брегот на Слоновата Коска. Јапонците ќе имаат поддршка од преку 4000 фанови кои ќе допатуваат во Бразил да ги следат своите Самураи и се надеваат на успешен мундијал и сакаат да го повторат нивниот најдобар пласман а тоа е нокаут фазата т.е. 1/8 финалето.

Коментари

коментари