Der Kaiser Schweinsteiger

Der Kaiser Schweinsteiger

Позади нас е можеби најуспешниот викенд за Едвард Вудвард кога се работи за трансферите, тој успеа да ги договори Матео Дармијан, Морган Шнајдерлин и Бастијан Швајнштајгер. Во оваа колумна се осврнуваме на најзвучното име од овие засилувања, фудбалскиот бог од Германија, „Kaiser Schweinsteiger“.

Доколку спроведете анкета помеѓу фановите на Манчестер Јунајтед ширум светот за тоа што му недостасуваше на клубот во изминатата сезона, најверојатно ќе добиете одговор со кој ќе се сложат сите, а тоа е лидер. Иако минатата сезона ја завршивме релативно успешно со тоа што ја исполнивме својата цел, во клубот недостасуваше вистински лидер каков што имавме во Ерик Кантона кој е воедно идолот на Швајнштајгер од детството, Рој Кин или пак Немања Видиќ. Вејн Руни е капитен на колективот на Луис ван Гал, но вистинското лидерство од Руни ќе го видиме во сезоната што следи бидејќи сепак оваа му беше деби сезона како таков. Англичанецот сега ќе ја има поддршката и искуството на еден светски лидер кој ги предводи светските шампиони, Германија. Бастијан Швајнштајгер ќе го гледаме во црвениот дрес во Манчестер Јунајтед, колку и да звучи ова нереално тоа се оствари.

Van Gaal and Bastian

Швајнштајгер е токму искусниот лидер кој му недостига на Манчестер Јунајтед, тој нема да биде капитен, но ќе има огромно влијание на теренот и вон него каде ќе го пренесува своето искуство и ќе ги води соиграчите. Секако заедно со Руни и Луис ван Гал, менаџерот кој ја пронајде вистинската позиција на Бастијан по што тој се промовираше во еден од најдобрите играчи за врска во светскиот фудбал, од калибарот на Андреа Пирло, Пол Сколс, Чави и Андрес Иниеста. Со самото пристигнување на Бастијан имаше поделени мислења помеѓу фановите зошто клубот доведува 31 (ќе наполни за некоја недела) годишен играч од кој се откажува Баерн Минхен. Ние сме на страната која целосно го поддржува овој трансфер бидејќи нашата средина очајно бара играч како Швајнштајгер кој и покрај годините има уште неколку години фудбал на светско ниво во него, само сетете се на Сколс, Пирло и Чави кои брилијираа во своите 30 – те години и го достигнаа зенитот во својата кариера. Швајнштајгер е легенда на Баерн Минхен каква што кај нас е Рајан Гигс и само замислете ја болката на пример доколку Велшанецот си заминеше од нашиот тим… Токму тоа се случува моментално во Германија и Ван Гал го искористи тоа доведувајќи го играчот. Германецот има непроценливо искуство и безброј освоени трофеи на клупско и репрезентативно ниво, притоа доаѓа за сума од 14.5 милиони фунти. Можеби има 31 година и позади него сезона исполнета со повреди кои сега се санирани, но нема клуб кој не посакува играч како Швајнштајгер во своите редови. Ако се вратиме 12 месеци наназад на финалето во Бразил против Аргентина, Германија стана светски шампион, а кој беше најдобриот играч? Бастијан Швајнштајгер кој го остави срцето на теренот и беше моторот на својата репрезентација, најзаслужен во финалето за триумфот. Неговата игра на теренот може да биде пресудна за секој иден успех на Манчестер Јунајтед и клубот конечно добива среден ред каков што му доликува заедно со Маруан Фелаини, Дели Блинд, Андер Ерера, Мајкл Керик, Хуан Мата, Анхел Ди Марија и најновата аквизиција Морган Шнајдерлин.

Моментално со Швајнштајгер слободно можеме да кажеме дека имаме среден ред кој може да се надигрува со најголемите во светскиот фудбал и да парира и во Лигата на шампионите. Ван Гал е човекот кој има огромна доверба во фудбалскиот бог, прекарот на Бастијан во Германија, а ние го поддржуваме и веруваме дека тој ќе ја возврати нашата доверба на теренот со пожртвуваност носејќи го црвениот дрес како што беше случај со Баерн Минхен и е случај со Германија. Пред нас следната година е Европско Првенство во Франција каде Швајнштајгер како капитен ќе има улога да ја предводи својата нација, ова е доволен мотив покрај играњето за Манчестер Јунајтед тој да се бори до последната капка пот во црвениот дрес. На Олд Трафорд ќе го видиме првиот Германец во историјата на клубот, и тоа не било кој туку најдекорираниот Германец во историјата на својата земја и оној со најмногу освоени трофеи, „Kaiser Shweinsteiger“!

Welcome Bastian Schweinsteiger!

Коментари

коментари