„Едвај чекам да пристигнам во Скопје и да се запознаам со фановите на Манчестер Јунајтед од Македонија“

„Едвај чекам да пристигнам во Скопје и да се запознаам со фановите на Манчестер Јунајтед од Македонија“

Ексклузивно интервју со еден од навивачите на Манчестер Јунајтед кој пристигнува во Скопје за дуелот со Реал Мадрид и ќе биде наш гостин на Манчестер Јунајтед фан зоната…

Пред нас е историскиот натпревар од европскиот Супер Куп во Скопје, празник на фудбалот во Македонија, реткост која ја имаме сега и којзнае кога следен пат. По тој повод, како што ветивме Manchesterismyheaven.com ве носи поблиску до Манчестер Јунајтед преку ексклузивно интервју со навивач и член на официјалното здружение на навивачи на клубот кој го следи на сите мечеви низ сезоната веќе 20 години. Нашиот гостин одговара на сите прашања и вели дека едвај чека да пристигне во Скопје и да биде дел од Манчестер Јунајтед фан зоната. Во прилог, прашањата и одговорите:

1. Здраво, дали може да им се претставиш на нашите фанови?

– Големо благодарам до вас за поканата! Моето име е Џони Пенингтон и јас сум навивач на Манчестер Јунајтед со сезонски билет на Стретфорд Енд на Олд Трафорд, само што го добив мојот јубилеен златен сезонски билет по повод 10 годишнината од мојата првата сезонска карта и веќе полни 20 години одам редовно на натпреварите на Манчестер Јунајтед. Исто така одам скоро на сите гостувања во Англија, но најмногу уживам на патувањата низ Европа, досега сум го гледал Јунајтед низ 17 земји, наскоро 18 со Македонија, сето ова го споделувам на мојот блог: „Abroad Red“.

2. Како дојде до идејата за твојот блог „Abroad Red“ кој навистина изгледа фантастично?

– Првпат почнав да одам на европските гостувања со мои 19 години и слободно можам да кажам дека нема ништо подобро од тие искуства, посебно кога сонцето силно сјае, а пивото е евтино. Јас работам во областа на дигитален маркетинг и сакав да основам и водам блог подолго време, секогаш има приказни кои заслужуваат да бидат раскажани и кога сè повеќе и повеќе луѓе ја поддржаа мојата идеја, тоа беше лесна одлука за мене. Веќе 2 години пишувам на блогот па затоа има повеќе споделени искуства од Лига Европа отколку од Лига на шампиони, но се надевам сега тоа е минато!

3. Дали се сеќаваш на твојот прв натпревар на Олд Трафорд и првото гостување?

– Секогаш ќе се сеќавам на мојот прв меч, памтам имав 7 години (тоа беше 1997 година) и го победивме Барнсли со 7 – 0 преку хет – трик на Енди Кол. Моето прво гостување беше буквално крштевање со оган, пораз на Енфилд, но секогаш со посебен шмек се гостувањата на Енфилд. За среќа, во неколку наврати бев повторно на Енфилд и искусив и триумфи, но иако јас се вратив на Мерсисајд, Барнсли сè уште се нема вратено на Олд Трафорд.

4. Кој е твојот омилен натпревар на Манчестер Јунајтед кој си го проследил во живо?

– Би можел да го издвојам периодот од 2007 до 2011 година кога игравме одлично во Европа, победата од 7 – 1 над Рома и полуфиналето со Барселона се двете најдобри атмосфери кои некогаш ги имам искусено на Олд Трафорд. Но, ако морам да изберам тоа ќе биде вториот меч односно голот на Сколс против Барселона, дефинитивно мојот омилен гол на Манчестер Јунајтед ако ги изоставиме финалињата кои сум ги проследил.

5. Како е да си роден и израснат како фан на Манчестер Јунајтед, опиши го ривалството со Манчестер Сити и Ливерпул?

– Со оглед на тоа што живеам и работам во Манчестер морам да се соочувам со фановите на Манчестер Сити повеќе отколку што би сакал, но можам да кажам дека е големо ривалство. Исто така лично знам неколку добри фанови на „граѓаните“, но тие е најлесно да ги испровоцирам и многу брзо се нервираат со што и они се обидуваат да го направат истото со мене па научив како да ги толерирам. На денот на дерби натпреварите секогаш има огромна адреналинска атмосфера во центарот на градот и поради тој факт од голема важност е да ги добиеме овие натпревари. За жал, сега и со нив се натпреваруваме за трофеи со што сето тоа додаде дополнителна доза на жар во ривалството последните 5 до 10 години. Ривалството со Ливерпул е сосема различна приказна, збориме за многу пожестоко и понепријателски настроено ривалство. Аргументите се секогаш дека едниот клуб има побогата историја од другиот и повеќе титули. Никогаш досега не сум имал можност да влезам во вербален дуел со некој жесток навивач на Ливерпул низ годините, но овие натпревари секогаш имаат поголемо значење од било кои други, те држат во адреналинска обвивка. Да, исто така го мразиме и Лидс Јунајтед!

6. Кој е твојот омилен играч кој некогаш го носел дресот на Манчестер Јунајтед?

– Јас пораснав гледајќи го Јунајтед во 90′ – те години и тогаш сè беше околу Кантона и победниците од позната тројна круна во 1999 година. За мене најдобриот играч кој некогаш го имам видено во живо како игра е Кристијано Роналдо. Тој знаеше сам да победи натпревари и ни помогна до последователни финалиња во Лигата на шампионите, а притоа и даде гол во Москва. Слободниот удар против Портсмут, контранападот против Арсенал во 1/2 финалето следната година и оној неверојатен спринт и дриблинг против Фулам, впрочем колку пати во историјата сме имале играч кој постигнувал преку 40 голови во сезона?

7. Доколку би имал шанса да избереш еден играч од историјата на клубот кој и денес би го носел дресот на Манчестер Јунајтед, кој би бил тој играч?

– Ова е интересно прашање со оглед на тоа што моментално имаме неколку делови од тимот кои би можеле многу да ги засилиме со играчи од минатото. Сега имаме поцврста средина во однос на минатите неколку сезони и доколку тоа не беше случај, со сигурност ќе кажев Рој Кин. Како што кажав Роналдо е најдобриот играч кој некогаш сум го видел, но сега ќе изберам исто така уште еден одличен голгетер и магионичар со топката, Џорџ Бест. Многу е интересно да ги споредуваме Роналдо и Бест, но како и Португалецот така и Џорџ по сите фудбалски карактеристики бил одличен играч и човек. Јас впрочем работам многу блиску до пабот „Nags Head“ во Манчестер кој е свето место за фановите на Бест и одлично место како увертира за одење на натпревари на Олд Трафорд.

8. Кој играч би сакал да го видиш во црвениот дрес и дали може да направиш тим со пет играчи односно „5 a side team“?

– Искрено ќе беше одлично доколку го победевме Челзи во трката за Еден Азар, тој е фантастичен за нив и еден од најдобрите во лигата сега. Ако збориме за брзина и сила дефинитивно е Бејл, трансфер кој навистина можеби некогаш ќе се оствари и стварно ќе го засили тимот. Трансфер кој нема никогаш да се оствари, а сакам да го видам е Лионел Меси. Тој и Роналдо се двајцата најдобри играчи на денешницата и ќе биде навистина посебно да можам да кажам дека и двајцата играа за Манчестер Јунајтед.

Тим: Ван дер Сар, Рио, Сколс, Гигс и Роналдо. Замена: Кантона.

9. Што мислиш за Жозе Мурињо и неговото водство со „црвените ѓаволи“, дали мислиш дека тој е човекот кој ќе ги врати славните денови на клубот?

– Минатата сезона беше одлична, можеби не според високите стандарди на Манчестер Јунајтед, но дефинитивно одлична со оглед на минатите 3 каде што сега освоивме неколку трофеи. Едноставно кажано, Жозе е роден победник и го гради тимот да нè врати таму каде што припаѓаме. Иако, Жозе со својот пристап сè уште ги нема освоени сите навивачи на Манчестер Јунајтед поради оние бројни реми мечеви на Олд Трафорд и нерешените дерби дуели против Ливерпул и Сити. Ние мора да играме како што отсекогаш играл Манчестер Јунајтед што според мене е постулат за тоа како играше клубот во 90′ – те и првата деценија од 21 век под водството на Ферги. Тогаш имавме ароганција, големи возбудувања и никогаш не бевме во недостаток на голови. Жозе знае што треба да направи, играчите сакаат да играат под неговата палка и доколку се подобриме од минатата сезона ќе се бориме за сите титули. Можеби ќе му биде потребна уште една сезона за да го оформи тимот како што тој сака, но дефинитивно минатата сезона беше поставување на добра платформа за напредок.

10. Дали си задоволен со летниот трансфер преоден рок, кое е твоето мислење за Виктор Линделоф и Ромелу Лукаку?

– Жозе знаеше што ни е потребно минатото лето и донесе 4 нови засилувања. Тој започна многу добро и не направи драстични промени со ростерот на тимот како што беше случај со Луис ван Гал ниту пак остана без нови играчи како што мизерно постапи Дејвид Мојс. Тој јасно даде до знаење дека повторно сака 4 нови играчи со што моментално треба да сме задоволни бидејќи веќе 2 од зацртаните цели пристигнаа, а Матиќ додека го пишувам ова веќе станува дел од Манчестер Јунајтед. Јас искрено не сум премногу импресиониран со трансферот на Ромелу Лукаку бидејќи лично сметам дека сè уште не е во онаа прва класа светски напаѓачи, но можам да кажам дека тој е одличен голгетер, класичен шпиц кој сигурно ќе постигнува голови земајќи ги предвид брзината и техниката на играчите кои се околу него. Линделоф исто така делува како одличен играч и се надевам дека ќе формира партнерство со Ерик Бајли.

11. Кој мислиш дека би можел да биде најголемата пречка до титулата од англиската Премиер лига доколку бидеме при самиот врв на табелата како што се очекува?

– Експертите и аналитичарите нè сместуваат во ист круг со Челзи и Сити и навистина мислам дека тие ќе бидат при врвот, притоа потрошија повторно големи суми и ќе донесат сигурно 4 – 5 нови играчи. Челзи беа одлични минатата сезона и очекувам да продолжат со истото темпо, но дали Мората кој им беше втор избор за засилување по Лукаку ќе ја заврши задачата која ќе му биде поставена? Сити имаа лоша сезона во споредба со претходните години, но Пеп се обидува да го поправи тоа со потрошени 100+ милиони фунти само на одбраната, а не смееме да го изоставиме и квалитетот во нападот. Покрај сè не можам да кажам дека било кој од Ливерпул, Арсенал и Тотенхем ќе бидат вистинска закана бидејќи ниту едни од нив не ги гледам како посилни од минатата сезона.

12. Ние сме најтрофејниот клуб во англиската Премиер Лига и гиганти во Европа со три титули од Лигата на шампионите, доколку би морал да избереш трофеј кој би бил, тој од Премиер лигата или пак европската круна?

– Мојот избор е изречен, титулата во Англија со која дополнително ќе се зацврстиме на првата позиција како најтрофејни. Жозе и овој колектив треба да ја освојат, не само поради тоа што би се вратиле на врвот туку и да остават траг во историјата како успешен тим. Лигата секогаш ќе биде мојот број еден избор, врвот на задоволството, иако освојувањето на евопската круна ќе биде јаготката на шлагот. Жозе ги има освоено и двата трофеи и сигурно ќе цели на двата фронта. Убеден сум дека ќе дојде денот кога ќе го престигнеме Ливерпул како клубот од Англија со најмногу трофеи во Европа.

13. Дали некогаш си бил во Скопје и Македонија и дали со нетрпение го очекуваш дуелот против Реал Мадрид?

– Не! Ова е нова земја во која не сум бил и едвај чекам да тргнам на ова патување, исто така досега не сум бил ниту на еден европски Супер Куп со што ова ќе биде сега дел од мојата колекција.

14. Дали мислиш дека можеме да го победиме Реал Мадрид до трофејот од европскиот Супер Куп?

– Да, зошто да не, ги загубивме минатите финалиња од европскиот Супер Куп, но триумф над Мадрид (иако без Роналдо) ќе значи дека Манчестер Јунајтед се враќа и покажува сила. Се разбира дека ќе биде компетитивен натпревар за разлика од оној во САД, но задоволен сум од пријателските мечеви при подготовките.

15. Како ви се допаѓа нашата веб страна (www.manchesterismyheaven.com) и што мислиш претстојната Манчестер Јунајтед Фан Зона во Скопје?

– Секогаш е убаво да се запознаат фанови на Манчестер Јунајтед од целиот свет, преубаво си поминав во Москва пред неколку години со фановите од Русија кои исто така организираа сличен настан со што очекувам Манчестер Јунајтед фан зоната да биде одлична. Искрено со нетрпение чекам да го видам Скопје и да се запознаам со фановите на Манчестер Јунајтед од Македонија и ова е одлична шанса за тоа. Се надевам дека вашите читатели ќе уживаат во ова интервју!

16. За крај, дали со нетрпение чекаш да ги запознаеш фановите на Манчестер Јунајтед од Македонија?

– Едвај чекам! Голема благодарност до вас како веб страна и самите фанови во однос на проблемите со сместувањето кои ги имавме и самата фан зона. Со нетрпение челам да испијам по неколку пива со сите вас и се надевам на победа против Реал Мадрид!

Се надеваме дека ви се допадна интервјуто, ваше е да го облечете дресот на Манчестер Јунајтед да ги земете навивачките реквизити и да дојдете да се дружиме заедно со Џони Пенингтон и останатите навивачи на Манчестер Јунајтед како дел од фан зоната!

Коментари

коментари