Џејмс Вилсон постигна маестрален хет – трик за победа против Волците

На вчерашниот натпревар против Вулверхемптон успеавме да оствариме победа благодарение на хет – трикот на Џејмс Вилсон во второто полувреме, ова е четврта победа во низа за У21. 

Тимот на Ворен Џојс вчера имаше гостување кај Вулверхемптон на стадионот Молину каде настапува и првиот тим на Волците. Тоа беше и дополнителен мотив за играчите да победат на овој натпревар бидејќи играа на еден голем стадион на кој пред неколку сезони се играше и премиерлигашки фудбал. Како што знаете Мајкл Кин во текот на минатата недела замина на позајмица во Блекбурн и во У21 тимот нема ниту еден класичен стопер бидејќи Том Торп се врати од Бирмингем и се рехабилитира од тешката повреда. Поради овие проблеми Чарни Екангамен кој е на позајмица не настапи на последниот натпревар за Карлајл и беше повикан да игра против Вулверхемптон пред повторно да се врати во Карлајл. На вчерашниот натпревар успеавме да победиме со само еден стопер во тимот и тоа Патрик МекНер кој го имаше дебито за оваа категорија во Премиер Лигата. Најзаслужен играч за победата беше напаѓачот Џејмс Вилсон кој се врати по неколку меча пауза поради настинка и постигна маестрален хет – трик во второто полувреме за конечни 0 – 3.

 

XI: Амос, Варела, МекНер, Екангамен, Џејмс, Ротвел, Пирсон, Јанко, Переира (Вир 65′), Раули и Вилсон (Кехинде 85′).

Како и на претходните натпревари така и на овој тимот беше составен од млади играчи од У18 категоријата. На вчерашниот натпревар деби имаше и 16 годишниот Тосин Кехинде кој настапува за У16 тимот. Но и покрај тоа овој тим игра сосема солидно и остварува позитивни резултати, ова е четврта победа во низа и полека Џојс ги вклопува играчите и создава респектабилен состав од млади играчи. За разлика од нашиот млад тим во Вулверхемптон играа далеку постари и поискусни играчи, како пример ќе го земеме Џејми Охара (на сликата погоре со Бен Пирсон) кој е поранешен играч на Тотенхем и има 27 години. По ова слободно можеме да кажеме дека победата е навистина успех за Ворен Џојс и играчите.

Џејмс Вилсон е во одлична форма сезонава и на 21 меч има постигнато дури 19 голови што е една импозантна бројка бидејќи играше за сите млади категории (У18, У19 (Лига на Шампиони) и У21). Ова е воедно и прв хет – трик за еден играч на клубот во сите категории оваа сезона, ниту еден играч досега не успеа да постигне три гола, Џејмс Вилсон е првиот.

Чарни Екангамен настапи за У21 иако тој е на позајмица во Карлајл. Правилата дозволуваат матичниот клуб да го повика назад играчот да игра за младиот тим доколку тој не настапил за клубот во кој е на позајмица.

Со оваа победа тимот се искачува на 5 – та позиција на табелата но има ист број на бодови со Манчестер Сити и Челзи кои се четврти односно трети на табелата. Но нашиот тим има и еден заостанат натпревар и со победа на тој натпревар ќе се искачи дури на втората позиција и ќе заостанува само бод зад првопласираниот тим на Фулам. Ова се одлични вести бидејќи првите четири тима продолжуваат во плејоф фазата и тоа е можност за одбрана на титулата.

Следниот натпревар се игра на 17 – ти март против Болтон, ова е меч на кој исто така треба да очекуваме победа. Мечот е во рамките на Ленкшир Купот каде исто така го браниме трофејот.

Коментари

коментари