Лига на шампиони | Пред нашиот дуел со ПСВ

Лига на шампиони | Пред нашиот дуел со ПСВ

На чекор од нокаут фазата во Лигата на шампионите, меч каде со победа ја исполнуваме нашата цел, а со пораз го допираме дното, ПСВ гостува на Олд Трафорд…

Холандскиот шампион оваа сезона веќе еднаш нè победи, тоа беше во првото коло од Лигата на шампионите каде во Ајндховен загубивме со 2 – 1. ПСВ оттогаш се врати во форма и сега заостанува само четири бода зад лидерот Ајакс во Холандија додека исто така сè уште е во игра за првото место во групата Б во најелитното фудбалско натпреварување. Колективот на Филип Коку важи за млад квалитетен тим кој произведува играчи за холандската репрезентација и играчи кои потоа играат во посилните лиги. Таков пример е токму нашиот Мемфис Депај, како и играчот на Њукасл, Жоржинио Вајналдум. Тие се наоѓаат во сосема солидна форма и на последните 10 меча од холандската лига немаат пораз. На последниот натпревар тие одиграа нерешено со Виљем, додека немаат триумф на гостински терен во групната фаза од Лигата на шампионите од далечната 2007 – ма година.

XI: Зоет, Бренет, Морено, Брума, Аријас, Пропер, Гвардадо, Локадија, Махер, Нарсинг и Де Јонг. (4 – 2 – 3 – 1)

Поради повреди утрешниот меч ќе го пропуштат Мено Кох и одличниот лев бек Џетро Виљемс додека Максим Лестиен е неизвесен. Сите останати играчи се подготвени меѓу кои и најдобрите на ПСВ како Адам Махер, Лучијано Нарсинг и Лук де Јонг. Најдобриот играч на гостите е токму капитенот Де Јонг, напаѓачот игра во одлична форма.

Манчестер Јунајтед моментално се наоѓа на одлична позиција во англиската Премиер Лига, а со тоа и со победата против Вотфорд се зголеми позитивната атмосфера и самодовербата во пресрет на последните дуели пред крајот на календарската година. Досега во Лигата на шампионите имаме солиден учинок оваа сезона иако можевме веќе да бидеме во нокаут фазата. Моментално сме на првата позиција во групата Б и утре со победа ќе обезбедиме пласман во следната фаза.

Луис ван Гал на денешната прес – конференција потврди дека Фил Џонс, Лук Шо, Антонио Валенсија, Мајкл Керик и Андер Ерера ќе го пропуштат дуелот на Олд Трафорд. Швајнштајгер го пропушти утринскиот тренинг, но тој е подготвен и денеска имал само ден за рехабилитација. Со долгорочни повреди се соочуваат Шо и Валенсија, Керик е на неколку недели од враќање на терените додека Џонс и Ерера немаат посериозни повреди.

XI: Де Геа, Јанг, Смолинг, Блинд, Рохо, Шнајдерлин, Швајнштајгер, Мата, Руни, Лингард и Депај. (4 – 2 – 3 – 1)

Со оглед на големиот број на повреди и натпреварот против Лестер во сабота треба да очекуваме измени, но во никој случај не смее да се потцени ПСВ кој има шанси да се искачи на првата позиција бидејќи има само бод помалку од нас. Треба да очекуваме враќање на Руни во првиот тим и покрај тоа што Ван Гал кажа дека како и сите играчи и тој се бори за своето место во тимот. Со повредата на Ерера немаме многу опции во средниот ред и добредојдено е враќањето на Фелаини. Депај треба да го очекуваме повторно во нападот по голот против Вотфорд, како и Лингард и Мата на крилните позиции. Марсијал би стартувал од клупата за резерви по мечевите за Франција и ситната повреда поради која го пропушти саботниот меч.

Иако Ван Гал има големи проблеми со повреди и голем број на млади играчи од У21 тренираат со првиот тим, треба да очекуваме победа со која ќе се пласираме во нокаут фазата. По триумфот над Вотфорд треба да забележиме нова победа иако ПСВ воопшто нема да биде лесен противник бидејќи тие имаат иста цел како нас, а и покрај тоа се работи за еден квалитетен тим. Сепак европските вечери на Олд Трафорд се посебни и се надеваме дека утре ќе бидеме сведоци на нова победа.

Коментари

коментари