Ник Пауел, Џеси Лингард и Вил Кин ќе се борат за влез во Премиер Лига

Минатиот викенд се одигра последното коло од регуларната сезона во Чемпионшип и нашите играчи кои беа на позајмица во оваа лига искусија различни чувства бидејќи некои ќе се борат за влез во Премиер Лигата, некои обезбедија опстанок додека пак некои испаднаа од лигата.

Ќе започнеме со Џеси Лингард и мечот кој можеби ја одбележа сезоната во Чемпионшип, Брајтон му гостуваше на Нотингем Форест додека екипата на Ридинг која беше главен конкурент за местото во плејоф играше на домашен терен со Барнли. Џеси Лингард овој меч го започна како стартер за Брајтон и одигра само 59 минути бидејќи нив им беше потребен гол и во игра влегоа напаѓачи. На Брајтон му беше потребна победа и нерешен резултат или пак пораз на Ридинг, тоа и се оствари но во последните секунди од натпреварот. Брајтон губеше по првото полувреме но успеа да направи целосен пресврт со гол во 90 – та минута додека Ридинг ремизираше со Барнли. По ваквиот расплет на настаните и голот во последната минута на Брајтон тие се пласираа во плејофот како 6 – то пласирани во Чемпионшип. Тие денеска играат против Дерби на домашен терен каде подобриот од овој двомеч ќе игра на Вембли против подобриот од другиот дуел помеѓу Виган и КПР. Нашиот Лингард има право да учествува во плејофот и тој со своите соиграчи ќе се борат за влез во Премиер Лигата. Се очекува Лингард да биде стартер за Брајтон и мечот имате можност да го погледнете вечерва со почеток од 20 и 45 на Спорт Клуб 3.

Вил Кин по подолг период доби шанса да игра за КПР откако влезе од клупата за резерви и ги одигра последните 33 минути. Тој имаше шанса да го постигне својот прв гол за КПР како и да забележи асистенција но сепак не успеа да ги искористи шансите. По крајот на регуларната сезона КПР заврши на 4 – та позиција во Чемпионшип и Вил Кин ќе игра против Виган и Ник Пауел. Нашиот напаѓач кој е на позајмица најверојатно ќе остане на клупата за резерви во мечевите за влез во Премиер Лигата но тој ќе биде добар „ас“ од клупата доколку на Реднап му е потребен гол. Првиот меч против Виган се игра утре со почеток од 20 и 45 и тој можете да го следите на Спорт Клуб 2.

Ник Пауел не беше во составот за последниот меч на Виган против Блекбурн, на овој натпревар Виган загуби со 4 – 3 но сепак избори пласман во плејофот.

Ник Пауел ја освои златната копачка на Виган за најдобар стрелец на клубот оваа сезона.

Мајкл Кин повторно го одигра целиот меч за Блекбурн во последното коло но за жал неговиот тим не успеа да се пласира во плејофот и ја заврши сезоната на 8 – та позиција. Мајкл Кин играше одлично на позајмицата во Блекбурн и покажува огромен талент играјќи на стоперската и десната бековска позиција. Тој оваа сезона беше на две позајмици, прво во Дерби а подоцна во Блекбурн. Менаџерот на Блекбурн најави дека и следната сезона ќе се потруди да го ангажира Кин на позајмица но тоа можеби нема да се оствари бидејќи тој ќе остане со првиот тим. На последниот меч против Хал, Мајкл се најде на клупата за резерви и можеби ќе игра на последниот меч против Саутемптон. Исто така постои можност тој да игра во финалето од У21 Премиер Лигата против Челзи.

Федерико Македа одигра 30 минути за Бирмингем во последното коло против Болтон и беше еден од најзаслужните зошто Сините остануваат во Чемпионшип. Тој во 90 – та минута забележа асистенција со која неговиот тим постигна гол и освои драгоцен бод со кој тие останаа во Чемпионшип а Донкастер следната сезона ќе игра во третата англиска лига. Бирмингем заврши на 21 – та позиција на табелата и само поради подобрата гол разлика и следната сезона ќе играат во втората англиска лига. Македа одигра фантастична сезона за Донкастер и Бирмингем каде беше на позајмица и за неговите услуги има голем интерес бидејќи тој по крајот на сезоната ќе си замине како слободен играч од Манчестер Јунајтед.

Сем Џонстон се најде помеѓу стативите за Донкастер против Лестер и беше многу блиску до тоа да му помогне на тимот да остане во Чемпионшип. За жал во второто полувреме Лестер изнуди пенал и постигна гол со што Донкастер заврши на 22 – та позиција во лигата и не обезбеди опстанок. Џонстон беше најдобриот играч оваа сезона на Донкастер и тој се врати во Манчестер и можевме да го видиме во протоколот за првиот тим на Олд Трафорд. Сем Џонстон неодамна потпиша нов тригодишен договор со нашиот клуб.

Давиде Петручи влезе од клупата за резерви на мечот на Чарлтон против Блекпул. Тој заработи жолт картон и имаше само една шанса за гол, неговиот тим ја заврши сезоната на 18 – та позиција и следната сезона ќе игра во Чемпионшип. Италијанецот најверојатно по крајот на сезоната ќе го напушти Манчестер Јунајтед и ќе си замине во тим каде ќе игра фудбал на сениорско ниво.

Том Лоренс имаше фантастична сезона со Карлајл и Јоевил но за жал не успеа да му помогне на Јеовил да остане во Чемпионшип. Младиот велшанец го имаше своето деби за Манчестер Јунајтед завчера и одигра сосема солидно. Тој покажува дека поседува талент и следната сезона можеби ќе остане со првиот тим а можеби и ќе замине на позајмица, но во Премиер Лигата. Добрите настапи оваа сезона ќе му овозможат на играчот и да дебитира за сениорската репрезентација на Велс овој месец.

Сем Брн одигра едно полувреме за Карлајл во мечот против Вулверхемптон но тие загубија со 3 – 0 и не успеаја да изборат опстанок во третата англиска лига. Карлајл на почетокот се бореше за влез во Чемпионшип но откако си замина Том Лоренс тие почнаа да играат слабо и тоа резултираше со најлошиот епилог. Сем Брн одигра солидно на оваа позајмица но најверојатно ќе си замине од Манчестер Јунајтед за време на летниот преоден рок.

Том Лоренс имаше одлично деби за првиот тим на Манчестер Јунајтед заедно со Џејмс Вилсон.

Џек Бармби и Хартлпул успеаја да изборат опстанок во четвртата англиска лига иако загубија на последниот меч. Бармби беше фантастичен за Хартлпул и постигна неколку одлични голови, тој како и Брн се очекува да си замине од нашиот клуб. По оваа позајмица сигурно ќе има голем број на заинтересирани клубови за неговите услуги.

Вилфрид Заха го одигра целиот меч за Кардиф и беше нивниот најдобар играч на гостувањето кај Њукасл. На последните натпревари Заха игра во одлична форма и се надеваме дека конечно тој ќе почне да созрева и ќе се истакне на летната турнеја со првиот тим. Неговиот тим загуби со 3 – 0 и не успеа да обезбеди опстанок во Премиер Лигата, тие следната сезона ќе играат во Чемпионшип и ќе се борат за експресно враќање во Премиер Лигата. Во последното коло Кардиф игра со Челзи.

Андерсон не доби шанса во финалето од италијанскиот куп против Наполи, Фиорентина загуби со 1 – 2 во финалето. Завчера исто така Андерсон остана на клупата за резерви кога Фиорентина се сретна со Сасуоло и загуби на домашен терен со 3 – 4. Виолетовите немаат шанса да напредуваат на табелата и да се борат за квалификациите за Лигата на шампионите, тие се наоѓаат на 4 – та позиција и следната сезона ќе играат во Лига Европа.

Анџело Енрикез не настапи за Сарагоса на мечот против Лас Палмас како и Марник Вермајл за НЕЦ против Ајакс поради повреда. Бебе го одигра целиот меч за Фереира во ремито со Рио Аве но тие се наоѓаат на последното место во португалската лига. Во последното коло потребна им е победа на Фереира и дел од магијата на Бебе за да останат во првата португалска лига.

Сега остануваат уште Пауел, Лингард, Кин и Заха кои ќе одиграат мечеви во Англија додека сите останати играчи се вратија од позајмиците. Енрикез, Вермајл, Андерсон и Бебе исто така треба да одиграат барем уште еден меч за своите тимови.

Коментари

коментари