Патот до успехот е тежок, но чекориме по него

Патот до успехот е тежок, но чекориме по него

Минатата недела Златан го постигна својот 20-ти гол во 33-иот настап за Јунајтед и не донесе чекор поблиску до победа против актуелнит шампион, победа која не смеевме да ја испуштиме и која конечно не донесе толку блиску до водечката 4-ка во Премиер Лигата. Ова постигнување на Ибрахимовиќ е за секаков поздрав затоа што сепак се работи за 35-годишен фудбалер кој ја игра својата прва сезона во Англија, кој е главна офанзивна опасност по противничкиот затоа што од вкупно 36 постигнати голови сезонава, 15 се зад неговото име. Инаку, само за илустрација овие 36 голови се 4 помалку од вкупната бројка на Евертон и само 1 повеќе од Борнмут.

Ваквата неповолна бројка значи две работи. Прво, ако воопшто стигнеме до тоа фамозно 4-то место и избориме квалификации за ЛШ ќе мораме да го направиме со освоени повеќе бодови од конкурентите, бидејќи во случај на ист број на поени, нашата инфериорна гол разлика ќе значи губење на тоа место и второ ја покажува слабата ефикасност на другите делови од тимот, посебно на средниот ред и офанзивните крила. Наш втор стрелец во ПЛ е Мата со постигнати 5 голови, а вкупно има 8, а кога на ова ќе ја додадеме слабата конверзија на шансите во голови, која изнесува мизерни 8.6%, ни ја дава овогодинешната слика.

Но, слабата конверзија не е главниот виновник per se, туку тука мораме да ги додадеме и случувањата во екипата и тактичката поставеност во натпреварите. Имено, слободниот пад на Руни уште подрастично продолжи сезонава, Рашфорд не може да биде толку ефикасен изолиран на левата крилна позиција, Марсијал моментално ја доживува судбината на Михтаријан, а добро е што Мики полека почнува да се прилагодува на екипата и се чини дека можеме да очекуваме повеќе голови од него сезонава. Нејќам да звучам песимистички, да, ефикасноста ни е слаба, ама па тоа добро го компензира стабилната одбрана, која можеби е најголема придобивка во воие 8 месеци откако Жозе е на чело. Серијата од 15 натпревари без пораз не е среќа, туку е резултат на добрата дефанзивна работа на менаџерот и играчите, на неверојатното партнерство помеѓу Џонс и Рохо, константноста на Бејли и „терминаторот“ Валенсија.

 Сеуште има доста работа во Јунајтед, според мене вистинскиот Јунајтед ќе го видиме дури на почетокот на третата сезона на Мурињо во клубов. Можеби ќе кажете, „ама Жозе секогаш е најбољи во втората сезона“, а јас ќе ви речам дека тоа е вистина, ама исто така вистина е дека ситуацијата во Јунајтед не е налик на ништо со што Жозе се сретнал порано. Затоа ни треба стабилна основа која ќе продолжи да се надоградува во летниот трансфер период. Значи, ни требаат нови играчи. Точно, ни требаат. Дали треба за тоа толку да се опседнуваме во февруари? Апсолутно не. Искрено, во последниот период приметувам дека нашите фанови премногу непотребно се загрижени дали Гризман ќе дошол во јули/август или не. Нормално дека сакаме да дојде таков играч, кој фан на клубов не би сакал, ама реално во моментов многу поважно е како ќе еволуира тактички екипата, на пример, дали Жозе повторно ќе експериментира со 4-4-2, или ќе се врати на 4-3-3 или повторно како на почетокот на сезоната ќе игра со 4-2-3-1. Дали Марсијал и Шо ќе излезат посилни од овој лош период за нив, дали ќе се издигнат како Мики и ќе покажат карактер? Дали ќе избориме топ 4 и квалификации за ЛШ?

Одговорите на овие прашања се предуслов за тие фамозни трансфери. Како? Ако Жозе ја пронајде вистинската формација, полесно ќе може да ги најде вистинските играчи за вистинските позиции. Ако Марсијал и Шо „излезат од калта“ ќе нема потреба од интервенции на левата страна на екипата, ако потфрлат ќе требаат нови играч/и таму. Ако избориме ЛШ одлуката на Гризман да дојде во Манчестер ќе биде доста полесна за носење итн.

Знаете што за мене е поважно од муабетот за трансферите овие месеци? Натпреварот со Челзи на Олд Трафорд што треба да го играме на 15-ти април. Ќе прашате зошто? Ќе ви одговорам, затоа што ќе видиме до кај сме со екипата, буквално. Оваа година немаме можност да се натпреваруваме со екипи како Реал, Барса или Баерн Минхен, а баш Челзи сезонава квалитативно е најблиску до овие три екипи и мечот со нив на најдобар начин ќе покаже до кај стигнала работата во Јунајтед. Дали пак ќе го избришат подот со нас како на првиот натпревар или ќе покажеме дека сме на добар пат повторно кон врвот и сме тим кој со мали адиции ќе дојде повторно на врвот каде што и ни е местото. Засега скорот ни е 1 победа (против Тотенхем) во вкупно 6 натпревари со екипите коишто се над нас на табелата, иако рака на срце поголем дел дуелите со нив беа во првиот дел од сезоната кога сеуште беше прерано да се видат плодовите од работата на Мурињо.

Сепак, сезоната не е завршена и не изгледа толку лоша по нас. Играме финале во Лига купот, остануваме во борба за место во ЛШ, ланскиот триумф во ФА купот покажува дека сериозно го сфаќаме и цениме ова натпреварување, а имаме и добра шанса далеку да стигнеме и во Лига Европа. Имаме сеуште многу натпревари за играње и верувајте ќе се нервираме уште доста, ама мислам дека ќе има и уште повеќе причини за радост и на крајот од сезоната кога ќе направиме една ретроспектива, ќе заклучиме дека ова беше добра сезона, „транзициона“ сезона, но последна таква и дека по неа ќе следи вистинскиот Манчестер Јунајтед кој сите го знаеме.

Долгогодишен фан на Јунајтед, со посебен интерес за историјата на клубот. Најмногу активен со аналитички текстови на сајтот.

Коментари

коментари

Attachment