Историја

1878 – 1899
Куче го спасува клубот од пропаст…
Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед најпрво беше формиран во 1878 – та година иако со друго име – Њутон Хит
Тогаш, никој не помислуваше дека овој клуб ќе има голем придонес во светската јавност и фудбалската игра. Работниците од железничката станица го формираа клубот и почнаа да се натпреваруваат со работници од други железнички станици.
Иако фудбалската лига беше формирана во 1888 – та година, клубот Њутон Хит не мислеше дека е доволно добар да се натпреварува во професионалната фудбалска лига заедно со Блекбурн Роверс и Престон Норт Енд. Клубот се приклучи на лигата во 1892 – та година.
Финансиските проблеми почнаа да го следат Њутон Хит и на почетокот од 20 – от век, клубот беше пред распаѓање. Клубот беше спасен од локалниот бизнисмен, Џон Хенри Дејвис. Според многумина, тој дознал за клубот откако пронашол загубено куче кое му припаѓало на капитенот на клубот, Хери Стефорд.

1900 – 1909
Клубот ја освојува лигата под ново име…
Џон Хенри Дејвис се реши да инвестира во клубот а во спротивно да добие функција во него. Сево ова доведе до промена на името на клубот и откако Манчестер Селтик и Манчестер Централ беа одбиени, се роди Манчестер Јунајтед 24 – ти април 1902 – та година.
Наредната влијателна фигура која што пристигна во клубот беше Ернест Магнал, кој беше претставен како секретар во 1903 – та, но според многумина тој е првиот менаџер на Манчестер Јунајтед. Со него и со неговите две засилувања, голманот Хери Могер и напаѓачот Чарли Сагар, Јунајтед заврши на третото место во сезоните (1903/04) и (1904/05).
Наредната сезона (1905/06), беше една од најважните во пораната историја на Јунајтед. Тимот со фигури како Дик Дакворт, Алекс Бел и капитенот Чарли Робертс успеа да стигне до четвртфиналињата на ФА купот и да го освои вицешампионското место во втората дивизија. Откако по 12 години ја напуштија Премиер дивизијата, можеше да почне да се слави.
За да прослави, Магнал го купи Били Мередит од ривалите Манчестер Сити. Со прекар Велшкиот магионичар, Мередит беше вмешан во скандал со мито во Сити и со уште 17 играчи беа ослободени од клубот. Таа ситуација ја искористи Магнал и многу рано дојде до потписот на Мередит, уште пред да почне наддавањето за играчите.
Доаѓањето на крилото во клубот се покажа како одличен потег. Мередит беше креатор на многу голови кои ги постигна Сенди Трнбал во (1907/08), кога Јунајтед за првпат ја освои Премиер дивизијата. Како шампиони, Јунајтед го одиграа првиот Черити Шилд во 1908 – та година. Го освоија Шилдот против Квинс Парк Ренџерс, победувајќи со 4 – 0, откако Џими Трнбал постигна хет – трик на овој натпревар.
Третиот трофеј кој беше пласиран во витрините на клубот беше ФА купот. Во 1909 – та година, Јунајтед во финалето го победи тимот на Бристол Сити со 1 – 0, со голот на Сенди Трнбал.

1910 – 1919
Нов стадион, успесите се редат…
Поимот Олд Трафорд во фудбалската историја се спомна за прв пат во сезоната (1909/10). Земјиштето на кое беше изграден стадионот беше купено од компанијата на сопственикот Џон Хенри Дејвис и препуштено на клубот. Самиот Дејвис плати и за изградбата која започна во 1908 – та година, водена од архитектот Арчибалд Лич. До 1910 – та година, клубот се имаше целосно преселено на новиот стадион, напуштајќи го нивниот стар дом кај Бенк Стрит.
Првиот натпревар на Јунајтед на Олд Трафорд беше одигран на 19 – ти февруари 1910 – та  година. Јунајтед изгуби од Ливерпул 4 – 3, а стадионот беше доволно голем да собере 80.000 фанови. Два дена претходно, силен ветар го имаше одвеано комплексот кај Бенк Стрит, а Јунајтед беа среќни што веќе имаа нов дом.
Јунајтед ја освоија Премиер дивизијата по втор пат во сезоната (1910/11), која беше една цела сезона заокружена настапувајќи на Олд Трафорд. Ја освоија во последното коло откако го победија Сандерленд со 5 – 1, на меч на кој Харолд Халс погоди два пати. Истата година, Халс погоди дури шест пати на Черити Шилд мечот против Свиндон Таун, кој Јунајтед го доби со 8 – 4.
Следната сезона, Манчестер Јунајтед разочара. Сезоната (1911/12) се покажа премногу лоша за клубот кој на крајот заврши како тринаесеттопласиран. Ернест Магнал не можеше да ги истрпи критиките и поднесе оставка, за подоцна да премине во Манчестер Сити. Негов наследник беше Џеј Џеј Бентли, кој пред тоа беше претседател на фудбалската лига. Под негово водство, Јунајтед завршија како четврти во сезоната (1912/13).
Сезоната (1913/14) беше период на транзиција, во која се менуваше менаџментот на клубот. Во декември, улогите на секретар и менаџер на клубот беа одвоени за првпат. Бентли стана секретар на клубот, додека Џон Робсон беше назначен за менаџер.
Тимот на Робсон беше само сенка на оној тим што освојуваше сè во минатата декада, затоа што само Џорџ Стејси, Били Мередит, Сенди Трнбал и Џорџ Вол останаа од тимот што го освои ФА купот во 1909 – та година. Клубот се бореше со сите сили да избори опстанок, кој го доби, избегнувајќи пропаѓање во втората дивизија за само еден бод.
Кога Јунајтед основаше план за повторно враќање на клубот на победничките патеки, избувна Првата светска војна и фудбалот беше ставен на последно место кај целиот народ. Фудбалската лига беше суспендирана и клубот настапуваше во регионални натпреварувања.
Јунајтед настапуваше во Ланкашир Принципал и Субсидери турнирите четири години. За овие четири години, натпреварите во овие турнири повеќе му одмогнаа на клубот. Двајца од играчите беа прогласени за виновни во скандал за местење натпревари. Енох Вест доби доживотна суспензија, исто како и Сенди Трнбал кој потоа се приклучи на Британската армија за да помогне на воените фронтови.
За жал, Трнбал беше убиен на еден од фронтовите во Франција во мај, 1917 – та, оставајќи ги Јунајтед без еден од своите херои од раната историја на клубот.

1920-1929
Гол машината Спенс, но клубот опаѓа…
Манчестер Јунајтед му се врати на лигашкиот фудбал на 30 – ти август (1919) година, по паузата од Првата светска војна. Првиот одигран меч беше против Дерби Каунти. Јунајтед тогаш имаше целосно нов состав, во кои беа вклучени само двајца фудбалери од минатиот тим на Јунајтед пред паузата.
Били Мередит беше сè уште на Олд Трафорд, но при крај со неговата кариера од сништата на Олд Трафорд. Во сезоната (1919/20) имаше само 19 настапи, сезона која Јунајтед ја заврши на 12 – то место. Новиот херој, Џо Спенс ја заврши сезоната со 14 постигнати гола. Тој беше најдобар стрелец и следната сезона, но Јунајтед ја заврши на 13 – то место.
Менаџерот Џон Робсон си даде оставка од менаџерската позиција и на негово место дојде Џон Чепмен на кого му беше врачена двојната позиција и на менаџер и на секретар како порано. Додека сево ова се случуваше со Јунајтед, Ернест Магнал продолжи со успесите со Манчестер Сити и тие се преселија на нов стадион на Меин Роуд.
Магнал потпиша со Били Мередит, изнанеадувачки, иако тој беше во поодминати години. Истата таа сезона Јунајтед отпадна од лигата, победувајќи на само 8 натпревари од 42 во сезоната (1921/22). Тимот на Чепмен играше во втората лига три сезони, откако лидерството на играчот Френк Барсон се покажа како клучно за промоција во првата лига во сезоната (1924/25). Оваа сезона Јунајтед имаше само 8 порази и завршија на втората позиција позади Лестер Сити.
Повратникот во лигата, Јунајтед, следната сезона ја заврши на деветтото место но имаше и одличен продор во ФА купот, но во полуфиналето изгубија од градсткиот ривал Сити со 3 – 0 на гостински терен. Среќата на Сити подоцна испари, откако изгубија во финалето на ФА купот и отпаднаа во втората лига.
Фановите на Јунајтед на ова не можеа да се радуваат долго. По два месеца од новата сезона (1926/27), имаа свои проблеми со суспендираниот менаџер Џон Чепмен од страна на ФА од причини кои сè до ден денес непознати. Крилото Кларенс Хидич ја презема улогата менаџер на клубот а воедно и играч додека клубот не најде постојан извршител на таа функција. Но, популарниот „Лал“ не сакаше да ја предаде таа позиција и за тоа време тимот страдаше.
Но, сепак беше доведен наследник на Чепмен. Неговото име беше Херберт Бамлет и на таа функција стапи подоцна во сезоната. На навивачите на Јунајтед им беше познат како судијата кој го откажа мечот од четврт-финалето од ФА Купот кога нивниот тим водеше 1 – 0 против Барнли поради лапавица. Но, на Бамлет му беше премногу ладно да го дувне свирчето и помошникот судија мораше да го стори тоа.
За жал, Бамлет не можеше да направи нешто повеќе со клубот. Јунајтед заврши на петнаесеттата позиција во сезоната (1926/27) и на осумнаесеттата во сезоната (1927/28), додека благо подобрување имаше во сезоната (1928/29), кога заврши на дванаесеттата позиција. Иако Џо Спенс даваше премногу голови, не можеше да ја спречи деклинацијата на својот тим …

1930 – 1939
Слаби резултати…
Падот на клубот од 20 – тите продолжи и во 30 – тите години од минатиот век. Јунајтед заврши како 17 – то пласиран во сезоната (1929/30). Стравовите на фановите беа потврдени кога следната сезона клубот го имаше својот најлош старт во својата историја губејќи ги првите 12 меча во серија, вклучувајќи ги и двата тешки порази од 6 – 0 од Хадерсфилд и 7 – 4 од Њукасл. Јунајтед загубу 27 од вкупно 42 – та меча таа сезона, притоа примајќи 115 голови во својата мрежа. Овие резултати доведоа до напуштање на клупскиот тренер Херберт Бамлет. На негово место доаѓа  клупскиот секретар Волтер Крикмер. Трпението на навивачите беше ставено на тест, притоа губејќи голем дел од својата поддршка на трибините. На првиот меч од следната сезона се појавија само 3.507 фанови на Јунајтед. Како сезоната напредува, така и работите се влошуваат. До декември тековната година клубот веќе нема пари за плата на играчите и на екипата и се заканува банкрот.
Клубот од тешката положба го спасува Џејмс Гибсон, изработувач на воени униформи, кој вложува 30.000 фунти, ги исплатува играчите и го враќа клубот во колосек. Го назначува Скот Данкан за нов менаџер и му дава на располагање одредени средства за нови играчи, но и покрај тоа Данкан потфрла во својата работа. По катастрофалните резултати во сезоната (1933/34) клубот е пред испаѓање во Третата Дивизија за првпат од своето постоење. Јунајтед се спасува од испаѓање во последното коло со победата од 2 – 0 против екипата на Милвол, со головите на Том Менли и Џек Кејп. Таа година ФА Купот го освојува Манчестер Сити со Мет Базби како менаџер.
Во сезоната (1934/35) Манчестер Јунајтед завршува на 5 – то место, додека пак во (1935/36) клубот го освојува својот прв трофеј за таа декада кога завршува на првото место во Втората Дивизија и обезбедува пласман во Првата англиска дивизија каде е без пораз на последните 19 мечеви. Првото место го потврдуваат со победата од 3 – 2 против Бјури со головите на Том Менли и Џорџ Мач. Јунајтед како дел од Првата Дивизија следната сезона има само 4 победи до Боксинг Деј или 10 вкупно целата сезона што значи повторно враќање едно скалило подолу. Во тогашната екипа игра и Волтер Винтерботом, кој подоцна ќе биде прогласен за Сер по неговото успешно менаџирање на Англија во период од 16 години.
Следната сезона (1937/38) Јунајтед повторно изборува пласман во Првата Дивизија како второ пласиран позади Астон Вила. Таа сезона Скот Данкан го напушта клубот и го презема кормилото на Ипсвич. Повторн за менаџер на клубот е назначен секретарот Волтер Крикмер. Откритието таа сезона е Џони Кери кој подоцна прераснува во еден од најдобрите бекови во историјата. Играчот игра 34 натпревари таа сезона, со постигнати шест гола, а Јунајтед обезбедува опстанок во лигата завршувајќи на 14 – то место, додека Сити оди во понизок ранг. Во тој период Лигата е прекината поради почетокот на Втората Светска војна.

1940 – 1949
Назначувањето на Базби, пристигнува првиот трофеј…
Почетокот на Втората Светска војна ја прекинува Лигата од 1939 до 1946 година. Но и покрај тоа што нема фудбал Олд Трафорд останува во фокусот на пошироката јавност. Имено на 11 – ти март 1941 – та година стадионот е бомбардиран од страна на германската авијација. Оштетени се главната трибина, соблекувалните и канцелариите. И покрај големата штета Олд Трафорд е повторно обновен.
Пресвртницата во историјата на клубот се случува со доаѓањето на Мет Базби на чело. Тој е поранешен играч на Манчестер Сити и Ливерпул и командант на Кралскиот батаљон од Ливерпул. Квалитетите на овој човек, за среќа, не минаа незабележани од страна на Јунајтед. Мет Базби се приклучува на клубот во 1945 – та година потпишувајќи 5 годишен договор. Во овој момент на никој не му се верувало дека оваа легенда ќе биде на чело на клубот во следните 25 години!
Базби веднаш започнува со позитивните промени во екипата. Тој ја открива познатата „Петка“, Џими Дилејни, Стен Пирсон, Џек Роули, Чарли Митен и Џони Морис. Сепак, можеби за најважно засилување на Базби се смета неговиот помошник Џим Марфи. Партнерството на Базби и Марфи станува едно од најдобрите кое овозможува Манчестер Јунајтед да стане од најуспешните клубови во светот во годините што доаѓаат.
Првичната цел на менаџерското дуо било да се состави тим кој најпрво ќе може да се бори за насловите во домашниот фудбал. Тоа за малку ќе им успеало уште од првиот обид, кога завршуваат на 2 – то место, позади Ливерпул првата пост – воена сезона во (1946/47). Тоа беше најдобриот пласман на клубот во последните 36 години, а уште поголем оптимизам влеваат и Резервите кои ја освојуваат лигата таа сезона. Миксот од млади локални и веќе докажни играчи го носат првиот трофеј следната година со победата над Блекпул во финалето од ФА Купот, во чии редови настапуваат играчи како Стенли Метјуз, Стен Мортенсен и Хери Џонстон. Ова беше прв трофеј за клубот по освоениот ФА Куп во 1909 – та година.
Со веќе освоен куп, целта на клубот е освојување на лигата. Во првите четири сезони од доаѓањето на Базби клубот завршува на 2 – то место и 4 – ти во сезоната (1949/50).
Клубот полека се издигаше, а тоа не помина незабележано од страна на фановите. Во сезоната (1947/48) дури еден милион фанови вкупно го гледале клубот во неговите настапи. Клубот излегува од долгови, а фановите се надеваат дека многу скоро повторно ќе го видат шампионскиот трофеј во нивните витрини.

1950 – 1959
Подемот и минхенската несреќа…
50 – те години започнуваат со заминувањето на Џони Морис во Дерби и Чарли Митен во Колумбија. Загриженоста на фановите подоцна беше смирена со промоцијата на младинците во тимот, како Џеки Бланчфлауер и Роџер Брн, кои воедно беа етикетирани како првите „Бејбс“. Во нивната деби сезона Манчестер Јунајтед ја освојува шампионската титула за првпат по 1911 – та година.
Во сезоната (1955/56) и (1956/57) Брн како капитен ги крева шампионските трофеи. Тоа е период кога се појавуваат и новите откритија на Базби во имињата на Еди Колман, Марк Џонс и Дејвид Пег, со чија помош Јунајтед освојува пет последователни трофеи во ФА Купот почнувајќи од 1953 – та година. Но, не беа сите играчи од младинската школа. Клубот во тоа време потроши неверојатно 30.000 фунти за Томи Тејлор и голманот Хери Грег.
Уште една ѕвезда излегува од младинскиот погон на клубот, а  тоа секако е Данкан Едвардс. Тој во април 1953 – та година станува најмлад играч кој играл во Првата Дивизија со само 16 години и 185 дена. Ерата на Базбиевите Бебиња започнува со импресивната победа над Арсенал на гостински терен на 1 – ви февруари 1958 – та година пред публика од 63.578 гледачи со голови на Едвардс, Тејлор (2), Боби Чарлтон и Денис Вајолет.
По натпреварот со Арсенал, играчите на Манчестер Јунајтед се упатуваат кон Белград за да го одиграат реванш мечот од тогашниот Куп на Шампиони (Лига на Шампиони) со Црвена Ѕвезда. Јунајтед победува со вкупен резултат од 5 – 4, но тогаш се случува најцрниот момент во историјата на клубот.
Датумот е 6 – ти февруари 1958 – та година, клупскиот авион застанува во Минхен за да дополни гориво. По неуспешното полетување од замрзнатата писта на германскиот аеродром се случува несреќа каде се изгубени 22 живот, меѓу кои и на 7 играчи, Брн, Колмен, Пег, Тејлор, Џонс, Џеф Бент и Лијам Вилан. Данкан Едвардс, поради повредите го губи животот 15 дена подоцна во една германска болница.
И покрај огромниот удар кој го здоби клубот, сепак успева да се опорави многу брзо, стигнувајќи до финалето на ФА Купот веќе истата година под водство на Џими Марфи. Финалето го губат од Болтон. Следната сезона Јунајтед завршува на второто место. Тогаш клубов влегува во уште еден транзициски период, додека Мет Базби конструираше уште еден одличен тим за уште пофеноменална следна декада.

1960 – 1969
Бест, Ло, Чарлтон и првиот трофеј фо КЕШ…
По создавањето на еден од најсилните состави видени во Англија, Мет Базби мораше да почне сè одново. Во минхенската несреќа животите ги загубија некои од најнадежните млади фудбалери во светот.
Едно од позвучните имиња во составот беше Денис Вајолет. Во сезоната (1959/60) Џек Роули го постави клупскиот рекорд во постигнати голови во една сезона кога постигна 32 гола. Целиот тим вкупно постигна 102 гола, но прими дури 80 што беа доволни за седмото место таа година.
Освен Вајолет и Роули, други позвучни имиња од тој период секако се Бил Фоулкс, секако Боби Чарлтон, Ноби Стајлс кои доаѓаат од младинската школа и Денис Ло кој прави за тој период рекорден трансфер од Торино во Јунајтед за износ од 115.000 фунти.
На почетокот на шестата декада од минатиот век формата на клубот и играчите не беше најдобра, се додека тие не се вклопија целосно. Овие играчи го носат првиот трофеј таа декада. То а се случува во сезонат (1962/63) кога во финалето на ФА Купот го победуваат Лестер со резултат 3 – 1 со два гола на Дејвид Херд и еден на Денис Ло.
Следната сезона тимот завршува втор, 2 поени зад Ливерпул од кого доживува два пораза. Оваа сезона е важна и поради дебито на легендата Џорџ Бест, кој подоцна ќе прерасне во еден од најдобрите играчи во историјата.
Во сезоната (1964/65) познатото трио Бест, Ло, Чарлтон го издигнуваат клубот во нови височини. Јунајтед ја освојува лигата пред Лидс, од кој има подобра вкупна гол разлика и стигнуваат до полуфиналето на Европскиот Куп на саемски градови, а Ло е прогласен за најдобар играч во Европа.
Иако од овој тим на Јунајтед се очекуваше многу, тие потфрлаат следната сезона завршувајќи на 4 – то место и се елиминирани во полуфиналето во ФА Купот и Европскиот Куп на шампиони. Таа сезона ќе остане запаметена по убедливата победа на тимот од 5 – 1 против Бенфика во 1/4 финалето од КЕШ.
Во сезоната (1966/67) клубот повторно станува шампион со што повторно му се гарантира место во најсилното европско натпреварување. Во 1968 – та година Манчестер Јунајтед конечно ја освојува и европската круна. Тоа го прави против Бенфика во финалето на Вембли. Јунајтед поведува со голот на Чарлтон, а резултатот го израмнува Хаиме Грака со што го носи мечот во продолженија. Резултатот после дополнителниот период е 4 – 1 за Јунајтед со головите на Џорџ Бест, Брајан Кид и вториот на Боби Чарлтон. Десет години по минхенската несреќа никој не ни помислуваше дека Мет Базби може да го достигне тоа што тимот успеа да го направи таа година. Подоцна таа година станува Сер Мет Базби, по добиеното одликување од Кралицата.
Следната сезона клубот завршува дури на 11 – то место во лигата. Исто така го губи и мечот со Естудијантес со 2 – 1 на Светското клупско првенство. Сер Мет Базби се пензионира во 1969 – та година.

1970 – 1979
Стагнација на клубот…
По заминувањето на Мет Базби од кормилото на клубот, бордот на директори се соочил со дилема кого да постави како наследник на легендарниот менаџер. Тие одлучуваат тоа да биде некој од тренерите кои моментално се во клубот. Како наследник на Базби е назначен Вилф МекГинис, кој ни од далеку нема да го наследи Сер Мет. Тој прави неколку неразбирливи потези по неговото назначување како на пример ставањето Џорџ Бест и Шеј Бренан на трансфер листа.
Вилф МекГинис е сменет од менаџерската позиција веќе во 1970 – та година, а како привремено решение Сер Мет Базби е повторно назначен како тренер.
Во јуни 1971 – та година за нов менаџер е назначен Френк Офарел и иако клубот имал импресивен старт на сезоната со него, се случува катастрофалниот пораз од 5 – 0 од Кристал Палас во декември 1972 – та година, што воедно значи и крај на Офарел како дотогашен менаџер на клубот.
Иако бил на чело кратко време Офарел успеал да го донесе Мартин Бјукан за рекордна сума од 125.000 фунти од екипата на Абердин. Бјукан ќе стане еден од омилените играчи на Томи Докерти кој е назначен за предводник од почетокот на 1972 – та година.
Главната задача на Докерти беше да се задржи успешноста на клубот додека трае оној транзициски период кога неминовно ќе дојде до смена на познатата генерација на играчи која ја создаде Базби. Чарлтон најави повлекување на крајот о дсезоната (1972/73), Денис Ло веќе не беше во зенитот на кариерата, а приватниот живот на Џорџ Бест сериозно влијаеше врз неговите перформанси на теренот. Ло е продаден во 1973 – та година во градскиот ривал Сити и токму тој играч со неговиот гол во последното коло го испраќа Јунајтед во Втората Дивизија.
Клубот има експресно враќање во Првата Дивизија. Ја освојуваат Втората Дивизија, а Стјуар Пирсон е првиот стрелец на екипата со 17 голови. Промоцијата ја обезбедуваат со победата над Саутемптон.
Клубот повторно успева да стигне до две последователни финалиња во ФА Купот. Првото финале во 1976 – та година го губи од Саутемптон, а второто победува со 2 – 1 против Ливерпул притоа уништувајќи им го сонот за тројна титула таа година. Само 44 дена по тој успех Докерти е сменет од својата позиција бидејќи започнува вонбрачна врска со сопругата на тогашниот физиотерапевт на клубот Лори Браун.
За нов предводник е назначен дотогашниот менаџер на КПР, Дејв Секстон. Иако клубот под негово водствово следните две сезони (1977/78) и (1978/79) ниту еднап не завршува над 10 – то место, сепак тој успева да го донесе тимот до финалето во ФА Купот во 1979 – та година. Јунајтед го дубат тоа финале со 3 – 1 од Арсенал а стрелци на головите за клубот се Гордон МекКвин и Семи МекИлрој.

1980 – 1989
Фергусон доаѓа на чело…
Јунајтед има лош старт на 80 – тите години. Клубот испаѓа во раните фази од ФА Купот и доживува тежок пораз од Ипсвич. Сепак клубот успева да победи во 8 од последните 10 меча на клубот и таа сезона завршува на 2 – то место со само два поена зад Ливерпул.
И следната година клубот има импресивен скор победувајќи на сите 7 последни мечеви, но тоа достигнување е доволно за 8 – то место во лигата. Бордот не може повеќе да го толерира тоа и решава да го отпушто Секстон како менаџер.
Тој е заменет со Рон Аткинсон, кој со себе ги носи Мик Браун и Ерик Харисон како свој помошник, односно тренер на младинците. Прави неколку значајни трансфер на играчи како што е Брајан Робсон кој доаѓа во клубот за рекордна сума од 1.5 милиони фунти од ВБА и Реми Мозес од истиот клуб за сума од половина милион фунти.
Во средниот ред доаѓа Реј Вилкинс, еден од најдобрите англиски играчи во тој период. И покрај сите имиња кои Аткинсон ги носи во тимот, сепак во тој тогашен Јунајтед фали напаѓач кој би можел да го има ефектот на Јан Раш од Ливерпул со чија помош тие стигнуваат до три последователни титули во 1982, 1983 и 1984 – та година. Јунајтед во овие години е секогаш при самиот врв завршувајќи или на третото или на четвртото место.
Титулите во овој период клубот ги донесе од домашните купови. Во 1983 – та година Јунајтед стигнува до финалето и на Лига и на ФА Купот. Првото финале го губи со резултат 2 – 1 токму од Ливерпул, а Јунајтед го освојува ФА Купот против Брајтон, но по одигрување на реванш меч, бидејќи првиот завршува со реми 2 – 2. Вториот меч клубот го добива со убедливи 4 – 0 со головите на Робсон (2), Арнолд Мјурен и Норман Вајтсајд.
Манчестер Јунајтед повторно го освојува ФА Купот во 1985 – та година против Евертон со резултат 1 – 0 и повторно со гол на Норман Вајтсад. Во овој период одлично функционира дефанзивното партнерство Кевин Моран – Пол МекГрат.
Но и покрај освоените 2 купа за 3 години на Аткинсон, тој во сезоната (1985/86) добива отказ поради тоа што не успева сериозно да му конкурира на Ливерпул за шампионската титула во домашното првенство. Ниту 10 – те последователни победи на почетокот од таа сезона не се доволни за Пок Еткинсон да ја задржи менаџерската улога.
Во ноември 1986 – та година во клубот решаваат да донесат тренер кој е докажан победник. Како тренер на Абердин, Алекс Фергусон ги добива сите можни признанија во шкотскиот клупски фудбал дополнети со освојување на Купот на победниците на куповите каде Абердин го победува фаворизираниот Реал Мадрид.
Клубот му дава доволно време на Ферги за да го донесе клубот повторно на победнички патеки. Во сезоните (1986/87) и (1988/89) Јунајтед завршува на 11 – то место, но во сезоната измеѓу нив клубот е втор веднаш зад Ливерпул што е позитивен индикатор дека клубот се движи во позитивна насока.

1990 – 1999
Препород на клубот…
Почетокот на 90 – тите ги носи и првите трофеи под водство на Алекс Фергусон. Повторно е освоен ФА Купот по повторен меч против Кристал Палас. Оваа победа ќе се покаже како многу значајна во идниот прогрес на клубот.
Таа победа му обезбедува на клубот враќање во европските купови после 5 години. Јунајтед стигнува до финалето на Купот на победниците на куповите каде за противник ја има Барселона. Манчестер Јунајтед победува со 2 – 1 со двата гола на Марк Хјуз. Тоа е прв европски трофеј за клубот по цели 23 години од финалето во КЕШ против Бенфика во 1968 – та година.
Постот во домашното првенство продолжува и во сезоната (1991/92). Сепак таа ќе биде запаметена по донесувањето на Ерик Кантона во клубот токму од тогашниот шампион Лидс во декември 1992 – та година. Токму Кантона беше онаа алка која недостасуваше во клубот. Со Ерик во нападот и неговите 9 гола таа сезона Јунајтед ја освојува титулата англиски првак по пауза од 26 години.
Во следната сезона (1993/94) клубот ги освојува ФА и Лига Купот, а на голот е Питер Шмајхел, најдобриот голман кој некогаш бранел за нашиот клуб.
Потоа следува еден лош период кога Кантона добива 8 месечна забрана да игра фудбал после инцидентот со фанот на Кристал Палас, екипата не успева да ги одбрани двата трофеи освоени претходната година. Шампионската титула ја губат од Блекбурн за само еден поен, а ФА Купот во финалето со Евертон. Тогаш потешка повреда заработува и Стив Брус кој е главниот одбранбен бедем на тимот во тој период.
Следната сезона (1885/96) Јунајтед освојува двојна круна победувајќи го Ливерпул во финалето на купот, а Кантона е вистинска инспирација за сите играчи во клубот, особено за оние помладите како Дејвид Бекам и Гери Невил.
Во 1997 – та година Кантона и помага на екипата да ја освои 4 – та титула таа декада и на изненадување на сите се пензионира по крајот на сезоната. Без него тимот не успева да освои ниту еден трофеј во сезоната (1997/98), на кое дополнително влијаат и повредите на Рајан Гигс и Рој Кин.
Влијанието на Гигс за екипата најдобро се гледа во реванш мечот од полуфиналето на ФА Купот против Арсенал во сезоната (1998/99) кога го постигнува голот на декада, кој воедно ги носи и во финалето каде со победата над Њукасл со 2 – 0 со головите на Пол Сколс и Теди Шерингам повторно е освоен ФА Купот. Само 6 дена претходно Јунајтед ја обезбеди и титулата англиски шампион со победата над Тотенхем на Олд Трафорд со голот на Енди Кол.
После епското полуфинале со Јувентус каде Рој Кин со одлична игра го понесе тимот кој се врати од негатива од 2 – 0 и на крајот победи со 2 – 3. Јунајтед се пласираше во финалето со Баерн Минхен кое се одигра на Камп Ноу во Барселона.
Мечот започна со рано водство на Баерн по голот на Марио Баслер од слободен удар. Германците го имаа водството сè до продолжението во второто полувреме кога нашиот клуб го направи еден од најневеројатните пресврти во историјата на фудбалот. Со головите на Шерингам и Солскер во 91 – та и 93 – та минута Манчестер Јунајтед ја освои тројната круна, а за тоа достигнување Алекс Фергусон беше прогласен за Сер.
Тој успех беше надополнет и со освојување на титулата најдобар светски клуб по победата над Палмериас во Интер Континенталниот Куп со 1 – 0. Најголемиот клуб во светот стана и најдобриот клуб во светот.

2000 – 2009
Успехот на тимот продолжува…
Јунајтед го започна новиот милениум со натпреварувањео на Клупското Првенство во Бразил. Иако клубот тука не освои титула, сепак тој период минат во Јужна Америка беше добредојден за тимот за малку одмор од напорниот распоред од Премиер Лигата. Таа сезона тимот ја обезбедува титулата во домашното првенство уште во април.
Се бараше замена за Шмајхел на голманската позиција. Најпрво беше донесен Марк Боснич, но откако не се снајде најдобро во јули 2000 – та година на негово место беше потпишан Фабиан Бартез. Голманот му помага на Јунајтед да ја освои третата последователна титула во Премиер Лигата во сезоната (2000/01), подвиг што претходно им успеал само уште на Ливерпул.
По освојувањето на таа титула Алекс Фергусон го најавува своето пензионирање, но сепак ја менува претходно донесената одлука и одлучува да остане во клубот.
Во 2002 – та година во клубот пристигнува Рио Фердинанд за сума од 30 милиони фунти од екипата на Лидс. Со неговиот трансфер клубот ја добива потребната сила и квалитет во одбрана по заминувањето на Јап Стам во Лацио. Мала црна дамка во кариерата на овој играч остана казната од ФА од 8 месеци забрана за игра која ќе му ја изрече поради закаснувањето на задолжителен допинг тест од страна на Фердинанд.
Во тој период клубот ја губи титулата од Арсенал, но успева да го освои ФА Купот по рекорден 11 – ти пат со победата од 3 – 0 во финалето против Милвол. Следната сезона Јунајтед повторно се пласира во финалето од ФА Купот кое го губи на пенали од Арсенал, иако екипата доминираше во текот на цекиот натпревр. Следната сезона екипата го освојува Карлинг Купот по победата над Виган.
Сепак главниот мотив на клубот е да ја врати титулата во Премиер Лигата. Тој тоа успева да го направи во сезоната (2006/07) кога завршува на првото место, 6 поени пред второпласираниот Челзи. Таа сезона Јунајтед се најде на врвот пред сè благодарение на извонредната сезона на Кристијано Роналдо кој собра 13 награда вклучително и наградите за најдобар играч во Премиер Лигата и најдобар млад играч.
Сезоната (2007/08) Роналдо уште еднаш го потврдува својот квалитет постигнувајќи 42 гола, а тимот ја освојува двојната круна. Ферги го засили тимот со Овен Харгривс, Карлос Тевез, Нани и Андерсон.
Десет дена по освојувањето на Премиер Лигата клубот освојува нов трофеј. Тоа се случува во финалето од Лигата на шампионите во Москва против Челзи. По изведувањето на пеналите Манчестер Јунајтед излегува како победник и ја освојува третата европска круна.
Во сезоната (2008/09) тимот повторно стигнува до финалето од Лигата на шампионите но за жал губи од Барселона. Сепак таа сезона клубот доминира во сите останати натпреварувања. Во декември екипата станува и светски клупски шампион по победата од 1 – 0 над еквадорскиот тим Лига де Кито со голот на Вејн Руни.
За одбележување е и дека истата сезона беше освоена 18 – та титула англиски шампион со што клубот се израмни со Ливерпул по бројот на освоени домашни првенства. Исто така повторно беше освоен и Карлинг Купот по успешното изведување на пенали против Тотенхем.
За идвојување е и дека од клубот излегува нова генерација на одлични млади играчи како Дени Велбек. И покрај продажбата на Роналдо и заминувањет она Тевез иднината на клубот изгледа светла.
Сезоната (2009/10) Јунајтед завршува на второт место, еден поен зад Челзи, а од трофеите го освојува Карлинг Купот.