Où est Morgan?

Où est Morgan?

Французинот минатата недела требаше да ги помине медицинските прегледи пред трансферот во Манчестер Јунајтед, но оттогаш нема ни глас ни трага од Шнајдерлин. Па затоа се прашуваме, каде е Морган?

Водечките медиуми во Англија како „The Sun“ и „Telegraph“ минатата недела најавија дека остануваат само уште медицинските преглед пред комплетирање на трансферот на Морган Шнајдерлин од Саутемптон во Манчестер Јунајтед. Имено, договорената сума беше 24 милиони фунти и трансферот требаше да биде комплетиран минатата среда. Оттогаш Шнајдерлин започна да тренира со Саутемптон како дел од подготовките и тој не помина никакви медицински прегледи во Манчестер при евентуалниот трансфер. Новинарите како Марк Огден и Нил Кастис си го нарушија своето реноме со што важеа за едни од најрелевантните во однос на Манчестер Јунајтед.

За волја на вистината сепак тие биле во право за нешто, а тоа дека навистина Манчестер Јунајтед испратил понуда за Французинот во висина од 20 милиони фунти која била одбиена, информација потврдена од нашиот пријател, Енди Митен. Исто така контрадикторен беше и менаџерот на „светците“, Роналд Куман кој на 30 – ти јуни изјави: „Нема пристигнато сериозна понуда за него од Манчестер Јунајтед.“ Тој вчера (06.07) пак целосно сам се поби: „Пред две недели пристигна понуда за Морган Шнајдерлин од Манчестер Јунајтед која беше одбиена.“ Холанѓанецот важи за еден од т.н. „непријатели“ во фудбалскиот свет со Ван Гал, но тој нема да биде пречка до комплетирање на трансферот бидејќи волјата на играчот е поважна од сè. Па тоа го призна и Куман кој едноставно потврди дека најверојатно играчот ќе си замине и ќе пристигне на Олд Трафорд.

„Секој играч си има своја цена и го знаеме тоа како клуб кој во минатото имаше искуство со продажба на играчи. Минатата сезона продадовме неколку играчи и доколку има интерес за Морган тоа е во ред, но понудата треба да биде во висина од побаруваната сума од клубот. Со клуб како Манчестер Јунајтед знаеме дека е тешко да се задржи играчот, но ако ги исполнат нашите барања тогаш ќе се оствари трансферот.“ – Роналд Куман

Холанѓанецот практично вели дека сè што преостанува е клубовите да се договорат за евентуалната оштета, каде Саутемптон го проценува Шнајдерлин на високи 27 милиони фунти додека Манчестер Јунајтед нуди 20 милиони фунти плус бонуси. Куман исто така потврди дека играчот најверојатно е настинат и поради тоа не тренира, додека очекува тој да замине на предсезонската турнеја во Австрија. Преговорите помеѓу клубовите продолжуваат, а единствено нешто што преостанува е да се договори само сумата која Манчестер Јунајтед ќе ја плати за Морган Шнајдерлин. Личните услови се веќе договорени, а пак Французинот дали е навистина настинат или не, не можеме да бидеме сигурни. Во секој случај знаеме на кои новинари и медиуми да им веруваме со оглед на тоа дека горенаведените изгубија дел од својата репутација со оваа трансфер сага.

За крај, Шнајдерлин е во Англија и наскоро ќе стане играч на Манчестер Јунајтед доколку сè се одвива според планираното, но за тоа најверојатно ќе треба да почекаме од исходот од преговорите помеѓу клубовите кои ја договараат цената за трансферот.

Коментари

коментари