Премиер Лига | Манчестер Јунајтед – Вест Хем

Премиер Лига | Манчестер Јунајтед – Вест Хем

Англиската Премиер Лига повторно блеска во полн сјај, Манчестер Јунајтед во 1 – то коло ја отвора сезоната на Олд Трафорд каде гостува Вест Хем со своето ново супер засилување Чичарито…

Нова сезона, нова надеж, нови возбудувања и константна доза на адреналин, Манчестер Јунајтед не е клуб за група поддржувачи со слабо срце и слаби нерви, посебно не ако по тоа судиме од минатите неколку сезони по пензионирањето на Сер Алекс Фергусон.

Во 1 – то коло од сезоната (2017/18) на Олд Трафорд го пречекуваме Вест Хем, колективот на Славен Билиќ кој минатата сезона очекуваше висок пласман предводен од Димитри Пајет за потоа нивната сезона да се претвори во турбулентно патување низ кое доживеа голем број на промени. Лондонскиот клуб притоа ја промени својата домашна средина со што се пресели на олимпискиот стадион во Лондон што драстично влијаеше на фудбалската атмосфера и мотивацијата на играчите да го прикажат најдоброто при поддршката од трибините. Сепак и покрај сите проблеми управата на „чекичарите“ одлучи да и даде уште една шанса на својата хрватска легенда Билиќ, а притоа го поткрепи со солиден трансфер буџет кој го користат да ги пополнат дупките во ростерот.

Вест Хем имаше успешно трансфер лето со што донесе навистина звучни имиња од кои се очекува да направат разлика во тимот. На голот во новата сезона ќе биде Џо Харт кој пристигна на позајмица од Манчестер Сити, во одбраната Билиќ внесе искуство со Пабло Забалета исто така од „граѓаните“ додека нападот го засилија со Марко Арнаутовиќ од Стоук и нивното супер засилување, Хавиер Ернандез од Баер Леверкузен. Мексиканецот реши да се врати во Англија по две сезони во Германија, а Вест Хем со него очекува конечно да го реши проблемот во напаѓачката линија.

Хрватот на Олд Трафорд ќе допатува со половичен ростер бидејќи тие се соочуваат со неколку повреди на важни играчи, Чеику Кујате ќе го пропушти мечот заедно со версатилниот Антонио, а на нив им се придружуваат уште Фегули, Сако и Керол. За разлика од нив во тимот се враќа левиот бек Арон Кресвел, капитенот Марк Нобл и главниот плејмејкер Мануел Ланзини. Со оглед на тоа што минатата сезона тие играа неколку формации во зависност од противникот овојпат повторно треба да очекуваме од нив флексибилност во одбраната со брза трансформација во нападот, најверојатно со тројца стопери и два офанзивни бекови.

XI: Харт, Фонте, Колинс, Рид, Забалета, Нобл, Обианг, Кресвел, Ланзини, Арнаутовиќ и Чичарито. (3-4-1-2)

Чичарито цели 5 сезони го носеше дресот на Манчестер Јунајтед и беше инструментален во освојување на премиерлигашката титула со која го поминавме Ливерпул.

Манчестер Јунајтед веќе ја започна сезоната со што одигравме натпревар против Реал Мадрид во рамките од европскиот Супер Куп во Скопје. Иако загубивме има делови од играта од кои можеме да бидеме задоволни, но исто така и сегменти кои треба да ги подобриме. Колективот на Мурињо може да се каже дека имаше успешна турнеја на која прикажа солидна игра со што се истакнаа неколку играчи, но сега следат вистинските предизвици.

Во Скопје право на настап немаа Ерик Бајли и Фил Џонс, но од нив се очекува да бидат прв избор на Мурињо во англиската Премиер Лига почнувајќи од утре. Ерера имаше слабо издание против европскиот шампион додека Фелаини со неговото влегување во игра направи голема разлика и се очекува сега Белгиецот да почне од првата минута со што Матиќ би си го задржал своето место во средината како и недопирливиот Погба. Микитарјан беше одличен против Реал Мадрид, нашиот најкреативен играч додека на спротивната страна Лингард не се покажа во најдобро светло и се очекува промена, најверојатно во името на Рашфорд. Лукаку ќе остане да го предводи нападот барајќи го својот прв гол во дресот на Јунајтед во Англија. Натпреварот со сигурност ќе го пропуштат Рохо, Шо и Јанг поради повреди.

Од утрешниот натпреварот очекуваме триумф иако тоа воопшто нема да биде лесна задача со оглед на новиот тим на Вест Хем и посебно мотивираноста на дебитантите кај противникот да се покажат во најдобро светло. Минатата сезона „чекичарите“ си заминаа од Олд Трафорд со бод иако беа послабиот противник, но доколку Манчестер Јунајтед сака да се бори за титулата тоа мора да го докаже на овие мечеви каде минатата сезона губеше значајни бодови кои нè чинеа место во топ 4 и врвот на табелата.

Директен пренос од натпреварот ќе имате можност да проследите на Спорт Клуб 1 со почеток од 17 часот.

Коментари

коментари