Магичниот Депај му донесе пресврт и триумф на Манчестер Јунајтед против Бриж

Магичниот Депај му донесе пресврт и триумф на Манчестер Јунајтед против Бриж

Манчестер Јунајтед оствари победа од 3 – 1 против Бриж и го одигра најдобриот натпревар сезонава, Мемфис Депај постигна два маестрални погодоци…

Триумф на Манчестер Јунајтед против Бриж во интересен натпревар со четири погодоци, магијата на Депај и неговата 7 – ца се најголемото задоволство од победата против Белгијците.

Лигата на шампионите се врати на Олд Трафорд, а со тоа и возбудувањата кои почнаа многу рано и тоа со водство за Бриж. Гостите изведоа слободен удар од 40 – ина метри кој се очекуваше да биде лесен плен за Ромеро, но Керик во обид да ја исфрли топката ја смести позади Аргентинецот за водство од 0 – 1. Голем шок на Олд Трафорд за гледачите и самите играчи кои брзо се вратија во мечот благодарејќи на Мемфис Депај. Холанѓанецот го постигна својот дебитантски погодок по асистенција на Керик, нашиот крилен напаѓач ја прими топката на гради по што си направи простор и ја смести во голот, одлична техника и завршница на Депај. Шансите се редеа пред голот на Бриж и прашање на време беше само кога ќе видиме нов погодок, а тоа се случи при крајот од првиот дел кога Мемфис го постигна вториот гол на мечот. Блинд го пронаде Депај кој од работ на шеснаесетникот испрати фантастичен удар кон голот кој го совлада голманот на Бриж. Неверојатно полувреме за Депај кој беше магичен на теренот за целосен пресврт и водство од 2 – 1 на полувремето.

Бастијан Швајнштајгер на полувремето го замени Мајкл Керик кој постигна автогол, но и асистираше за првиот гол. Депај не заврши во првиот дел и повторно беше нашиот најопасен играч и во вторите 45 минути, удари од далечина, одлични проигрувања беа само дел од неговиот репертоар. Тој имаше шанса да постигне и хет – трик по одлична акција на Шо и Руни, но стрелаше само над голот. Манчестер Јунајтед притискаше, а Бриж добро се бранеше, во игра влезе и Чичарито кој го замени Јанузај. Мексиканецот по неколку минути беше фаулиран и еден дефанзивец на Бриж беше исклучен поради втор жолт картон со што гостите ги играа последните десет минути со играч помалку. Сè беше подготвено за реваншот во Белгија каде ќе патувавме со 2 – 1, но човекот за големи погодоци, Маруан Фелаини кој влезе на местото на Руни, постигна гол во последните секунди од натпреварот со глава. Одлична асистенција на Депај која Белгиецот ја смести во голот за конечни 3 – 1.

XI: Ромеро, Дармијан, Смолинг, Блинд, Шо, Шнајдерлин, Керик (Швајнштајгер), Мата, Јанузај (Чичарито), Депај и Руни (Фелаини). (4 – 2 – 3 – 1)

Ова беше несомнено нашиот најдобар натпревар сезонава каде целосно доминиравме, напаѓавме и создававме шанси. Несреќниот автогол на Керик беше подарок за гостите додека голот на Фелаини во последните секунди може да се покаже како клучен во овој двомеч.

Нашиот најдобар играч денеска беше Депај кој постигна два маестрални погодоци и забележа асистенција со што беше најзаслужен за триумфот, исто така повторно Смолинг беше лидер во одбраната и ја елиминираше сета опасност од Бриж. Руни повторно беше под своето ниво, додека истото може да се каже и за Керик кој беше заменет на полувремето за Швајнштајгер. Пред нас е меч со Њукасл на Олд Трафорд во сабота, пред повратниот дуел против Бриж во Белгија.

Коментари

коментари