Пред нашиот дуел со Саутемптон – Премиер Лига|2.Коло

Пред нашиот дуел со Саутемптон – Премиер Лига|2.Коло

Дебито на Жозе Мурињо на Олд Трафорд конечно ќе се случи! Утре со почеток во 21 00 часот, Јунајтед ја пречекува екипата на Саутемптон на домашен терен во рамките 2-то коло од Премиер Лигата. Важен меч за двете екипи, посебно за нас, бидејќи ова е првиот официјален натпревар пред домашната публика оваа година, а секако и фактот што најверојатно ќе го видиме и второто деби на Пол Погба за клубот по суспензијата од 1 натпревар.

Во тимот освен французинот се враќа и Крис Смолинг, додека Џеси Лингард е неизвесен. Ова значи дека Мурињо ќе биде на слатки маки при изборот на 11-мината кои утре ќе истрчаат на Театарот на Соништата. Одбраната би можела да претрпи мали измени, односно доколку Смолинг веднаш се врати во првата постава, тоа ќе значи дека најверојатно еден од Бејли или Блинд ќе мора да се пресели на клупата, но по извонредниот старт на ова дефанзивно дуо, не би било изненадувачки доколку Мурињо повторно се одлучи за овие двајца играчи. Многу е веројатно дека повторно ќе ги видиме Лук Шо и Антонио Валенсија на бековските позиции. Јунајтед лани прими само 9 гола на домашен терен во Лигата и оваа година очекуваме, ако ништо друго, барем да го повториме тој рекорд.

Среднит ред дефинитивно ќе претрпи мали измени, секако тука мислам на евентуалниот старт на Погба од првата минута на теренот, што пак од друга страна го наметнува прашањето кој би бил вториот играч кој би бил партнер на Пол на оваа позиција. Многумина очекуваат дека тоа ќе биде Маруан Фелаини, после одличното издание против Борнмут, или пак шанса ќе добие некој од Шнајдерлин или Керик. Ние се одлучивме за Мајкл Керик поради 2 причини. Првата, поради тоа што за очекување е дека Јунајтед би го имал поседот повеќе во свои нозе, за што на Погба ќе му биде потребен играч кој ќе може да ја штити одбраната при неговите офанзивни излети, но во исто време и играч кој ќе ги ги разигрува останатите соиграчи, а токму таков играч е Мајкл Керик кој секако има подобра техника, визија и креативност од Фелаини и Шнајдерлин. Втората причина зошто Керик би бил посоодветен избор е тоа што и Фелаини и Погба ја окупираат левата страна од средниот ред, па при евентуален старт на Погба од првата минута, ќе му биде потребен партнер кој е навикнат да игра подесно со тоа што меѓусебно нема да си засметуваат на теренот.

Зад најистурениот Ибрахимовиќ, би сакал да ги видам Марсијал по левата крилна позиција, Руни како бр.10 (лично, не би сакал да стартува, но најверојатно ќе биде прв избор на Мурињо за таа позиција на овој меч) и Миктарјан кој исто така би го имал своето деби пред домашната публика. Ова е одлична прилика за такво нешто, а со оглед на тоа што клубот ги има Мата, Мемфис и евентуално Лингард како опции за овие позиции, треба да не’ прави посигурни дека и во случај Мики да не одигра онака како што се очекува, на негово место ќе влезе еднакво компетентна замена.

Графички, како би изгледале првите 11-мина на Јунајтед за овој меч:

formation

Наш противник е Саутемптон, екипа која лани одигра доста солидна сезона, а иако годинава имаат нов менаџер и доста нови играчи, сепак не смее прерано да се отпишат, бидејќи токму Светците имаат две последователни победи над Јунајтед на Олд Трафорд. На местото на Куман е францускиот стратег Клод Пуел, кој веднаш почна да го удира својот печат на екипата, со тоа што формациски внесе доста новини во тимот, па така за време на подготвителниот период и првото коло во ПЛ, на теренот изведе интересна 4-3-1-2 формација, со Душан Тадиќ на позицијата полушпиц, играчот од кој сметам дека доаѓа најголемата опасност на утрешниот меч, а во нападот беа брзоногиот Шејн Лонг и новото засилување од Норич, Нејтан Редмонд, кој веќе запиша еден погодок во лигата. Ова значи дека тие ќе бидат опасни во контранападите и тука нашата дефанизвна линија ќе мора многу да внимава.

Иако, летово ги изгубија своите двајца најдобри стрелци од минатата година, Грацијано Пеле и Садио Мане, сепак не треба да се потцени нивната моќ во нападот, посебно што во нивните редови го имаат и одличниот Чарли Остин, како и двајца освојувачи на неодамнешното ЕП, португалците Жозе Фонте и Седрик Соареш. Сеуште неизвесен е настапот на Рајан Бертранд, па повторно на негово место може да го видиме Мет Таргет.

Долгогодишен фан на Јунајтед, со посебен интерес за историјата на клубот. Најмногу активен со аналитички текстови на сајтот.

Коментари

коментари