Серхио Ромеро е нов играч на Манчестер Јунајтед

Серхио Ромеро е нов играч на Манчестер Јунајтед

„Ел Чикито“ е новото засилување за голманската позиција во Манчестер Јунајтед, Аргентинецот потпиша тригодишен договор.

Манчестер Јунајтед потврди дека Серхио Ромеро е нов играч на клубот, тој пристигнува како слободен играч по неговиот истек на договорот со Сампдорија. Аргентинецот кој има 28 години се сели на Олд Трафорд како замена за Виктор Валдес, кој се очекува да го напушти клубот по несогласувањата со Луис ван Гал со што Ромеро ќе биде замена за Давид Де Геа.

Темпераментен, силен и луциден, три карактеристики со кои може да се опише Серхио Ромеро кој по вторпат во својата кариера ќе игра под палката на Луис ван Гал. Холанѓанецот заедно со Франс Хук го донесе голманот во Европа во 2006 – та година од аргентинскиот клуб Расинг и потоа тој стана можеби најдобриот голман во Холандија за време на неговиот престој во АЗ Алкмар. Соработката помеѓу ова дуо и Ромеро вроди плод со историска титула во холандската лига и настапи во Лигата на шампионите. Аргентинецот успеа да ја сочува мрежата цели 950 минути и за малку ќе го надминеше рекордот во Холандија. Ромеро по еден пораз и елиминација од купот со рака ја удрил вратата од соблекувалната и ја скршил раката поради што отсуствувал неколку недели, Ван Гал ова го опишал како неговиот типичен аргентински темперамент. Откако Ромеро го напушти АЗ тој потпиша за Сампдорија каде настапуваше дури и во Серија Б за потоа тие да се вратат во Серија А. Серхио беше прв избот за клубот, но потоа дејствуваше само како замена односно втор голман сè до истекот на неговиот договор ова лето. За разлика од успесите на клупски план, тој е неприкосновен во репрезентацијата на „гаучосите“ каде е голманот со најмногу настапи во историјата на Аргентина. Тој со Аргентина го освои младинското Светско Првенство за играчи до 20 години, а во 2008 – та година и олимпиското злато од Пекинг. На изминатите мундијали е прв избор под сите менаџери, а тоа добро го знае и Ван Гал бидејќи токму Ромеро минатата година го спречи да стигне до финалето. Ова лето Аргентина заедно со Серхио Ромеро загуби во финалето на Копа Америка од домаќинот Чиле. Миленикот на аргентинската публика важи за неверојатен пеналџија кој брани со голема самодоверба. Ова лето за Ромеро беше заинтересирана Рома и уште неколку клубови, но сето тоа беше ставено во втор план по интересот на Манчестер Јунајтед.

Со оглед на тоа што Виктор Валдес ќе го напушти клубот, а истото се очекува од Андерс Линдегард, Серхио Ромеро ќе биде замена за Давид Де Геа, кој најверојатно останува во Манчестер Јунајтед. Голманската позиција ќе се комплетира можеби со Сем Џонстон, кој на оваа турнеја се покажува во одлично светло како замена за Де Геа. Му посакуваме успешна кариера на Серхио Ромеро во црвениот дрес каде потпиша тригодишен договор со можност за продолжување на една дополнителна сезона.

#WelcomeRomero

Коментари

коментари