Obrigado Rafa!

Obrigado Rafa!

Миленикот на фановите си заминува од Олд Трафорд, Рафаел по осум години го напушта Манчестер Јунајтед и се сели во Лион, Франција.

Ова лето Манчестер Јунајтед загуби голем број на играчи, и за секој од нив имаме позитивни сеќавања, но Рафаел е играчот за кој најмногу ни е жал што го напушта клубот. Бразилецот заедно со неговиот брат близнак, Фабио, пристигна од Флуминезе во 2008 – та година како дете кое израсна во човек и одличен играч на Олд Трафорд. Сер Алекс Фергусон е заслужен за една личност како Рафаел, неуморлив борец кој се бореше до последниот атом сила за Манчестер Јунајтед. Играчот кој во последната декада покрај Немања Видиќ, Рио Фердинанд, Пол Сколс и Рајан Гигс покажуваше најголема страст и љубов кон клубот. Долгорочната замена за Гери Невил, менторот кој му помогна да ја подобри играта и го наследи неговиот карактер, но за жал тој ќе ја продолжи кариерата надвор од Манчестер.

Rafa - Fergie

Бразилецот низ текот на целата своја кариера имаше проблеми со повредите, тоа е можеби главната причина која си заминува. Секако, тука има улога и промената на менаџерот, пристигнувањето на Дејвид Мојс кој сметаше дека Рафаел не е доволно квалитетен и целеше на Шејмус Колмен, како и Луис ван Гал кој на играчот му кажал да си замине и минатата година, но Бразилецот сакал да се бори за своето место на Олд Трафорд. Сега, ова лето тој беше изоставен од тимот кој замина на турнејата со што Ван Гал го доведе Матео Дармијан, а како негова замена го практикува Антонио Валенсија кој воошто не е ни десен бек. Одлука која може да се испостави како крајно дискутабилна поради фактот што во Рафаел имаше одличен десен бек кој ќе беше фантастична замена и конкуренција за Италијанецот. Поради ваквиот расплет на настаните Рафаел мораше да си замине, тој имаше договор до крајот на следната сезона и си заминува за минимална сума од околу 2.5 милиони фунти. Францускиот клуб Лион е неговата следна дестинација каде ќе има можност да игра во Лигата на шампионите пред фантастична публика и менаџер кој ќе му даде шанса да се покаже.

Рафаел со Манчестер Јунајтед освои три титули од англиската Премиер Лига, три трофеи од Комјунити Шилд, Светското клупско првенство и Лига Куп. Ние му посакуваме сè најдобро на Рафаел, кој ја заслужи сета поддршка од фановите и Манчестер Јунајтед. Неговите игри никогаш нема да бидат заборавени, моментите во дерби мечевите, против Џерард и Ливерпул, против Тевез и Манчестер Сити. Едноставно Рафаел е играчот кој може да им одржи лекција на половина од играчите што навистина значи да го носиш дресот на Манчестер Јунајтед, тој го носеше со гордост и секогаш го оставаше срцето на теренот, посебно на дерби натпреварите. Голем дел од позитивната аура и срцето на клубот си заминува, Obrigado Rafa!

Коментари

коментари