La Guerra Fría De Los Titanes

La Guerra Fría De Los Titanes

Ексклузивно, Манчестер Јунајтед е заинтересиран за Серхио Рамос, преговорите со Реал Мадрид се во тек во зделка во која е вклучен и Давид Де Геа.

Велат на секоја бајка и доаѓа крајот, но не секоја бајќа има среќен крај, мисла која се повторува во шпанската престолнина, Мадрид… Ладна, непопустлива, трагична војна се води во Мадрид каде Шпанија доживува медиумски хаос во последните неколку денови. Во главните улоги се Флорентино Перез и Серхио Рамос, човекот со неограничена власт и од другата страна најголемиот мадридиста и лидер на кралскиот клуб. Епилогот е јасен, ова не е првпат да бидеме сведоци на вакво сценарио, скоро секоја година го гледаме истото и знаеме како ќе заврши. Сè започна пред неколку години, а тоа продолжува и ден денеска со последната епизода од оваа сапуница…

Озил и Ди Марија

Angel Di Maria and Mesut Ozil

На крајот од сезоната (2012/2013) се испостави дека еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид, Месут Озил е подготвен да го напушти клубот. Сето тоа беше дел од играта и сложувалката со која Иско и Герет Бејл пристигнаа на Сантијаго Бернабеу, а Германецот беше жртвеното јагне. Пред сè влијанието на Иско беше пресудно бидејќи Перез во Франциско Аларкон гледаше млад шпански репрезентативец кој игра на иста позиција со Озил, а притоа е новата ѕвезда во својата земја. Озил го напушти Реал Мадрид бидејќи тој ќе беше резерва и си замина во Арсенал. Во меѓувреме, истото лето Кристијано Роналдо го изрази своето незадоволство поради третманот со Озил како и тоа што целите на Роналдо и Перез драстично се разликуваа. За разлика од Озил кој си замина, Роналдо потпиша нов договор со важност до 2018 – та година. Сосема различен епилог на две приказни кои можеа да имаат ист крај. Минатата сезона на мундијалот во Бразил блесна колумбиската суперѕвезда Хамез Родригез, младиот лидер на Колумбија кој беше меѓу најдобрите играчи на првенството. Од другата страна Анхел Ди Марија беше најдобриот играч на Реал Мадрид при освојувањето на историската „Ла Децима“ во најелитното фудбалско натпреварување. Флорентино Перез се одлучи да ги игнорира барањата за нов договор на Аргентинецот и ги искористи медиумите кои се во негова сопственост да го оцрнат името на Ди Марија. Тој беше претставен како алчен играч кој размислува само за пари. Ваквиот третман го принуди Ди Марија да размислува за заминување со што Манчестер Јунајтед се покажа како најзаинтересиран клуб и ги обезбеди неговите услуги и Флорентино Перез успеа во својата намера. Го престави Ди Марија како лаком играч и го продаде, со што го доведе Хамез од Монако кој има поголема маркетиншка моќ на пазарот иако тоа значеше дека во Реал Мадрид секогаш ќе изостанува барем една од главните ѕвезди во првиот тим поради фактот дека нема доволно место за сите. „Ел Фидео“ си замина и ја презеде „7“ во Манчестер Јунајтед, Хамез Родригез остана како новата „играчка“ на Перез…

Давид Де Геа

De Gea (Madrid)

Шпанскиот голман кој пристигна во Манчестер Јунајтед во 2011 – та година моментално е најдобриот во светскиот фудбал на својата позиција. Ова се должи на Сер Алекс Фергусон, Дејвид Мојс и Луис ван Гал, менаџерите под кои Де Геа прерасна во тоа што е денес. Тој има само 24 години и има уште една година од договорот со Манчестер Јунајтед. Клубот му понуди нов богат договор со кој ќе стане најскапо платениот играч на својата позиција, но тој досега не го потпиша истиот. Де Геа е роден во Мадрид и играше за Атлетико Мадрид, неговите родители живеат во Мадрид, Едурне (неговата девојка) е во Мадрид и притоа сега интерес покажува Реал Мадрид. Давид е наследникот на Икер Касиљас во шпанската репрезентација, а Перез посакува тој да биде наследникот на Касиљас и во Реал Мадрид. Идејата Де Геа да го облече белиот дрес и да се врати во својот роден град целосно го окупираше неговото внимание…

Икер Касиљас и Серхио Рамос

Ramos and Casillas

Сезоната одмина, а Реал Мадрид имаше прилично неуспешна година со што дојде и до промена на менаџерската позиција, Карло Анчелоти неправедно си замина, а на неговото место пристигна Рафаел Бенитез. Со ваквиот развој на настаните Серхио Рамос беше еден од играчите кој го искажа своето незадоволство, а пак притоа Икер Касиљас е на излезните врати од клубот. Перез посакува Касиљас веднаш да си замине иако Икер е легенда и икона на клубот. Шпанскиот голман има уште две години од договорот со Реал Мадрид и не сака да го напушти гигантот, и покрај тоа што игра променливо тој верува дека може да ја подобри својата форма и неуспехот на клубот не се должи само од него. Ваквиот однос кон една од најголемите легенди во историјата на клубот го иритираше Серхио Рамос. Тој моментално има годишна плата од 6 милиони евра, а договорот му истекува во 2017 – та година. Преговорите за нов договор започнаа и завршија катастрофално со што Перез нуди само покачување на платата до 7 милиони евра, а пак Рамос сака да биде ценет и да се најде помеѓу друштвото играчи кои се најплатени во клубот па неговите барања изнесуваат 10 милиони евра. Со ваквиот расплет на настаните Перез започна со акцијата и притисокот кон Рамос како што беше случај и со Озил, Ди Марија и Касиљас, т.е. медиумите веднаш се свртеа против него. Поранешниот играч на Севиља не попушта и сè уште барањата изнесуваат 10 милиони евра. Серхио е играчот кој минатата сезона го постигна клучниот гол во финалето од Лигата на шампионите против Реал Мадрид, односно оној по кој се промени целосно текот на натпреварот. Рамос важи за лидерот на клубот и најголемиот мадридиста кој се бори до последниот атом сила за белиот дрес, притоа тој е еден од најдобрите стопери во светот. Сето ова не е доволно Перез да ги исполни неговите барања за нов договор со што играчот сака да си замине доколку не бидат исполнети неговите барања.

Додека траат преговорите помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид за Давид Де Геа, кулминира војната помеѓу Флорентино Перез и Серхио Рамос. Едвард Вудвард веќе во преговорите покажа интерес за Рафаел Варан, Герет Бејл, Кристијано Роналдо и Карим Бензема, но тие играчи се оценети како „недопирливи“ од страна на Реал Мадрид. Токму поради тоа кога Реал Мадрид прашале за цената на Де Геа, нашиот преговарач ладнокрвно возвратил, цитираме: „Која е цената на Серхио Рамос?“. Вудвард можеби имаше катастрофална деби сезона на трансфер пазарот, но минатото лето тој својата задача си ја заврши перфектно со што ги исполни барањата на Луис ван Гал и добивме одличен извршен директор. Иако Де Геа има само една година од договорот Манчестер Јунајтед нема никаква финансиска потреба да го продаде играчот сега или пак тој да си замине како слободен играч следната сезона. Многу поголем профит ќе има клубот доколку Де Геа продолжи да брани во ваква форма и следната сезона отколку тој да си замине за 30 милиони фунти што претставуваат т.н. ситница за најголемиот клуб во светот. Поради ваквиот факт Вудвард засега многу паметно се поставува на преговарачката маса со што вели дека за Де Геа да си замине ќе мора Реал да се откаже од некој играч или да биде вметнат во евентуална зделка. Сите се плашиме од едно нешто, а тоа е дека Рамос само го користи клубот за да изнуди нов договор, нешто кое во изминатите неколку години го направија многу играчи и успеаја во својата цел. Но, како што знаете пред одреден период имавме чест да го интервјуираме Енди Митен и сега тој потврди дека клубот е сериозно заинтересиран за Серхио Рамос.

„Some links are genuine while others exist in the imagination of the minds of agents. But United’s interest in Sergio Ramos is genuine. They need a centre – half and the Andalusian is one of the best in the world.“ – Andy Mitten

Постојат два можни епилога од оваа приказна, или Флорентино Перез ќе ги исполни барањата на Серхио Рамос со што тој ќе потпише нов договор вреден околу 10 милиони евра по сезона, или пак тој ќе си замине од клубот како Анхел Ди Марија. Шпанецот е незадоволен од целата ситуација и со самиот факт што Реал Мадрид не ги почитува доволно легендите, тоа го видовме и во минатото со играч како Раул Гонзалез, сега Икер Касиљас, а следен сигурно може да биде Серхио Рамос. Во целата оваа приказна настапува Едвард Вудвард кој се обидува да извлече одлична зделка за Манчестер Јунајтед и учествува во една „невозможна“ мисија. Велиме невозможна бидејќи иако Рамос има несогласувања со Перез на него доколку му биде понудена плата во вредност од околу 10 милиони евра тој ќе ја прифати што е и сосема логично. Целиот свој живот го поминал во Шпанија каде има оформено и семејство. Според најрелевантните медиуми од Шпанија, „Cadena Cope“, Манчестер Јунајтед е во преговори со Реал Мадрид за Серхио Рамос. Клубот нуди 30 милиони евра плус Давид Де Геа за Серхио Рамос. Манчестер Јунајтед на Рамос му нуди годишна плата од 12 милиони евра во првата сезона, 11.5 во втората сезона, 11 во третата сезона и 10.5 милиони евра во последната година од договорот.

Sergio Ramos (Madrid)Денеска Рамос имаше средба со челниците на клубот, фотографија од неговото пристигнување во Валдебебас.

Во овој момент и состанокот кој се одржа изутринава во Мадрид, Серхио Рамос им посочил на директорите на клубот дека тој сака да си замине. На состанокот не ни присуствувал Флорентино Перез, тој одбил. Пред само неколку часа пристигна и потврда од „El Confidencial“, медиумот кој го обледоени трансферот на Анхел Ди Марија во Манчестер Јунајтед дека Рамос се очекува да си замине доколку ништо драстично не се промени. Жорге Мендеш ќе биде вклучен во трансферот како агент на Де Геа со што Реал Мадрид засега нема намера да му ги исполни барањата на Серхио Рамос. Сето ова може да биде домино ефект на трансфер пазарот. Со евентуалното пристигнување на Де Геа, Манчестер Јунајтед може да ја пронајде замената во Хуго Љорис со што би се отворила врата за Икер Касиљас во Тотенхем. Пристигнувањето на Серхио Рамос ќе значи крај на интересот кон Отаменди, а пак клиентот на Мендеш ќе заврши во Реал Мадрид како замена за Шпанецот.

Sergio Ramos

Во изминатите два месеци стоперите со кои нè поврзуваа беа Матс Хумелс (Борусија Дортмунд) и Николас Отаменди (Валенсија), Серхио Рамос е далеку подобар и поискусен од нив, има 29 години што е фантастична возраст за дефанзивец, има освоено сè што може да се освои во фудбалот на клупско и репрезентативно ниво. Тој е идеалниот кандидат за пополнување на лидерската позиција во одбраната. Неговата игра се комплементира со таа во Англија и физичките дуели, жарта која ја покажува на дерби натпреварите е онаа која би сакале да ја видиме и кај нас. Рамос е еден од оние играчи кои не ги сакате зошто играат кај противниците, но би ги обожавале да ги имате во вашиот тим.

Изразот легенда и икона на клубот имаат различно значење во Англија и Шпанија, посебно во Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Од Манчестер Јунајтед си заминувале легенди како Рој Кин и Рио Фердинанд, но причините биле многу поразлични отколку тие за заминување на Раул, Касиљас или Рамос. Низ изминатата деценија сите увидоа дека Флорентино Перез има чудни принципи со кои се доведува до знак прашалник дали тој навистина гледа само Реал Мадрид да биде успешен клуб. Манчестер Јунајтед и Едвард Вудвард играат многу паметно во преговорите со Реал Мадрид, исходот може да голема награда или драстична загуба, но едно е сигурно, Манчестер Јунајтед го посакува Серхио Рамос и има шанси да го доведе доколку една од двете страни не попушти. Моментално во Шпанија шансите за останување на Рамос ги оценуваат како многу минимални можеби 30% за да остане и 70% за да си замине, но фудбалскиот свет е непредвидлив и сè може да се случи затоа секоја информација која ја добиваме ја пренесуваме со доза на претпазливост. Останува да видиме што ќе се случи, ситуацијата може да се промени многу брзо, следете нè за сите новости поврзани со оваа трансфер сага.

Коментари

коментари