Farewell, Rolls Royce Rio!

Англискиот стопер Рио Фердинанд потврди дека ќе го напушти Манчестер Јунајтед како слободен играч по неверојатни 12 години на Олд Трафорд.

Нашиот 35 годишен стопер ќе го напушти клубот кога ќе му истече договор и ќе има можност како слободен играч да замине во друг клуб. Рио Фердинанд од 2002 – та година е во Манчестер Јунајтед и оттогаш тој освои голем број на трофеи во нашиот клуб со што само ФА купот недотасува во неговата богата колекција. Се работи за еден фантастичен стопер кој го исполни својот потенцијал и заедно со Немања Видиќ креираа тандем во срцето на одбраната кој ја одбележеза изминатата деценија. Овој тандем беше клучен за успесите на клубот и сега за едно лето и двајцата играчи си заминуваат. На Рио Фердинанд не му е понуден нов договор и тоа сосема е разбирливо со оглед на тоа дека во ноември ќе наполни 36 години и не игра повеќе на нивото доволно за Манчестер Јунајтед. Тој верува дека сè уште е подготвен за настапи и нема да се пензионира со што ќе ја продолжи кариерата во некој друг клуб.

Рио Фердинанд беше играч кој направи трансфер во Манчестер Јунајтед по инсистирање од страна на Сер Алекс Фергусон и тој во целост го исполни својот потенцијал со што стана фантастичен стопер. Во изминатите години тој заедно со Видиќ, Евра, Сколс (додека сè уште беше играч) и Гигс беше еден од највлијателните играчи во соблекувалната и целосно го разбираше Манчестер Јунајтед. Тоа можевме да го забележиме и на сите дерби мечеви кои ги играше против Ливерпул и Манчестер Сити. Минатата година беше фантастична за Рио и се најде во тимот на сезоната во Премиер Лигата на 34 години што е голем успех. Оваа сезона пак веќе видовме дека годините се пречка во неговата игра и има загубено голем дел од неговата брзина и агилност. Тоа најдобро го видовме на мечот со Манчестер Сити на Олд Трафорд кога не успеа да го спречи Един Џеко да постигне два гола. Во секој случај една сезона не може да ни го смени мислењето за играчот и сме му благодарни на Рио за преубавите спомени и освоени трофеи во црвениот дрес. Поради својот препознатлив и елегантен стил на игра тој го доби и прекарот Ролс Ројс според по елегантниот автомобил.

За Рио Фердинанд веќе неколку клубови покажуваат интерес меѓу кои само Вест Хем од Европа, додека има неколку клубови од Азија и пред сè од САД кои подготвуваат понуди. Најголеми шанси има Вест Хем од каде Рио потекнува и можеби тој сака да ја заврши кариерата во овој клуб додека исто така и можеби ќе замине во САД каде дополнително ќе заработи и ќе го промовира својот бренд „#5“.

Му посакуваме сè најдобро на Рио Фердинанд и се надеваме дека тој ќе игра во некој клуб каде ќе има пристојна минутажа. Ова е втора легенда која го напушта нашиот клуб откако веќе се потврди дека Немања Видиќ си заминува во Интер. По заминувањето на Рио и Немања сега нашиот клуб ќе се насочи кон донесување на барем еден стопер за време на летниот преоден рок.

Thank you Rio!

Коментари

коментари