Марк Хјуз и Стоук успеаа да остварат победа над Манчестер Јунајтед

Во саботата игравме меч со Стоук на гостински терен и уште пред дуелот најавивме дека ова ќе биде еден исклучително тежок меч кај еден незгоден противник. Тоа и се обелодени и тимот на Марк Хјуз успеа да оствари драгоцена победа.

Стоук отсекогаш негувал игра во која учествуваат високи играчи и тие се најопасниот тим во Премиер лигата кога станува збор за играта со глава. За оваа игра на Стоук временските услови беа полн погодок. На Британија стадионот дуваше силен ветер и во второто полувреме врнеше, ова сигурно влијаеше на играта на нашиот тим иако не треба да биде оправдување за поразот. Нашата препознатлива игра со ширење по крилните позиции со долги топки не можеше да се оствари бидејќи правецот на топката беше секогаш менуван од ветерот.

Како и на скоро сите мечеви така и на овој не бевме поштедени од повредите, во 11 – та минута Џони Еванс беше принуден да го напушти теренот поради повреда на листот на ногата. На негово место влезе во игра Рафаел но само неколку минути подоцна Фил Џонс и Џонатан Волтерс се судрија во воздушен дуел и нашиот играч се онесвести. Тој беше изнесен на носилки од теренот бидејќи заработи потрес на мозокот. На местото на Фил Џонс влезе во игра Дени Велбек бидејќи нашиот тим беше во дефицит на високи играчи, Мајкл Керик се врати во одбраната а Вејн Рни на средината на теренот. Во првото полувреме иницијативата и поседот на топката го имаше нашиот тим но при крајот на полувремето беше досуден слободен удар од 40 – ина метри. Чарли Адам, играчот од средниот ред на Стоук го изведе слободниот удар и топката ќе завршеше покрај голот но таа го погоди Мајкл Керик и заврши во голот за водство од 1 – 0. Давид Де Геа немаше никакви шанси да го одбрани ударот бидејќи топката целосно го смени правецот откако се одби од Мајкл Керик. На полувремето резултатот беше 1 – 0 за Стоук.

На почетокот од второто полувреме нашиот тим веднаш успеа да израмни кога Хуан Мата во 46 – та минута асистираше и Робин ван Перси го израмни резултатот. Кога сите се надевавме и очекувавме целосно да го свртиме резултатот Чарли Адам постигна маестрален гол. Тој од 20 метри шутираше во горниот агол и постигна можеби еден од најдобрите голови оваа сеозна. Нашиот тим повторно се обиде да го израмни резултатот до крајот на мечот и имаше шанси за такво нешто но не искористивме ниту една шанса и Стоук успеа да забележи голема победа. Мечот заврши 2 – 1 во корист на Стоук.

По оваа победа Стоук останува еден од најдобрите тимови оваа сезона на домашен терен, тие имаат само два пати загубено и притоа го победија Челзи а сега и нашиот тим.

Ова беше шанса за нашиот тим да ги искористи лошите резултати на Ливерпул и Тотенхем и да ја намали предноста во однос на овие два тима но тоа за жал не се случи. По ова коло остануваме на 7 – та позиција на табелата, лидерот Арсенал има 15 бода предност додека четвртопласираниот тим на Ливерпул има 7 бода предност.

По мечот нашиот менаџер потврди дека Џони Еванс има повреда на листот на ногата и не се знае колку ќе отсуствува, додека Фил Џонс има мал потрес на мозокот и можеби ќе го пропушти следниот натпревар. Нема новости во врска со повредата на аркадата на Том Клеверли.

Следи одмор од една недела која е потребна за санирање на повредите на дел од играчите и подготвување на тимот за предизвиците кои следат. Нашиот следен меч го играме во недела против Фулам кој е предводен од нашиот поранешен асистент Рене Муленстин. Натпревар кој мораме да го добиеме бидејќи следи тежок период и меч со Арсенал.

Коментари

коментари