Луис ван Гал посакува трофеј со Холандија со кој ќе се раздели од Лалињата

Нашиот нов менаџер Луис ван Гал, тренерот Франс Хук и Робин ван Перси ќе бидат дел од мундијалот во Бразил каде повторно се надеваат на висок пласман.
Холандија е можеби најнесреќната репрезентација која некогаш заиграла на мундијалите. Се работи за една земја која дури три пати успеала да стигне до финале но ниту еднаш не успеала да стане светски шампион. Тоа за последен пат се случи во 2010 – та година во Јужна Африка каде во финалето беа поразени од Шпанија во продолженијата. Овој пораз беше прилично болен за играчите и селекторот со што тие веќе на следниот голем настан, Европското Првенство, не успеаја да ја поминат ни групната фаза по што следеа огромни промени во репрезентацијата. Како нов предводник кој го наследи Берт ван Марвик беше назначен Луис ван Гал кој за време на квалификациите за Светското Првенство воведе нови млади играчи кои ги заменија поискусните. Оваа одлука се покажа како правилна бидејќи тој создаде фантастична подлога за нова генерација на Холандија која во иднина ќе биде една од најдобрите во светот. Тој направи измени на сите позиции и сето тоа вроди со плод бидејќи тие беа најдобрата репрезентација во квалификациите која експресно се пласираше на мундијалот.

Новите млади играчи се идните ѕвезди на светскиот фудбал, Ван Гал досега во сите клубови кои ги водеше постави темели за успешни генерации како пример ќе го земеме Ајакс, Барселона и Баерн Минхен. Тоа сега се случува со холандската репрезентација каде се создава нова движечка сила. Селекторот Луис има голем број на играчи од првенството на Холандија кое го следи секое коло и импресиониран е од тие играчи. Еве ги играчите кои без избрани да настапат на мундијалот.

Голмани: Јаспер Силесен (Ајакс), Тим Крул (Њукасл), Мишел Ворм (Свонси).

Дефанзивци:  Дали Блинд, Џоел Велтман (Ајакс), Дарил Јанмат, Теренс Конголо, Бруно Мартинс Инди, Стефан де Вриј (Феенорд), Пол Верхег (Аугзбург), Рон Влар (Астон Вила).

Среден ред: Џорди Класи (Феенорд), Лирој Фер (Норич), Џонатан де Гузман (Виљареал), Најдел де Јонг (Милан), Весли Снајдер (Галатасарај), Џорџинио Вијналдум (ПСВ).

Напаѓачи: Мемфис Депај (ПСВ), Клас Јан Хунтелар (Шалке), Дирк Кајт (Фенербахче), Џермеин Ленс (Динамо Киев), Робин ван Перси (Манчестер Јунајтед), Арјен Робен (Баерн Минхен).

Лалињата на мундијалот се наоѓаат во можеби најтешката група, тоа е групата Б каде играат со европскиот и светскиот шампион Шпанија, со талентираната репрезентација на Чиле и со Австралија. Холандија ќе има тешка задача да се пласира во следната фаза бидејќи освен Шпанија која ќе ја анализираме утре, исто така и Чиле има фантастична репрезентација. Во оваа репрезентација играат Артуро Видал и Алексис Санчез кои се едни од најдобрите играчи денес а има уште многу други млади квалитетни играчи. Холандија за овој мундијал се одлучи да игра со млади играчи и мал број на искусни репрезентативци со што ќе им бидат потребни победи над Чиле и Австралија доколку сакаат да се пласираат во следната фаза. Се очекува борба помеѓу Шпанија и Холандија за првото место во групата Б но Чиле може да ги наруши плановите на овие две репрезентации.

Кевин Стротман, Луис ван Гал и Робин ван Перси заедно следеа голем број на натпревари во Холандија додека траеше сезоната.

Робин ван Перси е најдобриот играч на Холандија и најдобриот стрелец во историјата на Лалињата. Тој е прва ѕвезда на репрезентацијата и капитен кој вели дека ако треба ќе оди и по оган за својот селектор Луис ван Гал. Робин ќе биде екстремно мотивиран за ова првенство бидејќи можеби ќе му биде последно со оглед на годините а исто така ќе се подготвува и за следната сезона каде ќе работи токму со истиот човек, Ван Гал. Тој се наоѓа во одлична форма и тоа го покажа на пријателските мечеви каде постигна голови против Еквадор и Гана. Луис ван Гал пак за овој мундијал ќе биде без најдобриот играч од средниот ред, тоа е Кевин Стротман кој заработи тешка повреда играјќи за Рома и ќе отсуствува подолг период. Покрај Стротман на неколку дена пред објавувањето на конечниот ростер се повреди и Рафаел Ван дер Варт кој сигурно ќе имаше важна улога но Лалињата се ослабени без овие два играчи. Исто така уште еден играч од средниот ред заработи повреда на последниот пријателски меч и тоа е Џонатан де Гузман кој најверојатно ќе биде подготвен за почетокот на првенството а тоа се одлични вести бидејќи се очекува од него да стартува во средината заедно со Де Јонг. Селекторот има тешка задача да го состави тимот бидејќи има голем број на квалитетни играчи а на видеото погоре тој говори и за тоа со која формација сака да игра што сигурно ќе нè интересира нас фановите на Јунајтед.

За разлика од минатиот мундијал во Јужна Африка сега можеме да кажеме дека Холандија е послаба но тоа нека не ве залажува бидејќи се работи за нова генерација на играчи кои се желни за докажување. Тие имаат и искуство во Де Јонг, Снајдер, Кајт, ван Перси и Хунтелар но сепак новите темели се поставуваат врз младите играчи од холандското првенство. Тие ќе имаат и поддршка од трибините бидејќи Холанѓаните дури се задолжуваат со кредити да стигнат во Бразил и да ги видат своите миленици. Во секој случај Холандија ќе има тешка задача да се пласира во 1/8 финалето но од оваа репрезентација очекуваме да атакува на титулата без оглед на сè. Се надеваме дека ова првенство ќе биде дополнително искуство за Робин ван Перси кои ќе атакува на златната коапчка за најмногу постигнати голови и на тактиките на Луис ван Гал со тренерот Франс Хук кои ќе бидат пресудни за успехот на оваа репрезентација.

Коментари

коментари