#Pogback – Деби на Пол Погба

#Pogback – Деби на Пол Погба

Едно од можеби најочекуваните дебија за клубот во последните неколку години сигурно беше тоа на Пол Погба и тоа токму на Олд Трафорд. Како и што можеше да се очекува, тој доби громогласен аплауз од домашната публика уште со самото истрчување на теренот и овации при скоро секој допир на топката. Многу големи ѕвезди продефилирале низ Театарот во изминатите 2 децении, но се чини како токму Пол Погба е оној на кого навивачите најмногу се израдуваа да го видат во црвенот дрес.

Дебито, генерално земено беше доста солидно, кое започна со мала грешка на Погба, веднаш на почетокот, но се што понатаму направи играчот беше на нивото кое се очекува од него. Тактички гледано, Пол одигра онака како и што се очекуваше, односно во дуо на средината на теренот со Маруан Фелаини, кој беше задолжен за дефанзивниот дел од задачите, со што на Погба му беше дадена неопходната слобода да се движи понапред на теренот и да претставува закана со офанзивниот дел од екипата. Ако судиме според она што го видовме, на Пoгба нема да му треба премногу време за да се прилагоди на екипата, како и таа на играчот. По се изгледа Мурињо ќе продолжи да го користи Погба во стандардната формација 4-2-3-1, која е поразлична од 4-3-3, формацијата во која Погба играше во Јувентус, но со малку поголема слобода во движењето, може повторно да очекуваме да го видиме французинот во неговото најдобро светло.

Мечот со Саутемптом, Пол го одигра со голема самодоверба, креативност, ги разигруваше соиграчите и помагаше во дефанзивните задачи на екипата. Одигра како вистински box-to-box играч од средината и тој беше буквално секаде на теренот. Секако, најмногу оперираше на левата страна од средниот ред, но значително беше неговото присуство и на остатокот од теренот (слика 1). Статистички, Погба имаше извонредни бројки зад себе со вкупно 103 допири на топката, 71 додавање, 4 шута кон голот, 5 пресечени топки и 20 добиени дуели со противничките играчи (слика 2).

13932950_1085851234797626_3170105075996706885_n        14067700_1085849434797806_4338015992131423130_n

                                                        слика 1                                                                         слика 2

Офанзивно, Погба беше играчот од кој започнуваа најголем дел од акциите на Јунајтед од сопствената половина, а кога тој не ја имаше топката во своите нозе секогаш беше на противничката половина спремен да дочека додавање за да го спроведе понатаму кон офанзивната линија. Иако, можеби Погба на овој натпревар ја немаше слободата во играта која му беше давана во Јувентус и тој мораше да игра веднаш зад најистурената четворка играчи, беше доста опасен по противничкиот гол со неговите луцидни додавања во противничкоот 16-ник, а воедно и првиот шут во рамки на голот беше токму од Погба во 12-та минута од мечот. Сепак, сеуште е рано за точно да се процени импактот кој Погба ќе го има во нападот, но мораме да признаеме дека иницијалните знаци се доста ветувачки и со право треба да бидеме оптимистички настроени.

Дефанзивно, како што можеме да видиме погоре од статистиката, Погба доби доста дуели, пред се воздушни, имаше солиден број на пресечени топки и одлично се комплементираа со Фелаини во средината. Неговата тактичка дефанзивна дисциплина можеби беше највидлива при неговото позиционирање без топка кога противникот напаѓаше. Ова е резултат на тактичката поставеност на Мурињо, кој ја примени и против Борнмут, а тоа е дека средниот ред има клучна улога во одбраната, па така кога противникот напаѓа, одбранбената четворка се враќа на своите првобитни места, а се формира нова четворка од офанзивните играчи, во случајот тоа беа Мата, Фелаини, Погба и Марсијал, кои бранат малку подлабоко во својата половина, со што на противникот дополнително му се отежнува нападот по централните позиции на теренот и тој е приморан да се движи пошироко каде пречекан од извонредните бекови, Валенсија и Шо, што пак од друга страна дава одлични опции кога тимот ја краде топката и започнува контра напад.

Ваквата дефанзивна поставеност на одбраната е целосно различна од методичниот пристап на Ван Гал, кој се бранеше со високо поставена дефанзивна линија и секогаш одеше на тоа екипата да има што поголем посед на топката, што како целина се покажа неефективно.

На Олд Трафорд дуваат нови ветришта, исполнети со надеж, оптимизам и пред се верба во успех. Се надеваме дека изминатите три години ќе останат само кратко неуспешно интермецо и дека ова е всушност почетокот на еден успешен период во кој ќе го видиме Јунајтед, таму каде што и му е местото – на врвот.

За сите што случајно го пропуштија дебито на Погба, неговите индивидуални потези може да ги проследат на видеото.

 

Долгогодишен фан на Јунајтед, со посебен интерес за историјата на клубот. Најмногу активен со аналитички текстови на сајтот.

Коментари

коментари