Конечниот пласман на Гордиот Албион зависи од формата на Вејн Руни

Гордиот Албион се надева на чудо но реалноста е дека има големи шанси тие да не ја поминат ни групната фаза на претстојниот мундијал со што скоро сè зависи од формата на нивниот најдобар играч, Вејн Руни.

Рој Хоџсон и неговите избраници изборија директен пласман на Светското Првенство во Бразил бидејќи завршија првопласирани во групата Х како дел од европските квалификации. Тие имаа навидум лесна група но ги завршија квалификациите како непоразени и на последниот меч на Вембли против Полска остварија победа со која се пласираа на мундијалот. За време на квалификациите најдобар играч беше Вејн Руни кој постигна седум погодоци на шест почнати натпревари од првата минута за Англија. Дени Велбек исто така беше одличен бидејќи постигна четири важни погодоци. Освен Руни и Велбек можеме кажеме дека и Џерард, капитенот на Ливерпул беше на нивото на овие квалификации. Ова ќе биде 14 – ти настап за Англија на мундијалите и тие се надеваат на чудо, досега само еднаш станале светски шампиони и тоа во далечната 1966 – та година кога биле и домаќини на турнирот. На изминатите првенства Англија се соочуваше со рана елиминација, тоа беше случај и во 2010 – та во Јужна Африка кога во 1/8 финалето беа поразени од Германија со 4 – 1 додека во 2006 – та година се искачија на едно ниво погоре и стигнаа до 1/4 финалето каде беа поразени од Португалија по пенал рулетот. Тоа 1/4 финале со Свен Горан Ериксон е највисокиот пласман на Англија на последните неколку мундијали, оттогаш оваа репрезентација игра под своите очекувања и под своите можности иако има голем број на квалитетни играчи и тие досега требаше барем еднаш да бидат шампиони со оваа генерација на европските или пак светските првенства.

Селекторот Рој Хоџсон за квалификациите и мундијалот внесе неколку нови млади играчи во составот со што го изостави Ешли Кол на левата бековска позиција. Исто така се очекува постарите играчи да добијат помала минутажа во Бразил, како на пример Френк Лампард додека пак еден Мајкл Керик воопшто не е ни повикан за овој мундијал.

Голмани: Џо Харт (Манчестер Сити), Бен Фостер (Вест Бромвич Албион), Фрејзер Форстер (Селтик).

Дефанзивци: Глен Џонсон (Ливерпул), Фил Џонс, Крис Смолинг (Манчестер Јунајтед), Тим Кејхил (Челзи), Фил Џагиелка, Лејтон Бејнс (Евертон), Лук Шо (Саутемптон).

Среден ред: Рос Баркли (Евертон), Џордан Хендерсон, Стивен Џерард, Рахим Стерлинг (Ливерпул), Адам Лалана (Саутемптон), Френк Лампард (Слободен играч), Џејмс Милнер (Манчестер Сити), Џек Вилшер, Алекс Окслејд – Чемберлеин (Арсенал).

Напаѓачи: Рики Ламберт, Даниел Стариџ (Ливерпул), Вејн Руни, Дени Велбек (Манчестер Јунајтед).

Крис Смолинг и Фил Џонс треба да бидат наследниците на Рио Фердинанд и Џон Тери во репрезентацијата на Англија и тие досега играа заедно за сите млади селекции на Гордиот Албион но не добија вистинска шанса да се докажат за сениорската репрезентација на Англија.

Квартетот на Манчестер Јунајтед кој ќе игра за репрезентацијата на Англија е составен од двајца играчи во нападот и двајца во одбраната. За жал Џонс и Смолинг нема да бидат прв избор на Хоџсон иако тие за сите селекции на Англија од најрана возраст играа заедно и беа одлични. Тој ќе игра и ќе експериментира со Кејхил и Џагиелка додека на десната бековска позиција ќе се најде Глен Џонсон иако е во катастрофална форма и сигурно Фил Џонс би бил подобра опција од него. Во нападот Руни добива критики за неговата игра но и како секогаш тоа го прават медиумите и само ги уништуваат шансите на Англија за повисок пласман. Велбек е есенцијален дел од играта на Англија но можеби ќе биде изоставен овојпат поради Рахим Стерлинг и доколку ова се случи тоа ќе биде незаслужено бидејќи Велбек е одличен за репрезентацијата и тоа го покажа и на последното Европско Првенство и на квалификациите. Меѓу овие играчи кои патуваат за Бразил можеби требаше да се најдат и Мајкл Керик и Том Клеверли кои немаа добра сезона со Манчестер Јунајтед но тие секогаш играле на ниво за Гордиот Албион и немаат одиграно слаб меч. Репрезентацијата на Англија е драстично ослабена и поради неколку повредени играчи. Тоа е Тео Волкот, крилниот напаѓач на Арсенал кој заработи потешка повреда и го пропушта мундијалот, доколку тој беше фит шансите на Англија за повисок пласман ќе беа драстично поголеми. Исто така уште едно крило го пропушта првенството а тоа е Андрос Таунсед од Тотенхем кој играше значајна улога на квалификациите.

Англија игра во групата Д со репрезентациите на Уругвај, Италија и Коста Рика. Тие ќе имаат тешка задача да се пласираат во нокаут фазата бидејќи Италија и Уругвај се поквалитетни репрезентации од Гордиот Албион. Оваа борба за првите две позиции ќе биде неизвесна и ќе се одлучи на дуелите помеѓу овие три репрезентации бидејќи против Коста Рика сите три репрезентации предвреме имаат испланирано по три бода. Многу ќе зависи успешноста на Англија на мундијалот од одлуките на Рој Хоџсон за тоа кои играчи да играат, бидејќи медиумите прават притисок Вејн Руни да биде изоставен од важните мечеви. Доколку тоа се случи можеме да очекуваме и дебакл на Англија што не би нè чудело, но Англија сега има ретка шанса да стигне далеку бидејќи доколку тие успеат да стигнат до следната фаза би вкрстиле со Брегот на Слоновата Коска, Јапонија, Колумбија или Грција против кои би имале реални шанси и можат да стигнат до 1/4 финалето. Доколку една репрезентација стигне до 8 – те најдобри понатаму сè е можно.

Коментари

коментари