Антонио Валенсија ќе го предводи Еквадор во Бразил

Еквадор со Валенсија ќе игра во Бразил за својот пријател и тие се надеваат на повторување на историскиот успех од мундијалот во 2006 – та година кој се одржа во Германија.

Еквадор за трет пат во својата историја ќе настапи на светските првенства откако тие успешно ги поминаа квалификациите во Јужна Америка. Еквадор имаше прилично тешка задача да ги помине квалификациите бидејќи се соочија со тешки противници како Аргентина, Колумбија, Чиле, Парагвај и Уругвај но тие успеаја да изборат пласман на мундијалот во Бразил. Еквадорците за време на квалификациите ги поминаа сите фудбалски пречки успешно но една трагична смрт беше потешка да се преброди од сите порази и ремија. За време на квалификациите напаѓачот Чучо Бенитез почина во сообраќајна несреќа и неговата смрт ги погоди сите играчи. Најпогоден беше нашиот играч, Антонио Валенсија кој беше најблизок со Бенитез и тие беа долгогодишни пријатели. На Валенсија му беше даден слободен период од клубот и да замине во Еквадор за да ја преброди кризата и да се помири со смртта на својот најдобар пријател. Со истата ситуација се соочија и голем дел од останатите играчи од репрезентацијата, но неговата смрт се очекува да биде искористена како мотив од оваа репрезентација која ќе ги катапултира во нокаут фазата во Бразил.

Последен пат Еквадор на мундијалите настапи во 2006 – та година во Германија кога успеаја да ја поминат групната фаза и за жал во 1/8 финалето загубија од Англија со 1 – 0. На следниот мундијал во Јужна Африка, не учествуваа бидејќи не изборија пласман за само еден бод и тие сега повторно целат кон успехот од 2006 – та година. Од тоа првенство во оваа репрезентација останаа само малку играчи меѓу кои е и Валенсија кој сега е капитен и ќе го предводи Еквадор во Бразил. Останатите играчи се дел од домашното првенство и од неколку европски тимови.

Голмани: Александер Домингез (Лига де Кито), Максимо Бангера (Барселона), Адриан Боне (Ел Национал).

Дефанзивци: Габриел Акилие, Оскар Багуи, Хорхе Гвагва (Емелек), Валтер Ајови (Пачука), Фриксон Еразо (Фламенго), Хуан Карлос Паредес (Барселона).

Среден ред: Сегундо Кастиљо (Ал Хилал), Карлос Груецо (Штудгарт), Ренато Ибара (Витезе), Фидел Мартинез (Тихуана), Едисон Мендез (Санта Фе), Кристијан Нобоа (Динамо Москва), Луис Саритама (Барселона), Антонио Валенсија (Манчестер Јунајтед).

Напаѓачи: Хаиме Ајови (Тихуана), Фелипе Каиседо (Ал Џазира), Џеферсон Монтеро (Морелиа), Џоао Рохас (Круз Азул), Енер Валенсија (Пачука), Михаел Аројо (Атланте).

Луис Антонио Валенсија има тетоважа на рамото за својот пријател Бенитез и тој секој гол го посветува на овој играч кој загина во сообрајна несреќа.

Најдобриот играч на Еквадор е Антонио Валенсија кој воедно е исто така и капитен на оваа репрезентација. Тој во изминатата сезона беше просечен во Манчестер Јунајтед но за Еквадор беше одличен и нивен најдобар играч. Мотивацијата од смртта на неговиот пријател ја искажуваше на најдобар можен начин со голови и асистенции за репрезентацијата со што му помогна на Еквадор да се пласира на мундијалот. Тој игра на десната крилна позиција но кога игра за Еквадор се случува да се најде и во средниот ред на одреден период со што го проигрува напаѓачот Фелипе Каиседо. Валенсија е фантастичен играч кој е одлично физички подготвен и секогаш го остава срцето на теренот кога игра за својата репрезентација или пак Манчестер Јунајтед. Исто така многу се очекува и од Валтер Ајови и Кристијан Нобоа кои се искусни играчи и играа клучна улога во квалфикациите. Додека Валенсија делува на десната крилна позиција од другата страна Џеферсон Монтеро ја копира неговата игра и има сличен придонес. Најсилното оружје на Еквадор се брзите крилни играчи и масивниот Каиседо во нападот.

Еквадор игра во групата Е заедно со Франција, Швајцарија и Хондурас. Како што напоменавме вчера тука се очекува Франција да биде првопласирана и најверојатно Еквадор и Швајцарија ќе се борат за втората позиција. На Еквадор ќе му бидат потребни победи против младата и силна Швајцарија но и против Хондурас. Тие сигурно нема да се предадат и против Франција и ќе се борат до последниот судиски свиреж. Еквадор има доволно квалитет да ја помине групната фаза но доколку тие се пласираат понатаму најверојатно ќе се сретнат со моќната Аргентина и тука ќе биде крајот на мундијалот за нив. Доколку се оствари ова сценарио Еквадор ќе биде презадоволен од својот настап на мундијалот.

По репрезентацијата на Бразил, Еквадор ќе најмотивираната селекција за успех на овој мундијал бидејќи  тие ќе играат за својот соиграч и пријател Чучо Бенитез кој доколку беше жив ќе беше клучен играч за нив на овој мундијал. Тие нема да се предадат на ниту еден дуел и сите голови ќе му ги посветат на својот пријател.

Коментари

коментари