Изненадувањето на Ван Гал беше доволно за триумф на Вила Парк

Изненадувањето на Ван Гал беше доволно за триумф на Вила Парк

Втор триумф на „црвените ѓаволи“ за максимални бодови во англиската Премиер Лига, уште еден меч на кој одигравме просечно и можевме многу подобро…

Луис ван Гал изненади на денешниот натпревар со тоа што Ешли Јанг се најде на клупата за резерви, а Аднан Јанузај настапи на неговото место. Со таквата поставеност Депај се најде на левата крилна позиција, додека пак Белгиецот играше позади Руни на добро познатата „10 – ка“. Нашето напаѓачко трио составено од Мата, Јанузај и Депај беше воедно опасноста за Гузан и тоа секако вроди со плод во 29 – та минута. Хуан го пронајде Аднан со одличен пас во шеснаесетникот за тој со дриблинг целосно да го исфрли од игра капитенот Мика Ричардс. Јанузај потоа ја смести топката во голот иако таа малку го промени правецот поради допир на еден од играчите на Вила, сепак и покрај тоа одлична завршница на Белгиецот. Во последните 15 минути од првиот дел Вила се обидуваше да стигне до изедначување, но тие не создадоа некоја посериозна шанса.

Вторите 45 минути ги започнавме несигурно со многу изгубени топки кои лесно можеа да резултираат со казна од Астон Вила. Домаќините имаа шанса од корнер да постигнат гол, но Ромеро го спречи ударот на Вила. Нашиот менаџер го забележа тоа и Мајкл Керик го напушти теренот за Бастијан Швајнштајгер, додека Ерера влезе на местото на Јанузај. Германецот беше играчот кој ја презеде контролата на средината од теренот и Манчестер Јунајтед го врати поседот на топката. Мемфис Депај имаше чиста шанса да постигне погодок по фантастичната асистенција на Мата, но Холанѓанецот шутираше само до голот и пропушти да стави точка на натпреварот. За неколку минути Депај повторно шутираше, но Гузан го скроти неговиот удар од 20 метри. На крајот повторно издвојувавме победа од 0 – 1.

XI: Ромеро, Дармијан, Смолинг, Блинд, Шо, Керик (Швајнштајгер), Шнајдерлин, Мата, Јанузај (Ерера), Депај и Руни. (4 – 2 – 3 – 1)

Откако Ван Гал направи промена со што во игра влегоа Швајнштајгер и Ерера воспоставивме целосна контрола на средината од теренот. Тогаш гледавме подобар, побрз фудбал со кој веднаш создадовме неколку шанси кои не ги искористивме. Тоа беше причината зошто натпреварот заврши 0 – 1, секако тука е лошото издание на Вејн Руни кој денеска беше очаен. Хуан Мата повторно беше од најдобрите и заслужен за голот и шансата на Депај. Дармијан повторно импресионираше, додека истото важи и за Смолинг. Јанузај го реши натпреварот и со тоа целосно ја искористи укажаната шанса од страна на Ван Гал.

Ова е втора идентична победа за нас по таа против Тотенхем, уште еден меч на кој можевме многу повеќе но моментално важно е тоа што имаме максимални бодови и сè уште сме без примен гол. Нашиот следен натпревар е против Бриж во рамките од Лигата на шампионите во вторник, најелитното натпреварување се враќа на Олд Трафорд.

Коментари

коментари