Црвените Ѓаволи се фаворити од сенка во Бразил

Белгија со фудбалерите од златната генерација се фаворити од сенка за претстојниот мундијал, се работи за една одлична млада и талентирана репрезентацијата која е само на почетокот.

Златната генерација на Белгија успешно се пласираше на мундијалите по 12 – ти пат откако се „прошета“ низ европските квалификации. Белгија беше во група токму со Македонија и имавме можност да ги гледаме Црвените Ѓаволи во Скопје. Како и во Белгија така и тука тие остварија победи и ги завршија квалификациите со 26 бода од можни 30 што е еден навистина фантастичен успех. Тие во квалификациите примија само четири погодоци на десет натпревари што зборува за цврстината во нивната одбрана. Но освен добрата одбрана Белгија е одлично покриена на сите позиции. Марк Вилмоц кој е моментално селектор на оваа репрезентација играше на последниот мундијал на кој настапи и неговата земја, тоа беше во далечната 2002 – ра година. Оттогаш Белгија не знае за пласман на мундијалите и тие по 12 години се враќаат на големата сцена.

Селекторот Марк Вилмоц имаше слатки главоболки за тоа да избере кои играчи ќе патуваат во Бразил бидејќи се работи за една од најталентираните репрезентации во фудбалот денес, заедно како што напоменавме пред неколку дена со Франција.

Голмани: Тибо Куртоа (Челзи), Симон Мињоле (Ливерпул), Сами Босу (Зулте Варегем).

Дефанзивци: Тоби Алдервирелд (Атлетико Мадрид), Лорен Симан (Стандард Лиеж), Винсент Компани (Манчестер Сити), Николас Ломберц (Зенит), Даниел ван Бујтен (Слободен играч), Антони Ванден Боре (Андерлехт), Томас Вермален (Арсенал), Јан Вертонген (Тотенхем).

Среден ред: Насер Чадли, Муса Дембеле (Тотенхем), Стивен Дефур (Порто), Аксел Витсел (Зенит), Маруан Фелаини (Манчестер Јунајтед), Кевин Де Брујн (Волфзбург), Кевин Мираљаш (Евертон), Еден Азар (Челзи), Дрис Мертенс (Наполи).

Напаѓачи: Ромелу Лукаку (Челзи), Аднан Јанузај (Манчестер Јунајтед), Дивок Ориџи (Лил).

Иако составот погоре на Белгија е одличен недостасуваат неколку играчи кои ќе го направеа уште подобар. Првата таква личност е десниот бек Жиље кој беше одличен во квалификациите но едноставно немаше место во тимот за него. Во средниот ред недостасува извонредниот играч од средниот ред на Рома, Раџа Наинголан кој исто така се очекуваше да се најде на списокот но неговото место го презеде Стивен Дефур од Порто. И на крај Белгија е најтенка во нападот бидејќи како класичен напаѓач го имаат само Ромелу Лукаку затоа што Кристијан Бентеке го пропушта мундијалот поради тешка повреда. Доколку и Бентеке беше фит Белгија ќе имаше уште посилен напад.

Како што можете да забележите Маруан Фелаини и Аднан Јанузај се наоѓаат во конечниот тим на белгиската репрезентација. Фелаини е одличен за Белгија на сите мечеви досега и сосема заслужено тој е стартер во оваа репрезентација. Во текот на квалификациите и на пријателските мечеви тој игра во средниот ред каде врши ротација на позициите со Витсел, Дембеле и Де Брујн и сега селекторот Вилмоц ќе мора еден од овие играчи да жртвува и да го остави на клупата. Најверојатно тоа ќе биде Дембеле од Тотенхем додека останатите тројца ќе играат од првата минута. Фелаини имаше и има клучна улога во оваа репрезентација. За разлика од него Јанузај пред одреден период се одлучи да настапува за Црвените Ѓаволи и беше повикан да дебитира за оваа репрезентација, тоа се случи против Луксембург но подоцна ФИФА го поништи тој меч поради направени прекумерен број на замени. Јанузај конечно дебитираше за Белгија на последниот пријателски меч против Тунис. Се очекува Јанузај да има епизодна улога во Бразил но можеби ќе добие шанса од клупата за резерви, во секој случај ова е огромно искуство за Аднан. Покрај овие играчи од Белгија за младите селекции играат и нашиот десен бек Марник Вермајл како и играчот од средниот ред Чарни Екангамен.

Јанузај официјално дебитираше за Белгија на последниот меч против репрезентацијата на Тунис.

Црвените Ѓаволи играат во групата Х заедно со Русија, Алжир и Јужна Кореја. Од Белгија се очекува да завршат првопласирани во оваа група и да поминат лесно во нокаут фазата иако Русија е една прилично силна селекција. Доколку Белгија заврши како првопласирана најверојатно ќе игра со Германија или пак Португалија од кои се очекува да бидат на првите две позиции во групата Г. Тие во 1/8 финалето ќе имаат тешка задача но овој колектив на Белгија е подготвен да се надигрува со било која репрезентација бидејќи се работи за фантастични играчи желни за докажување на големата сцена. Како најдобар играч на Белгија би можеле да го издвоиме Еден Азар кој покажува дека има огромен талент и може да го достигне нивото на најдобрите фудбалери во светот. Тука не заостанува ни голманот Куртоа со капитенот Компани како и напаѓачот Лукаку. Белгија притоа има еден од најдобрите средни редови составен од Дембеле, Де Брујн, Витсел и Фелаини.

Со право може да се каже дека ова е златната генерација на Белгија. Толку млади талентирани играчи собрани во една репрезентација немаме видено одамна а сега тоа е случај со Белгија но и со Франција како што кажавме пред неколку дена. Почнувајќи од голманот Куртоа па сè до средината и нападот оваа репрезентација е покриена на сите позиции и има квалитет далеку да стигне на овој мундијал. Единствен проблем на оваа репрезентација може да биде воиграноста но тие на квалификациите покажаа дека се одлично воиграни и подготвени за мундијалот. Од оваа репрезентација на Белгија се очекуваат големи нешта а првата задача ја исполнија, тоа беше да се пласираат на првиот мундијал по 12 години. Сега за нив следи да имаат успешно првенство и потоа да играат квалификации за Европското Првенство во 2016 – та година. Иако оваа генерација на Белгија за првпат ќе се појави на еден голем настан како ова Светско Првенство тие го надополнуваат недостатокот на искуство со преголемото количество на талент и квалитет. Ова е можеби најдобрата фудбалска генерација во историјата на оваа земја.

Коментари

коментари