Манчестер Јунајтед заслужено елиминиран од Мидлзборо

Манчестер Јунајтед заслужено елиминиран од Мидлзборо

Неискористените шанси и бледото издание нè чинат елиминација од Лига Купот каде Мидлзборо со храбра игра се пласираше во 1/4 финалето…

Луис ван Гал промени дури девет играчи од тимот кој настапи против Манчестер Сити и шанса добија младите играчи и оние на кои им се потребни натпревари. Напаѓачката линија составена од Вилсон и веднаш позади него Депај, Фелаини и Лингард изгледаше одлично на хартија, но тоа не се отслика на натпреварот во првите 45 минути.

Уште во најавата за овој дуел најавивме дека Мидлзборо не е тим за потценување и тие тоа го докажаа со првата шанса на Олд Трафорд. Гостите изведоа корнер по кој следеше една мешаница во шеснаесетникот на Ромеро за топката да дојде до левиот бек Френд кој за среќа шутираше блиску до Аргентинецот кој го одбрани ударот. Нашите напади завршуваа со интервенција на одбраната на гостите откако Депај солираше, а во неколку наврати и Лингард. Првиот удар кон голот го забележавме по 30 – та минута кога Вилсон испрати слаб шут кон голманот Мехиас, а потоа следеше и најзрелата шанса кога Фелаини ја прими топката во петтерецот со гради, но неговиот шут го блокираше еден од стоперите на Мидлзборо. Переира со Керик делуваше солидно на средината иако тој игра најчесто позади напаѓачот како 10 – ка. Крилните играчи не создадоа шанси ниту пак Вилсон доби некоја корисна топка. Стјуарт Даунинг имаше шанса да ги доведе гостите во водство со удар од 20 – ина метри, но Ромеро забележа одлична интервенција. Бледата игра од дербито за Манчестер продолжи и на овој натпревар и со новите играчи, на полувремето тимовите заминаа при почетниот резултат каде Мидлзборо беше поопасниот тим.

На почетокот од вториот дел во игра влезе Руни на местото на Вилсон, кој сè уште не е подготвен за целосен натпревар. Со влегувањето на Вејн бевме поопасни, а исто така се гледаше желбата кај играчите да постигнат погодок. Сето тоа резултираше со преземање на иницијативата и создавање шанси кои не ги искористивме, нашиот капитен неколку пати се најде во шеснасетникот, но лесно му ја одземаа топката, додека Фелаини шутираше и Мехиас го одбрани ударот. Лингард делуваше по десната крилна позиција и пробиваше кон средината кога испрати шут кон голот на Мидлзборо кој не беше доволен за да го совлада Шпанецот. Последните минути од натпреварот беа пеколни со што и ние, но и гостите можеа да дојдат до победнички гол. Лингард прво шутираше силно во стативата откако Руни асистираше со глава, а само минута подоцна Лидбитер остана сам со Ромеро кој го спречи неговиот лоб удар. Тоа не беше сè од Мидлзборо бидејќи Даунинг потоа имаше фантастичен удар кој изнуди маестрална одбрана од Серхио со што тоа значеше дека ќе гледаме продолжетоци од по 15 минути.

Продолжението почна како што заврши и вториот дел, иницијатива и пресинг но повторно без погодок. Переира најчесто беше играчот кој центрираше во шеснаесетникот, но топките не ги користеше Фелаини или пак тие беа непрецизни. Исто така Руни имаше една шанса која повторно не ја искористивме. Вторите 15 минути Переира презеде одговорност и при еден контранапад беше непрецизен со што топката заврши само сантиметри покрај голот, Марсијал имаше шанса со глава како и Фелаини додека исто така судијата не досуди чист пенал откако дефанзивецот Ајала играше со рака. По 120 минути натпреварот се одлучуваше со изведување на пеналите. Пенал завршницата беше среќна за Мидлзборо откако Мехиас ги одбрани пеналите на Руни и Јанг додека Керик шутираше преку голот, единствено Переира беше прецизен. Мидлзборо заслужено помина понатаму откако покажа поголема желба и беа попрецизни во пенал рулетот.

XI: Ромеро, Дармијан, Смолинг, Блинд, Рохо (Јанг), Керик, Переира, Лингард, Фелаини, Депај (Марсијал) и Вилсон (Руни). (4 – 2 – 3 – 1)

Како најдобар поединец би можеле да го издвоиме Переира кој играше на средината од теренот, а потоа се пресели на левата крилна позиција. Бразилецот покажа дека е опција за Ван Гал и дека може да се смета на него, притоа иако млад и неискусен тој погоди од белата точка за разлика од останатите изведувачи. Ромеро исто така одигра солиден меч со неколку клучни одбрани, но не смееме да ја заборавиме грешката кога за малку топката по негова вина ќе завршеше во голот. Во секој случај ова е уште едно бледо издание на тимот каде не искористивме огромен број на шанси и за тоа стигна казната, а тоа е елиминација од Лига Купот. Сега во сабота ни следи тежок меч против Кристал Палас на гостински терен, а Ван Гал на располагање ќе има доста изморени играчи кои одиграа по 120 минути, а сепак клубот забележа елиминација од едно натпреварување.

Коментари

коментари