Ник Пауел се врати од повредата и повторно постигнува голови

Ник Пауел кој подолг период отсуствуваше поради повреда се врати на терените и продолжува со одличните игри за Виган. Во оваа статија прочитајте и за останатите играчи кои се на позајмица.

Манчестер Јунајтед оваа сезона има многу играчи кои се на позајмица и сите играат навистина солидно за своите тимови. Ник Пауел оваа сезона е на позајмица во Чемпионшип и се надеваме дека ова е последниот чекор пред тој да се етаблира во првиот тим на Дејвид Мојс на средината од теренот како плејмејкер. Нешто што ни недостасува цела сезона. Тој иако во Виган е ротиран и има играно од средината на теренот па сè до крилните позиции и класичен напаѓач игра константно и е еден од клучните играчи на овој тим. На почеток од 2014 – та година тој се здоби со повреда на задната ложа поради која отсуствуваше повеќе од два месеца но пред неколку натпревари тој го имаше своето враќање на терените. Тоа се случи против Шефилд Венздеј кога во 53 – та минута влезе од клупата за резерви и му помогна на Виган да оствари победа од 1 – 0. На следниот натпревар против Ипсвич на гостински терен тој повторно влезе во игра од клупата за резерви и играше на десната крилна позиција, по влегувањето на Пауел во игра неговиот тим постигна гол со кој стави точка на натпреварот за 1 – 3 со што тие забележаа многу важна победа. На последниот натпревар против Јеовил тој започна од првата минута и постигна гол за водство на Виган во 56 – та минута но овој натпревар заврши 3 – 3.

Виган оваа сезона ја започна навистина разочарувачки но откако тие го променија менаџерот и на кормилото пристигна Уве Рослер играат фантастично. Тие успеаа да го елиминираат и Манчестер Сити од ФА Куп што значи дека се наоѓаат во 1/2 финалето и ќе играат против Арсенал, тие го бранат трофејот. Во Чемпионшип одлично се издигнаа и сега се наоѓаат на 5 – та позиција на табелата со меч помалку од тимовите кои се пред нив на табелата. Со победа на заостанатиот натпревари тие сериозно ќе се доближат до третата позиција на табелата со што ќе бидат во игра за враќање во Премиер Лигата. Виган покрај добрите резултати сега има и голем ростер и тоа е одлично за менаџерот бидејќи прави одлична ротација, Рајан Таниклиф кој е наш поранешен играч сосема солидно се адаптираше во Виган, Рајан е на позајмица од Фулам. Пеколно темпо ги очекува играчите на Виган но тие се подготвени за тоа и желни за враќање во најелитното фудбалско натпреварување.

Том Лоренс оваа сезона игра сè подобро, тој прикажа уште на позајмицата во Карлајл дека се работи за еден млад играч полн со самодоверба и желба за надигрување и тоа сега и го покажува во Јеовил каде станува полека еден од клучните играчи. Од нашето последно издание за позајмиците тој одигра нови четири натпревари на кои покажа дека е пред сè играч кој мисли на офанзивата и има одличен удар. На овие натпревари тој испрати барем по еден добар удар од далечина кон противничкиот гол и беше главната алка во создавањето на шанси. Последното коло тој играше против неговиот соиграч Ник Пауел и забележа една асистенција во драматичниот натпревар. На видеото погоре можете да забележите дека тој го изведува корнерот по кој Јеовил ги поставува конечните 3 – 3. Јеовил се наоѓа на претпоследната позиција на табелата и до крајот од сезоната потребно е подобрување на формата и неколку победи кои би им дале шанса да обезбедат опстанок.

Вил Кин ја добива потребната минута во КПР но сè уште го чека својот прв гол. Тој започна и еден натпревар против Јеовил и Том Лоренс но не успеа да постигне гол иако одигра солидно. Англичанецот игра редовно за тимот на Хари Реднап но тие едноставно се во слаба форма и лесно може да се случи поради тоа да не изборат влез во Премиер Лигата иако пред месец дена беа зацврстени на 2 – та позиција која води директно во првата англиска лига. Моментално го делат третото место со Дерби Каунти и заостануваат 17 бода зад лидерот Лестер. Секој следен нерешен резултат или пораз на КПР ќе биде казнет од Виган и останатите тимови кои се позади овој тим.

Џеси Лингард во Брајтон се покажува како вистинско засилување за крилните позиции и по тоа што можеме да видиме и прочитаме игра во добра форма која резултира и со солидни резултати на неговиот тим. Брајтон моментално се наоѓа на 8 – та позиција на табелата но со една победа може да се искачи до 5 – та позиција која води во плејоф мечевите за влез во Премиер Лигата.

Тајлер Блекет откако одигра неколку меча за У21 повторно е во Бирмингем каде игра на левата бековска позиција. На мечот против КПР и неговиот соиграч Вил Кин тој влезе од клупата за резерви во второто полувреме и одигра солидно. Следниот меч против Барнли тој беше стартер и иако неговиот тим прими дури 3 гола тој не беше виновен за ниту еден од нив но на мечот против Шефилд Венздеј тој направи грешка што го чинеше Бирмингем гол и беше заменет уште во 23 – та минута по што следеше фуриозна реакција од играчот поради која можеби ќе се најде на клупата за резерви на следниот натпревар или пак воопшто нема да биде во протоколот за тоа коло. Бирмингем е блиску до опасната зона и се наоѓа на 19 – та позиција во Чемпионшип.

Федерико Македа исто така е на позајмица во Бирмингем и игра одлично за Сините. Тој наизменично влегува од клупата за резерви и стартува но најважно е што игра редовно и покажува квалитет постигнувајќи голови. На мечот против Барнли тој влезе од клупата за резерви и беше двоен стрелец (првиот и третиот гол на видеото) за неговиот тим, постигна гол во 90 – та минута со кој му донесе бод на својот тим додека против Шефилд Венздеј забележа една асистенција. Добрите игри на Македа ќе бидат од големо значење за неговата кариера бидејќи по крајот на сезоната ќе стане слободен играч бидејќи нема нов договор за Италијанецот од Манчестер Јунајтед.

Сем Џонстон е прв голман во Донкастер и брани во одлична форма иако неговите соиграчи не се на потребното ниво и тимот се наоѓа на 20 – та позиција во Чемпионшип. На последниот натпревар Џонстон беше избран за играч на натпреварот откако по негова заслуга Донкастер одигра нерешено со Нотингем Форест при резултат 0 – 0. Неговите одбрани се единствената причина зошто Донкастер не прими гол на овој натпревар.

Мајкл Кин кој замина на позајмица во Блекбурн станува столб на одбраната на овој тим откако ги одигра последните три натпревари. Покрај играта во одбрана тој добро делува во нападот и на мечот против Хадерсфилд забележа една асистенција. Блекбурн се наоѓа на 10 – та позиција на табелата во Чемпионшип.

Вилфрид Заха иако имаше успешен старт на позајмица во Кардиф тој не настапи на два меча во низа, прво против Тотенхем потоа против Фулам. Минатото коло тој влезе од клупата за резерви против Евертон и изнуди пенал кој не беше досуден. Кардиф прими гол во последната минута и загуби од Евертон. Тие се наоѓаат на претпоследната позиција во Премиер Лигата и мора да почнат да победуваат доколку сакаат да обезбедат опстанок.

Чарни Екангамен веќе неколку меча не игра за Карлајл бидејќи е повикан од Манчестер Јунајтед да игра за У21 тимот поради проблемите во одбраната. За разлика од Белгиецот Сем Брн сè почесто добива шанса и добро ја користи бидејќи со него во тимот Карлајл е подобар во нападот. Но Карлајл бележи лоши резултати и се наоѓа на 20 – та позиција во третата англиска лига.

Џек Бармби откако ја продолжи позајмицата во Хартлпул игра одлично за тимот и му носи победи. Тој го постигна единствениот гол против Вајкомб додека против Бристол Роверс во победата од 4 – 0 забележа две асистенции. Хартлпул се наоѓа на 10 – та позиција во четвртата англиска лига но е на само 5 бода од местата кои водат во плејоф.

Бебе за Фереира во португалската лига игра одлично и е клучен играч во овој тим. На мечот со Жил Висенте неговиот тим загуби со 0 – 2 додека против неговиот поранешен тим, Виториа Гимараеш постигна значаен гол за израмнување по кој следеше целосен пресврт. Фереира со оваа победа е сигурна и се наоѓа на 14 – та позиција на табелата.

Андерсон ги започна последните два натпревари за Фиорентина во Серија А но одигра само 56 минути. Против Јувентус тој не одигра најдобро додека против Киево беше најзаслужен за третиот гол на Фиорентина откако успеа да повлече и да создаде шанса за гол. Фиорентина се наоѓа на 4 – та позиција во Серија А и заостанува 10 бода зад Наполи кој е трет.

Марник Вермајл е редовен на десната бековска позиција во НЕЦ но тие се наоѓаат на претпоследната позиција на табелата во Холандија и повторно се поблиску до пад во втората лига отколку обезбедување опстанок.

Анџело Енрикез е повреден и не настапува за Сарагоса.

До крајот на сезоната следи густ период во Англија и нашите играчи кои се на позајмица ќе одиграат голем број на натпревари. Се надеваме дека тие ќе продолжат со одличните игри а ние ќе ве известуваме за секој нивен настап.

Коментари

коментари