Давид Де Геа и Хуан Мата посакуваат одбрана на титулата во Бразил

Шпанија со Де Геа и Мата ќе настапи на мундијалот во Бразил и тие се надеваат на втора ѕвезда на црвениот дрес по крајот на првенството.

Црвената Фурија со Висенте дел Боске денес важи за најдобрата репрезентација во овој спорт. Тоа не е случајност бидејќи тие се европски и светски шампиони, притоа минатата година на Купот на Конфедерации стигнаа до финалето каде беа поразени од домаќинот Бразил. Ваквиот расплет на настаните ја прават оваа селекција најголем фаворит за освојување на Светското Првенство заедно со репрезентацијата на Бразил. Откако на чело на Шпанија пристигна Висенте дел Боске тој негува мешавина од фудбалот на Барселона и Реал Мадрид но за овој мундијал тој ќе вметне и дел од играта и мотивацијата на Атлетико Мадрид, новиот шампион во Ла Лига. За време на квалификациите Шпанија немаше ниту еден пораз и беше една од најуспешните репрезентации, тие завршија пред Франција во својата група со што избегнаа играње на бараж дуели за разлика од Триколорите. Тие ја имаа и најдобрата одбрана во европските квалификации бидејќи примија само три погодоци додека постигна 14.

Како што знаеме, на последното Светско Првенство оваа репрезентација ја совлада Холандија во финалето во продолженија со голот на Андреас Иниеста и првпат во историјата го подигна трофејот и го понесе приматот светски шампион. Со овој трофеј сега ќе ја гледаме Шпанија со една ѕвезда на својот дрес и тие ќе атакуваат на втора титула во низа како што беше случај на европските првенства. За разлика од минатиот мундијал Висенте дел Боске сега се одлучи да внесе свежина во својот тим со млади играчи бидејќи веќе постарите губат здив и се на залезот од својата кариера. Затоа во овој тим сега е и играчот од средината на Атлетико Мадрид, Коке, кој имаше фантастична сезона и се смета за наследникот на Чави во Шпанија. Тука е и нашиот голман Давид Де Геа кој избори место во репрезентацијата откако Виктор Валдез заработи тешка повреда. Во оваа репрезентација ќе се најдеше и Тиаго Алкантара од Баерн Минхен но тој е повреден и ќе го пропушти мундијалот. Во овој состав нема место и за младата ѕвезда на Барселона, Жерар Делофеу, кој минатата сезона беше на позајмица во Евертон како и за младиот десен бек на Реал Мадрид, Даниел Карвахал, односно Алберто Морено од Севиља кој е пред трансфер во Ливерпул.

Голмани: Икер Касиљас (Реал Мадрид), Давид Де Геа (Манчестер Јунајтед), Пепе Реина (Ливерпул).

Дефанзивци: Серхио Рамос (Реал Мадрид), Раул Албиол (Наполи), Жерар Пике, Жорди Алба (Барселона), Хуанфран (Атлетико Мадрид), Хави Мартинез (Баерн Минхен), Цезар Азпиликуета (Челзи).

Среден ред: Серхио Бускец, Чави, Андрес Иниеста, Цеск Фабрегас (Барселона), Чаби Алонсо (Реал Мадрид), Коке (Атлетико Мадрид), Санти Казорла (Арсенал), Хуан Мата (Манчестер Јунајтед), Давид Силва (Манчестер Сити).

Напаѓачи: Диего Коста (Атлетико Мадрид), Педро (Барселона), Давид Виља (Њу Јорк Сити), Фернандо Торес (Челзи).

Давид Де Геа и Хуан Мата ќе бидат дел од Црвената Фурија која ќе патува за Бразил.

Нашите репрезентативец Давид Де Геа и Хуан Мата ќе имаат различна улога на овој мундијал. Како прв голман на Црвената Фурија повеќе од сигурно ќе биде Икер Касиљас кој е неприкосновен во оваа репрезентација. Де Геа би ја чекал својата шанса од клупата за резерви заедно со Реина. Давид од овој мундијал ќе има одлична шанса да акумулира дел од искуството на Касиљас и сигурно ќе се врати како подобар голман тренирајќи со Икер кој е еден од најдобрите голмани во светот. За разлика од нашиот голман, Мата ќе има сигурна минутажа дали од првата минута или пак од клупата за резерви не се знае. Првата полусезона во Челзи не беше добра за Мата но откако направи трансфер во нашиот клуб тој ја врати формата и постигнуваше голови и асистираше, затоа и се најде во тимот кој ќе патува за Бразил. Мата како конкуренција ги има Педро, Казорла, Силва и Коке кои ќе делуваат странично бидејќи Бускец, Чави, Алонсо и Иниеста ќе бидат дел од средниот ред.

Како најдобар играч на Шпанија би можеле да го издвоиме Серхио Рамос кој беше еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид оваа сезона ако не и најдобриот. Тој освен што играше добро во одбраната ги постигна и назначајните голови за Реал Мадрид против Баерн Минхен и во финалето против Атлетико Мадрид. Освен Рамос противниците треба да стравуваат и од новиот Шпанец, Диего Коста кој се одлучи да игра за оваа репрезентација бидејќи Фелипе Сколари не одлучи да го повика за Бразил. Тој имаше одлична сезона со Атлетико и сега се рехабилитира од повредата и има надеж дека тој ќе биде подготвен за мечевите на Шпанија. Тоа е всушност и единствената слаба точка во Шпанија бидејќи доколку не биде подготвен Диего Коста нема вистинска замена за него во Торес и Виља кои не се во добра форма со што најверојатно Фабрегас ќе игра како лажна деветка. Но за ова е виновен само Дел Боске и никој друг бидејќи имаше можност да го повика фантастичниот Фернандо Љоренте на местото на Торес или пак Виља кој дефинитивно повеќе заслужи место во селекцијата. Како опција го имаше и напаѓачот на Манчестер Сити, Алваро Негредо.

Шпанија се наоѓа во групата Б заедно со Холандија, Чиле и Австралија, тие се фаворити во оваа група и се очекува да бидат првопласирани но како што кажавме вчера Чиле и пред сè Холандија ќе бидат тешки противници за избраниците на Дел Боске. Црвената Фурија за разлика од минатиот мундијал можеме да кажеме дека сега е уште подобра бидејќи тие имаат квалитетен десен бек во Хуанфран и Азпиликуета а исто така Рамос е во животна форма. Средината е истата која сигурно ќе биде на ниво но сега имаат и расен напаѓач во Диего Коста. Тука е и одличната клупа и се разбира Висенте дел Боске кој е најзаслужен за успесите на Црвената Фурија. Заедно со Бразил тие се главни фаворити за освојување на трофејот, ова 14 – то првенство за нив се надеваат дека ќе биде успешно како и минатото и дека ќе ја одбранат титулата.

¡Vamos España!

Коментари

коментари