Лига Куп | Пред нашиот дуел со Мидлзборо

Лига Куп | Пред нашиот дуел со Мидлзборо

Неефикасното дерби го остави Олд Трафорд и гледачите гладни за погодоци и триумф, Мидлзборо гостува на „Театарот на соништата“ во меч за враќање на победничките патеки…

Амбициозниот Мидлзборо е новиот предизвик за избраниците на Ван Гал, поранешниот асистент на Жозе Мурињо цели кон пласман во англиската Премиер Лига и високо достигнување во англиските купови. Аитор Каранка е човекот кој е назначен да ја исполни оваа задача, а Мидлзборо игра атрактивен фудбал под негово водство и минатата сезона беше многу блиску до зацртаната цел. Оваа сезона тие се наоѓаат на 4 – то место во Чемпионшип, а на последниот натпревар остварија победа против Вулверхемптон на гостински терен.

Шпанецот за утрешниот натпревар ќе биде без Адам Форшо, Алберт Адома и Кристијан Стјуани, додека се очекува Стјуарт Даунинг да стартува од првата минута. Повремениот англиски репрезентативец е најдобриот играч во колективот на Каранка и токму тој го постигна победничкиот погодок на последниот меч. Мидлзборо неодамна доби и ново засилување кое најверојатно ќе дебитира, а тоа е играчот на Манчестер Сити, Аргентинецот Бруно Зукулини кој пристигна на позајмица.

XI: Константопулос, Калаш, Аморебиета, Ајала, Френд, Лидбитер, Клејтон, Нсуе, Фабрини, Даунинг и Наџент. (4 – 2 – 3 – 1)

Иако го издвоивме Даунинг како најдобриот играч на Каранка, не изостанува квалитет во овој тим и од другите како на пример Шпанецот Нсуе или пак незгодниот напаѓач Наџент. Дефанзивата би можеле да ја издвоиме како поискусната страна со неколку играчи со искуство од англиската Премиер Лига меѓу кои Аморебиета и Ајала.

Memphis Depay vs Brugge

Мемфис Депај по неколку натпревари се очекува да добие шанса од првата минута

Дербито за Манчестер, каде не ги искористивме и малкуте создадени шанси треба да бидат лекција за играчите, а можеби и за менаџерот. Контрола на натпреварот, но без завршница и вистинска опасност кон противничкиот гол од играчите со задача за погодоци. Луис ван Гал потврди дека ќе ротира со што треба да ги видиме помладите во еден состав каде исто така ќе биде потребен лидер за да се преброди Мидлзборо. Холанѓанецот потврди дека Андреас Переира и Џејмс Вилсон се во ростерот за утрешниот натпревар, додека Антонио Валенсија е повреден и ќе го пропушти мечот како Лук Шо и Патрик МекНер.

XI: Де Геа, Дармијан, Смолинг, Рохо, Блинд, Керик, Ерера, Лингард, Фелаини, Депај и Марсијал. (4 – 2 – 3 – 1)

Со оглед на тоа дека Мемфис Депај ги пропушти последните натпревари треба да очекуваме нашата 7 – ца да стартува од првата минута заедно со Џеси Лингард. Овие играчи би делувале по крилните позиции додека исто така одмор би добил нашиот капитен кој игра во слаба форма, Вејн Руни. Секако во мислите на Ван Гал е Мајкл Керик како и Маруан Фелаини од кои исто така се очекува да стартува. Повредениот Валенсија ќе го замени Матео Дармијан, додека не се исклучува можноста за настап на Дели Блинд. Дилемата ќе биде кој да го предводи нападот, дали тоа да биде Марсијал кој на последните мечеви игра како лево крило, Вилсон кој гладно ја чека својата шанса или пак можеби Фелаини.

Ова е натпревар на кој треба да оствариме рутинирана победа без оглед на тимот со кој ќе настапи Ван Гал, можеби Лига Купот не е нашата примарна цел, но со секој натпревар младите играчи добиваат искуство и притоа играме на Олд Трафорд. Последниот натпревар во рамките од ова натпреварување против Мидлзборо го добивме во сезоната (2008/09) со 3 – 1. Каранка и неговите избраници ќе имаат прилично силна поддршка од трибините бидејќи најавени се голем број на гостински фанови.

Коментари

коментари