Федерико Македа е најдобриот играч на Бирмингем додека Бебе има шанси да игра на мундијалот во Бразил

Федерико Македа во Бирмингем игра фантастично и тој ова коло играше против неговиот соиграч од Манчестер Јунајтед, голманот Сем Џонстон. Во Португалија за Пакош Фереира нашето крило Бебе не може да престане да постигнува голови. Прочитајте и за останатите играчи кои се на позајмица.

Ова коло Том Торп и Федерико Македа играа против Донкастер каде на позајмица е нашиот голман Сем Џонстон. Ова беше меч во кој победникот ќе биде оној тим кој е поблиску до опстанок во Чемпионшип, победникот е Бирмингем. Сините го добија натпреварот со 1 – 3 благодарение на нашите играчи бидејќи Том Торп успеа да забележи една асистенција а Македа постигна два значајни погодоци со кои го промени текот на натпреварот. Сите наши играчи останаа на теренот сите 90 минути а ова беше второто деби за Торп бидејќи пред еден месец тој на дебито за Бирмингем се здоби со потешка повреда. Сем Џонстон е најдобриот играч на Донкастер и најзаслужниот зошто оваа сезона овој тим има примено релативно мал број на погодоци, доколку некој друг голман се најдеше помеѓу стативите на Донкастер тие ќе забележуваа екстремно големи порази. Федерико Македа е најдобриот играч на Бирмингем и тој досега има постигнато 9 гола за овој тим. Тајлер Блекет кој е исто така на позајмца во Бирмингем не беше во тимот за овој меч. По ова коло Бирмингем и Донкастер ја делат 18 – та позиција во Чемпионшип со 43 бода.

Мајкл Кин веќе неколку меча за Блекбурн игра на позицијата десен бек и е сосема солиден. На последниот меч против Ипсвич тој му помогна на својот тим да не прими гол и тие остварија победа од 2 – 0. Со оваа победа сега Блекбурн може со нови 3 бода да се искачи дури од 11 – та на 7 – та позиција со што би биле блиску до плејоф местата.

Џеси Лингард одигра 78 минути за Брајтон против Барнсли пред да биде заменет, тој беше еден од најдобрите играчи на Брајтон бидејќи креираше шанси за своите соиграчи и имаше неколку опасни удари кон противничкиот гол. За жал мечот заврши 0 – 0 и Брајтон пропушти шанса да напредува на табелата со што останува на 8 – та позиција.

Вилфрид Заха по подолг период започна натпревар за Кардиф и тоа токму против својот поранешен клуб Кристал Палас. Тој не играше добро и беше заменет во 62 – та минута а клубот од Велс загуби со 0 – 3. Оле Гунар Солскер и Кардиф сега имаат тешка задача да изборат опстанок бидејќи тие заостануваат 6 бода зад Норич кој е 17 – ти и оваа позиција носи опстанок.

Том Лоренс ова коло за Јеовил го постигна и својот прв гол со што му донесе победа на својот тим и значајни 3 бода со победа од 1 – 2 над Блекпул. Јеовил останува на последната позиција во Чемпионшип но сега тие со само една победа можат да изборат опстанок. Овој гол на Лоренс е круна на неговата добра игра за Јеовил бидејќи во изминатите мечеви тој беше нивниот најдобар играч кој асистираше за своите соиграчи.

Давиде Петручи влезе во игра за Чарлтон во второто полувреме но не успеа да му помогне на својот тим да остане непоразен. Чарлтон загуби од Ридинг и сега тие се сè поблиску до опасната зона.

Вил Кин не беше во протоколот за натпреварот на КПР против Брнмут. КПР загуби со 2 – 1 од Брнмут и тие остануваат на третата позиција на табелата во Чемпионшип но можат да заборават на директен пласман во Премиер Лигата бидејќи Барнли кој е втор има 10 бода предност пред тимот на Хари Реднап.

Ник Пауел по подолг период одигра лош натпревар за Виган што беше навистина чудно, тој играше како класичен напаѓач и немаше многу шанси за гол ниту пак креираше шанси за своите соиграчи. Поради тоа тој беше заменет во 55 – та минута додека Виган го победи Лидс со 1 – 0. Виган се наоѓа на 5 – та позиција во Чемпионшип и тие со една победа можат да го преземат местото на Вил Кин и КПР.

Џек Бармби одигра 65 минути за Хартлпул но неговиот тим загуби со 1 – 0 од Портсмут, со лошите резултати во последните неколку меча Хартлпул сега е сè поблиску до опасната зона. Сем Брн кој е на позајмица во Карлајл остана на клупата за резерви на мечот против Свиндон кој го доби неговиот тим со 1 – 0, во слична ситуација е и тимот на Брн. Лиам Гримшо не беше во проколот за мечот на Моркамб против Менсфилд.

Од играчите кои се на позајмица во останатите земји Марник Вермајл е незаменлив во НЕЦ на десната бековска позиција и тој го одигра целиот меч против Камбур. НЕЦ заостанува шест бода од местата кои обезбедуваат опстанок.

Андерсон по неколку меча пауза влезе од клупата за Фиорентина во последните секунди од мечот кој тие го добија против Удинезе со 2 – 1. Фиорентина останува на 4 – та позиција која води во Лига Европа.

Анџело Енрикез е повреден и не настапува за Сарагоса, неговиот тим издвојуваше победа ова коло против Еибар. Сарагоса е на 14 – та позиција во втората шпанска лига.

Бебе е играчот кој во 2014 – та година во Португалија има најмногу постигнати голови, повеќе и од еден Џексон Мартинез (Порто) и Родриго (Бенфика). Неговата добра форма продолжи и во изминатиот викенд против Спортинг Лисабон кога постигна гол во поразот од 1 – 3. Тоа беше 9 – ти гол за Бебе во португалската лига и тој се искачува на 5 – то место на листата на стрелци, да не заборавиме дека Бебе постигнуваше голови и во португалскиот куп. Поради добрата форма Бебе има шанси и да обезбеди место во португалската репрезентација за Светското Првенство во Бразил. Селекторот Паоло Бенто размислува да го повика играчот и да се увери во неговите квалитети, ќе биде неверојатно но не и невозможно Бебе да се најде во репрезентацијата на Португалија која ќе патува за Бразил. Голот на Бебе имате можност да го погледнете тука.

Нашите играчи веќе утре играат нови натпревари за своите клубови а за тоа како тие одиграле ќе имате можност да прочитате во наредните денови.

Коментари

коментари