Џеси Лингард продолжува да стрела за Брајтон додека Анџело Енрикез постигна гол за Сарагоса

Џеси Лингард повторно постигна гол за Брајтон додека Енрикез по враќањето на терените од повреда забележа асистенција и постигна гол. Прочитајте и за останатите играчи кои се на позајмица, изминатите недели беа плодни за нашите играчи.

Џеси Лингард откако ги постигна првите голови за Брајтон го предводи тимот и станува клучен играч со што Брајтон игра сè подобро. На натпреварот против Хадерсфилд каде Брајтон ремизираше 1 – 1 тој беше играчот кој најмногу се обидуваше да му помогне на тимот да стигне до победа но за жал не успеа. Со идентичен резултат Брајтон ремизираше со Блекпул и повторно Лингард не успеа да постигне гол иако видовме многу слична игра од него како на натпреварот со Хадерсфилд. На последниот натпревар конечно младиот Англичанец го скрши мразот по двата меча без гол и во 93 – та минута против Јеовил постигна гол со што беше избран за играч на натпреварот и ја завери победата од 2 – 0 за Брајтон. Моментално Брајтон се  наоѓа на 7  – та позиција и во последното коло игра против Нотингем Форест каде треба да победи и да очекува кикс на Ридинг или пак Виган за да избори пласман во плејоф мечевите. Џеси Лингард има три гола за Брајтон откако пристигна на позајмица во јануари.

Давиде Петручи не игра редовно за Чарлтон и тоа не е добро за неговиот прогрес како играч со што оваа позајмица може да се каже дека е неуспешна. На последниот дуел против Блекбурн тој влезе од клупата за резерви и одигра само осум минути што немаше време да промени нешто и Чарлтон загуби со 1 – 3. Чарлтон избори опстанок во Чемпионшип со денешната победа над Вотфорд.

Мајкл Кин игра за Блекбурн на десната бековска позиција иако тој е стопер, тој игра сосема солидно и на натпреварот против Јеовил му помогна на својот тим да не прими гол при што мечот заврши 0 – 0. Тој не настапи на мечот против Бирмингем кој неговиот тим го доби со 2 – 4 но на дуелот против Давиде Петручи и Чарлтон постигна гол во победата од 1 – 3. Блекбурн се наоѓа на 8 – та позиција позади Брајтон и се надева на место во плејофот но нивните шанси се минимални бидејќи им е потребна победа над Виган во последното коло со 7 – 0 бидејќи имаат слаба гол разлика.

Сем Џонстон е прв голман на Донкастер и најверојатно нивниот најдобар играч но тој не може да го предводи тимот сам до бодови бидејќи тие немаат добар напад и добра одбрана. Донкастер се наоѓа на бод од опасната зона а во последното коло тие играат против Лестер кој избори пласман во Премиер Лигата.

Ник Пауел во последниот период се наоѓа во послаба форма и тој влегува од клупата за резерви, тоа беше случај на мечевите со Ридинг и Блекпул додека против Барнсли не доби шанса како и на вечерашниот меч против Бирмингем. Виган се наоѓа на 5 – та позиција во Чемпионшип и ќе се бори за експресно враќање во Премиер Лигата.

Том Лоренс има одлична сезона, тоа го видовме додека беше и во Карлајл на позајмица а и во Јеовил. Против Блекбурн и Мајкл Кин тој беше играчот што се обидуваше да го промени текот на натпреварот но не успеа иако имаше неколку шанси за гол. На следниот меч протв Хадерсфилд тој успеа да постигне гол но Јеовил загуби со 1 – 2 со што значеше и дека тие ги губат шансите за опстанок во Чемпионшип. На последниот меч против Брајтон тие загубија со 2 – 0 и тоа беше крај на нивната авантура, Јеовил се наоѓа на последното место на табелата и во последното коло имаат само шанса да стигнат до 23 – та позиција на табелата што навистина нема да биде од никакво значење.

Вил Кин не добива повеќе шанси како на претходните мечеви за КПР но тоа се случува бидејќи тој сè уште нема постигнато гол за овој клуб со што игра во слаба форма. Тимот на Реднап го обезбеди своето место во плејофот и ќе се бори за враќање во Премиер Лигата, но шансите Вил Кин да учествува на овие дуели се минимални бидејќи со сигурност можеме да кажеме дека Реднап ќе сака искуство на овие мечеви.

Том Торп за Бирмингем игра редовно на стоперската позиција и го одигра целиот меч против Нотингем Форест додека Федерико Македа влезе од клупата за резерви но не успеа да постигне гол и Сините загубија со 1 – 0. Тајлер Блекет и Том Торп беа срцето на одбраната против Блекбурн но Сините загубија со 2 – 4 но и покрај тоа не можеме да кажеме дека беа виновни за ниту еден од примените голови. Македа го одигра целиот меч против Блекбурн како и Торп додека Блекет беше заменет на почетокот од второто полувреме. На последниот меч против Лидс нашите играчи повторно беа во тимот но Сините загубија со 1 – 3 што ги чинеше место во опасната зона, Федерико Македа на овој меч постигна почесен гол за својот тим.

Вилфрид Заха на мечот против Стоук за Кардиф одигра 30 минути и имаше неколку шанси но за жал не постигна гол. На последниот меч против Сандерленд тој влезе на полувремето во игра но немаше многу шанси бидејќи тимот на Солскер играше со играч помалку и загуби со 4 – 0. Кардиф го очекува тешка битка за опстанок бидејќи се наоѓа на последната позиција во Премиер Лига и потребни им се победи на следните мечеви а и Манчестер Јунајтед има шанси да му помогне на Солскер со победа против Сандерленд.

Сем Брн во Карлајл не е стартер и влегува од клупата за резерви и неговиот тим не бележи добри резултат со што се наоѓа во опасната зона но три бода ги делат од опстанок. Карлајл во третата англиска лига не игра добро по заминувањето на Том Лоренс.

Џек Бармби кој настапува за Хартлпул е во одлична форма и постигнува голови за својот тим. На дуелот против Бартон тој одигра само 22 минути и Хартлпул загуби со 3 – 0 но против Моркамб исто така влезе од клупата за резерви и го постигна победоносниот гол за својот тим со што тие победија со 2 – 1.

Џек Бармби постигна уште еден гол за Хартлпул во ремито против Плимут каде беше стартер и одигра 81 минута. Тој постигна два фантастични погодоци за својот тим и најверојатно ќе ги спаси и тие ќе останат во четвртата англиска лига.

Марник Вермајл е еден од најдобрите десни бекови во Холандија но едноставно НЕЦ се наоѓа на претпоследната позиција со минимални шанси за опстанок по поразот од 5 – 2 од Твенте. Белгиецот на тој натпревар одигра 52 минути.

Анџело Енрикез одигра 62 минути на последниот меч за Сарагоса против Гирона и тие загубија со 2 – 0. Чилеанецот на овој меч имаше неколку шанси за гол кои не успеа да ги искористи. Откако се врати на терените Енрикез успеа да постигне еден гол и да забележи една асистенција со што покажува дека да не беше повредата тој ќе беше редовен стрелец за шпанскиот тим. Сарагоса се наоѓа на 13 – та позиција во втората шпанска лига.

Андерсон на последните мечеви за Фиорентина остана на клупата за резерви но неговиот тим бележи добри резултати и се наоѓа на 4 – та позиција на табелата во Серија А каде се надева дека ќе се случи чудо и ќе успее да стигне до 3 – та позиција која носи во квалификациите за Лигата на шампионите.

Бебе на последниот меч за Пакош Фереира не постигна гол и тоа е дури чудно за него но тој има шанса да постигне следен гол веќе во недела против Рио Аве.

Претстојниот викенд се игра последното коло во Чемпионшип со што ќе се знаат патниците во плејофот и некои од нашите играчи ќе ги одиграат последните мечеви за своите тимови. Следете нè за последното коло од Чемпионшип и останатите играчи кои се на позајмица во останатите лиги.

Коментари

коментари